Павел Шафарик

Одбележување 165 години од смртта на чешкиот и словачки лингвист Павел Шафарик со навраќање кон неговото научно творештво посветено на македонскиот јазик

  • Со својата севкупна научна дејност, Шафарик дава научни докази дека коренот на јазикот на македонските браќа Кирил и Методиј потекнува од македонското поднебје, од Солун. Изнесувајќи палеографска анализа на глаголицата како прво и автентично писмо, создадено од Константин Филозоф (Кирил), Шафарик ја потврдува македонско-словенската географска и јазична основа на Кирило-методиевата глаголица. Денес, на 26 јуни, кога се навршуваат 165 години од смртта на Шафарик (13 мај 1795 – 26 јуни 1861), овој момент не можеше да биде посоодветен повод за навраќање кон неговото научно творештво и особено кон придонесот за живата и непрестајна историја на македонскиот јазик, од неговата прадревност до денешни дни. Тој е несомнено и еден од раните странски македонисти

Историскиот документ, Македонскиот (Струмички) апостол, македонски ракопис од 12-13 век и моќно сведоштво за древната етничка, идентитетска и јазична самобитност на македонскиот народ, е темелно испитуван од истакнатиот словачки и чешки филолог и етнограф, писател и историчар Павел Јозеф Шафарик во 1853 година.
– Македонскиот или Струмичкиот апостол… јазикот на кој е напишан овој споменик е чисто македонско-словенски, и тоа од она време, кога стариот црковен јазик почнал да се менува во народен – запишува Шафарик во својата студија „Споменици на глаголската писменост“ во 1853 година за овој драгоцен македонски ракопис, кого го означува самиот токму како „книжевен споменик“. Со тоа Шафарик научно аргументирано сведочи за постоењето на македонскиот јазик од пред 173 години.
Со својата севкупна научна дејност, Шафарик дава научни докази дека коренот на јазикот на македонските браќа Кирил и Методиј потекнува од македонското поднебје, од Солун. Изнесувајќи палеографска анализа на глаголицата како прво и автентично писмо, создадено од Константин Филозоф (Кирил), Шафарик ја потврдува македонско-словенската географска и јазична основа на Кирило-методиевата глаголица. Денес, на 26 јуни, кога се навршуваат 165 години од смртта на Шафарик (13 мај 1795 – 26 јуни 1861), овој момент не можеше да биде посоодветен повод за навраќање кон неговото научно творештво и особено кон придонесот за живата и непрестајна историја на македонскиот јазик, од неговата прадревност до денешни дни. Тој е несомнено и еден од раните странски македонисти. Негови најзначајни дела се: „Историја на словенскиот јазик и литература на сите наречја“, „Словенски древности“, „Словенска етнографија“ и други.
Претходно, во 1837 година во Прага, Шафарик ги изнел, критички ги обработил и ги публикувал житијата на македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј (познати и како „Панонски легенди“) во своето капитално дело „Светите Константин и Методиј“. Ова научно дело претставува еден од столбовите на современата кирилометодиевистика, каде што Шафарик за првпат на научната јавност ѝ ги претставува целосно зачуваните словенски текстови на житијата, докажувајќи ја нивната исклучителна историска и филолошка вредност. Тој ја докажува историската точност на „Житијата“, нагласувајќи дека тоа се автентични ракописни споменици, напишани веднаш по смртта на самите просветители (IX век) од нивните непосредни ученици во Моравија и Панонија, а не дека се некакви „доцни митови“.
Почитувајќи го строгиот палеографски и критички метод на анализа, во ова дело Шафарик не се впушта во одредувањето на етничката припадност на Кирил и Методиј, ниту дека биле Бугари, ниту дека јазикот нивен бил бугарски. Тој многу повеќе оперира со одредница „словенски“. Дури потоа, откако ќе го истражи и Македонскиот (Струмички) апостол, овој чешки и словачки палеославист ќе започне веќе категорично и прецизно да ја користи етничката, јазична и идентитетска одредница „македонско-словенски“ околу дејноста на двајцата македонски браќа Кирил и Методиј и на истражуваните црковни македонски ракописи.

„Споменици на глаголската писменост“ – уште едно научно дело што сведочи за многувековното постоење на македонскиот јазик и култура

„Македонскиот (Струмички) апостол е ракопис со околу 88 листа и е пишуван кон крајот на 12 или на почетокот на 13 век“, има посочено Павел Јозеф Шафарик на страница 12, оддел 5, во своето научно дело „Споменици на глаголската писменост“, објавено во 1853 година. Овој писмен споменик на старословенскиот и македонскиот јазик и на старословенската и македонската култура, пишуван со старословенско кирилско писмо и кој содржи архаична дијалектна македонска лексика (зборови), добива немерливо значење, особено денес, кога бугарските политичари, пратеници во Европскиот парламент и бугарски „научници“ се обидуваат по секоја цена да му „залепат“ на македонскиот јазик временска етикета дека е современ и со тоа да издејствуваат „европски парламентарен печат“ дека јазикот на Кирил и Методиј, на Свети Климент и Наум, на Ѓорѓи Пулевски, на Крсте Мисирков и Блаже Конески, е поправо „новосоздаден“ во 1944/1945 година, без да има историски корени во подалечното минато.
Овој средновековен ракопис, еден од огромната бројка на такви македонски ракописи од раното средновековие, е беспоговорен показ и доказ за засебноста на македонскиот јазик и народот македонски, кој го говорел и го говори и денес. Македонскиот или Струмичкиот апостол уште од пред 800 години сведочи за апсурдноста и бесмисленоста на денешните бугарски фалсификати околу карактерот и потеклото на македонскиот јазик.
Македонскиот (Струмички) апостол oд 12-13 век е напишан на пергамент од 88 листа, со формат 24х17 сантиметри. Околу 1830 година ракописот попаднал во збирката на Павел Шафарик, кога го набавил при својот престој во Нови Сад. Наречен е според македонскиот град Струмица. Струмичкиот апостол е наречен македонски според јазикот на кој е направен тој препис. Препишувачот слабо го познавал стандардниот словенски јазик и пишувал на говорен јазик, а со тоа го открил карактерот на македонскиот јазик од 12 век. Во воведот на своето дело „Споменици на глаголската писменост“ од 1853 година, Шафарик кратко го опишува ракописот и многу јасно и прецизно го означува јазикот како македонски, на кој е напишан. Шафарик констатира дека до тој момент немал сретнато таква лексика (зборови). На крајот има календар (месецослов) со словенски имиња на месеците.
Апостолот е напишан со неуредна кирилица. Ја оддава употребата на јазикот од некој провинциски југоисточен македонски книжевен центар, на што укажуваат правописно-јазичните особености. Според употребата на архаичната лексика, Македонскиот (Струмички) апостол му е близок е на Охридскиот апостол. Според содржинската структура, е систематизиран во два дела: Дела на светите апостоли и Посланија на апостолите. Ракописот на Македонскиот (Струмички) апостол го проучувале и други видни странски лингвисти, вклучувајќи ги Вацлав Вондрак, Исмаил Срезневски, Н.В. Воскресенски, Пјотр Лавров, Јефим Карски, Јозеф Курц и други. Чешкиот лингвист Јиржи Поливка во 1887 година напишал и опширен труд за ракописот под наслов „Палеографски, граматички и критички особености во Македонскиот праксапостол“.
Постарите проследувачи на овој споменик на македонската и словенската јазично-писмена традиција сметаат дека е препис од друг ракопис на глаголица. Тој нуди богат јазичен материјал за дополнување и уточнување на историјата на македонскиот јазик. Денес се чува во Народниот музеј во Прага (Чешка) под ознаката „Шафариков Македонски апостол“.

Свето Тоевски