Научната фантастика го третира времето преку континуитетот на свеста. Станува збор за претежно феноменолошка идеја, чија основна теза е дека идентитетот на една личност се гради преку континуитетот на свеста, што од една страна значи сведочење, а од друга страна создавање меморија.
Но, иако површно гледано, сеќавањето е централната тема на научнофантастичните филмови и луѓето што губат меморија стануваат ликови без идентитет што се обидуваат да разберат што се случува со нив, се обидуваат да се сетат кои се и, најважно, зошто се баш каде што се. Во најголем дел од научнофантастичните филмови тие се будат во вселената и дознаваат дека се на некоја важна експедиција. Таков е примерот на „Патници“ (Passengers 2016).
Но под површината на научната фантастика како жанр што го третира прашањето на континуитетот на свеста, меморијата и сеќавањето, се крие посуштинска тема преку која се разработуваат поопшти концепти како време, слобода и идентитет, а тоа е проблемот на заборавањето. Впрочем, научната фантастика не го третира проблемот на заборавањето како нихилистички акт на идентитетот, туку како акт на слобода.
Покрај филозофски концепти, во научната фантастика проблематизирањето на заборавањето како активен процес се третира и преку низа психолошки концепти. На пример, Ебинхаус тврди дека заборавањето е активен процес како и меморијата. Човечкото когнитивно е создадено да ги „брише“ оние податоци што не се нужни или се покажале како неупотребливи со цел да создава нов простор за учење. Кај Ебинхаус, заборавањето всушност е активен процес благодарение на кое е овозможено учењето или создавањето нова меморија.
Кај Фројд, заборавањето не е само прашање на когнитивна систематика туку е психолошки инициран процес. Искуствата што создале силни трауми кај поединецот, обично поврзани со трауматски искуства во детството, ги потиснуваме во нашето несвесно, односно ги забораваме, за да можеме да го заштитиме нашето его (односно нашето јас), кое е една од основните компоненти на психолошкиот идентитет кај човекот.
Во филозофијата, пак, Ниче го смета заборавањето како одраз на поединечна сила. Тој вели дека преку заборавањето човекот се чисти од непотребните искуства, гради нови и станува чисто платно на кое можат да се обликуваат нови искуства. Без заборавањето човекот би бил заробен во бесконечната болка од минатото. Кај Ниче, заборавањето не само што е термин синонимен со оптимизмот и надежта туку е и акт на слобода. Токму благодарение на заборавањето, човекот има моќ слободно да го обликува, да го гради и да го избира сопствениот идентитет.
Кај Фуко, заборавањето, пак, е тесно врзано со контролата. Доколку заборавањето се препушти на екстерни субјекти на моќ, кои ќе можат да контролираат што забораваме, човекот целосно ќе ја изгуби слободата. Затоа, според Фуко, е неопходно заборавањето да биде спонтано, во спротивно државата преку своите механизми на контрола може да иницира и да селектира што забораваме и на тој начин од нас да прави големи послушници. Тука силно влијание игра симулакрумот на маркетингот, кој има задача да продуцира потреби, но и државата, која преку пропаганда шири вредности и приоритети, како и воспитните институции, кои создаваат навики и слично.
Оттаму, научната фантастика не го слави сеќавањето како гаранција за идентитет, туку заборавањето како неопходен услов за слобода, повторно создавање и можност за нов почеток на човековата свест.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов


































