На почетокот на јули во земјава доаѓа еврокомесарката за проширување Марта Кос, која, според неофицијални информации, ќе разговара со македонскиот државен врв во врска со нон-пејперот лиферуван од германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Дали тој нон-пејпер конечно ќе стане официјален пејпер останува да видиме, но ако се следат сигналите од Брисел, многу веројатно е тоа да се случи брзо. Европската комисија, во насока на забрзување на процесот на проширување, реши да ги отвори одеднаш сите преговарачки поглавја со Украина и Молдавија. Овој патерн ќе мора да го следи и со земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, која во овој момент е подготвена не само веднаш да ги отвори сите преговарачки поглавја туку и веднаш да ги затвори, со оглед дека две децении тивко преговараме со ЕУ и веќе во најголем дел ги имаме исполнето сите услови и усогласено речиси сите закони.
Но, нејсе, она што е забележливо е дека во Брисел се подготвува сериозно чистење на инертните и закоравени тела што досега ја кочеа Унијата во сите правци, вклучувајќи го и процесот на проширување. Не случајно премиерот Христијан Мицкоски се врати од самитот во Тиват со еден куп оптимизам по средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. По срдечните фотки, кај нас веднаш се отвори дебата. Едни се прашуваат на што се должи овој оптимизам кога сè уште сме блокирани од сите страни, други, пак, се држат до ставот дека сè било некаков обичен пиар. Сега, откако легнаа импресиите, изгледа дека зад тој оптимизам се крие нешто многу поголемо, кое веќе се крчка зад кулисите на Европската Унија. Имено, се чини дека Франција и Германија решија да ја преземат целата контрола во свои раце и да им ги скратат крилјата на малите земји што постојано нешто уценуваат, блокираат, опструираат, тераат некоја своја анахрона политика и слично.
Грубо кажано, на Париз и Берлин им дојде прекуглава. Додека светот се соочува со војни во Украина и на Блискиот Исток, ЕУ стана предмет на потсмев и се перципира како целосно нерелевантен фактор, кој не може да донесе ниту една навремена одлука. Затоа Европа ја немаше на ниту една маса каде што се носеа суштински одлуки. Впрочем, не треба некој посебно висок ај-кју за да се сфати зошто е тоа така. Имено, вакви се работите затоа што досега важеше правилото „една земја, еден глас“. Тоа значи дека некоја мала држава, водена од свои внатрешни политички поени или историски комплекси, може да стави вето и да ја блокира цела Европа. Токму затоа на големите играчи им пукна филмот од оваа „емотивна дипломатија“, па решија да направат тивок дипломатски пуч.
Пред некое време и „Фајненшел тајмс“, повикувајќи се на информации од доверливи извори, излезе со текст во кој пишува дека Франција, Германија и уште две-три силни западноевропски земји прават планови за радикална реформа. Прва на тапет е Каја Калас, шефицата на европската дипломатија од Естонија. Наместо таа да ја води играта и да се фокусира само на источниот фронт и Русија, големите сакаат драстично да ѝ ги намалат надлежностите. Клучна цел на оваа внатрешна операција е Европа повеќе да не биде заложник на малите земји и нивните билатерални сметки.
Ова не е ништо друго туку таканаречено враќање на „реалполитиката“. Големите сили отворено си кажуваат дека ако веќе најголемиот финансиски и воен товар паѓа врз нивен грб, тогаш и тие ќе диктираат по кои ноти ќе свири „европската симфонија“. Од прва рака може да се забележи дека се создава еден неофицијален „директориум“ на моќните. Кога тие ќе се договорат во четири очи, одлуката едноставно ќе се спушти надолу како наредба, односно ќе се постапува по хиерархија. Не попусто ЕУ се милитаризира, па кога веќе формира војска каде што наредбите се следат по хиерархија, така ќе биде и во политичкиот дел, главните „команданти“ ќе ги даваат наредбите, „војниците“ ќе извршуваат. Малите земји членки веќе нема да бидат прашувани, туку само ќе треба да слушаат и да потпишуваат. Романтичната приказна дека во ЕУ сите се еднакви дефинитивно исчезнува во оваа 2026 година, така што дури и актуелните земји членки ќе ја изгубат алатката што им беше важна да уценуваат, а за идните членови воопшто и не станува збор. Тие само де факто ќе бидат полноправни членки, но де јуре ќе бидат без моќ да го злоупотребуваат членството за сопствени цели.
И пак некој ќе се најде тука и ќе праша што значи овој пуч внатре во ЕУ за Македонија. Ќе преживееме ли без уставни измени? Што е со протоколите, ќе отпадне ли барем еден? Гаранции дава некој? Година, две, три? Едно е сигурно, а тоа е дека ова е целосно нова реалност за нашите евроинтеграции. Прво, тоа значи дека клучот за нашата деблокада повеќе нема да се бара во Брисел, по лавиринтите на бирократите и еврокомесарите. Ако големите одлучат дека сме им потребни и дека е стратешки важно да одиме напред, малите земји од соседството нема да можат толку лесно да си играат играчки со вета и условувања.
Но уште поважно. Ние дома имаме редица работи да завршиме за да направиме пристојна држава. Кога одлучуваат големите, тие го гледаат само сопствениот интерес, а ние, бидејќи не сме големи, треба да си го гледаме нашиот интерес. Нашата дипломатија мора да биде исклучително паметна, да ги анализира овие нови трендови и да има подготвено сценарио за секој можен развој на настаните. Мора да бидеме подготвени за барањата што ќе ни ги испорачаат директно Париз и Берлин. Останува да се надеваме дека овие нови „газди“ во Европа ќе бидат принципиелни и дека ќе нè вреднуваат според реалните критериуми, а не според каприците на соседите. Играта станува груба, ама барем конечно ќе има правила и ќе знаеме со кого точно играме.

































