Фото: МДТ

Веќе 95 институции се поврзани преку Платформата за интероперабилност, информира министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Според него, бројот на трансакции преку платформата во јули достигнал 3,5 милиони, што претставува зголемување од 130 проценти во споредба со истиот период минатата година.

 – Податоците треба да се движат, не граѓаните. Ако државата веќе има одреден податок, нема причина повторно да го бара од вас на шалтер – посочува Андоновски  во објава на Фејсбук.

Тој нагласува дека целта на дигитализацијата не е само техничко поврзување на институциите, туку граѓаните реално да ја почувствуваат разликата при користењето на услугите.

 – Помалку документи. Помалку чекање. Помалку бирократија. Тоа е дигитализацијата што сакам да ја изградиме: државата да ја завршува работата зад системот, а граѓанинот да ја добие услугата – наведува министерот.

Платформата за интероперабилност овозможува електронска размена на податоци меѓу институциите, со цел граѓаните да не мора повеќепати да доставуваат информации со кои државните органи веќе располагаат.