Иднината на нацијата бара и образовани човечки ресурси

Воведувањето нови испити нема да го подобри образованието во Македонија и наместо да се работи на нови програми, на подобрување на знаењето и вештините на образовниот кадар, надлежните предлагаат фасадни, пардон, законски измени со воведување нови испити за средношколците, односно матурантите што сакаат да го продолжат своето академско образование

Експертите досега неколкупати нагласуваа дека се потребни суштински реформи во целиот образовен процес, односно во основните и средните училишта, како и во високото образование. Но, рака на срце, не треба да се биде воопшто некаков експерт за да се констатира дека македонските основци, средношколци и студенти на крајот на својот циклус од образование немаат ниту задоволително ниво на знаење и вештини.
Да потсетиме. Последните резултати од тестирањето на ПИСА повторно покажаа дека македонското образование не се движи во вистинската насока, со што на најдобар начин паднаа во вода и илузиите дека нашето образование има вистински квалитет. Имено, последното тестирање од страна на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) на 15-годишниците од 81 светска држава и провинции, како и во минатите години, потврди дека македонските ученици се во групата на држави со најлоши резултати во неколку суштествени области, области што се значајни за образовниот развој на децата и тинејџерите, но и за општествениот и економскиот развој на македонската држава. Последните тестови на ПИСА покажаа дека Македонија се најде на 62-то место по математика, на 72-то место во читање и на 69-то место по наука, оттука досегашните укажувања на експертите и познавачите на состојбите дека образованието не се движи во вистинската насока добија дополнителен аргумент.

Значи, уште еден силен сигнал дека образованието плаче за промени. И добро е што образовните власти се сетија или ги прифатија аргументите дека таму нешто не чини. Но, не чини од системски аспект, а не козметиката. Зарем воведувањето матурски испити, а потоа и приемни ќе го донесе потребниот квалитет?! Тешко…
Воведувањето нови испити нема да го подобри образованието во Македонија и наместо да се работи на нови програми, на подобрување на знаењето и вештините на образовниот кадар, надлежните предлагаат фасадни измени, пардон, законски измени со воведување нови испити за средношколците, односно матурантите што сакаат да го продолжат своето академско образование. Според познавачите на состојбите и универзитетската фела, по почетната „строгост“, ќе се спуштат критериумите за полагање на овие испити, на начин што досега сме го виделе. Почитувани, со несуштински реформи, ненасочени кон квалитетот на знаењето што им се пренесува на учениците, 30 години систематски се уништува образованието во Македонија.
Доколку внимателно се анализира искажаното, неизбежен е заклучокот дека на македонското образование му се потребни длабоки, темелни реформи, со нов концепт, нови програми за образовниот кадар, на кои ќе работи сериозна квалификувана екипа, а во однос на високото образование дека се потребни испити за построга селекција на оние студенти што ќе продолжат со академско образование и оние што ќе се насочат на реалниот стручен сектор. Досега неколкупати беше посочено дека македонското образование се карактеризира со експанзија на непотребни програми и без соодветна анализа на потребите на пазарот на трудот.

На македонското образование му се потребни длабоки темелни реформи, со нов концепт, нови програми за образовниот кадар на кои ќе работи сериозна квалификувана екипа, а во однос на високото образование се потребни испити за построга селекција на оние студенти што ќе продолжат со академско образование и оние што ќе се насочат на реалниот стручен сектор

Со други зборови, државата не посветува доволно внимание на надградбата и развојот на учениците, како и на мобилноста на академските кариери и финансиската поддршка за истражувања.
Каде е решението? Познавачите на оваа проблематика посочуваат дека проблемот може да се реши со реформи во високото образование, пред сѐ, по финскиот теркот, иако можат да се извлечат интересни искуства и од германскиот или сингапурскиот образовен систем, како и од соработката и координацијата помеѓу државата и компаниите. Познавачите исто така посочуваат дека образованието мора да се усогласи и со потребите на бизнис-заедницата и компаниите. Образованието мора да биде приспособливо на технолошки развој и да има добри иновативни наставници што ќе создаваат и градат стручен кадар со соодветни вештини и знаења, кои ќе бидат препознаени на пазарот на трудот. Во тој контекст е т.н. дуален систем на образование, кое овозможува ефикасен начин на обезбедување практични вештини и компетенции што ѝ се потребни на македонската економија.
Од аспект на реформи на образованието, особено е интересен примерот со Сингапур, кој во изминативе години покажа дека образованието е еден од клучните елементи во развојот на секоја современа држава. Реформите во образованието Сингапур ги започна систематски, најпрво промените беа спроведени во основните и средните училишта, а на крајот во високото образование. Сингапур до неодамна имаше само еден универзитет, а тоа не беше случајно, имено откако завршија реформите во училиштата, дури тогаш се насочија кон високото образовани. Сосема е спротивен македонскиот пример, имено во изминативе триесет години обидите за реформирање на образованието се спроведуваат истовремено во основните и средните училишта, како и во високото образование. Во нашиот пример проблемот произлегува од тоа што државата ја губи и сосредоточеноста, а нештата уште повеќе се проблематизираат од недостигот од суштинска стратегија, стратегија околу која ќе се обединат сите општествени и политички фактори. Дека не постои општествен и политички консензус околу образованието покажуваат и примерите дека по промената на секоја власт во Македонија, реформите во образованието како да започнуваат од почеток и се губи секаков континуитет. Доколку сакаме македонските ученици да се искачат на тестовите на ПИСА, македонското општество има насушна потреба од усогласеност од сите општествени и политички чинители.