Додека чекам да почне третата светска војна

Јани Бојаџи

Како човек што ѝ верува само на емпиријата, сето она што го гледаме меѓу Македонија и Бугарија ниту ме изненадува ниту вознемирува, од причина што не очекував ништо поинакво од ова што се случува сега, а за што сум зборувал пред петнаесет, а пишувал на истите овие страници пред пет или шест години. Не сум пророк, само знам дека односите помеѓу државите произлегуваат од односите помеѓу луѓето. Имено, децата ги наследуваат непријателствата на родителите и дедовците. И најчесто, наместо да ги остават во времето и да бараат начин како да ги заборават или занемарат, тие се навраќаат на нив и ги продлабочуваат со нови антагонизми, побесмислени и понерешливи од тие што ги наследиле. Тоа си е така, така било, така и ќе биде. Македонците и Бугарите ќе ги продлабочуваат недоразбирањата, разликите и непријателствата, кои во краен случај ќе завршат со војна. Можеби ова некого вознемирува, можеби некому му е неприфатливо да се каже или напише, ама образовани луѓе треба да бидат начисто дека човештвото пред и после, сите проблеми настанати во мир ги решава со војни. Војната и војувањето се својства на човекот и човештвото и тие нема никогаш да престанат. Во својата суштина војната е процес што има своја социјална, но и своја – чисто природна логика. И секој што ја разбира и почитува логиката на човекот и неговата природа, може да го разбере и ова. Сосема природно и сосема човечки.

Ако некој мисли дека причините за војната помеѓу Русија и Украина, која еве влегува во својата петта година, се во што било поинакви од причините за идната војна помеѓу Македонија и Бугарија, тогаш тој не разбира ништо за мирот, кои во односи какви што се нашите секогаш завршувале со оружје и биле решавани со сила. Во очекување на третата светска војна, која, да бидеме реални, сите со нетрпение сакаат да почне и официјално, уште еднаш ќе го поставам прашањето: дали недоразбирањата помеѓу Македонија и Бугарија се толку големи што не можат да се решат дури и со моќта на Европската Унија, која во суштина е сојуз направен и сѐ уште постои само и единствено заради мир. Барем во Европа. Не, секако. Недоразбирањата и антагонизмите помеѓу Македонија и Бугарија не се поголеми и посуштествени од оние помеѓу Германија и Франција, Германија и Полска или помеѓу Шведска и Норвешка, погледнато емпириски. Овие земји што ни се раздаваат за нации на мирни и толерантни луѓе со бел тен и руси коси, имаат меѓусебни истории на расправии, војни и колежи, кои споредени со нашите балкански расправиички можеме да ги доживееме ко што кажува Илко во „Тетовирање“ – „мирни како бубачки“!

Ако е така, зошто тогаш не ги решаваат тие за кои ние упорно веруваме дека ги имаат клучевите од вратите на мирот и тасовите од вагата на правдата? Затоа што ниту ги имале, а ниту ќе ги имаат. Ние уште не можеме да разбереме дека дури и јавно најмоќните европски земји Германија и Франција ниту некогаш можеле, а ниту некогаш решиле барем едно европско прашање што овој континент на заблуди од моментот кога се распаднало царството на Рим го засегало до тој степен да предизвика војна. Кој судир го спречиле Германија и Франција? Кој мир го донеле Германија и Франција? Од 395 година до ден-денес? Историјата, која тие самите ја запишале во нивните книги и за која тврдат дека е вистина а не приказна, нема таков случај.
Навистина не разбирам како навидум образовани луѓе, кои за жал управуваат со современите текови на општественото живеење во оваа земја, триесет и пет години не можат да се соочат со едноставни и прости факти за реалната сила на земјите од кои очекуваат решенија за прашањата што ги мачат Европејците и оние што тоа сакаат да станат? Германија и Франција немаат сила и моќ да се заштитат себеси и сопствените граѓани од последиците на војните на соседниот и Далечниот Исток од нацртаната голема држава со која замислено владеат, а ние упорно од нив очекуваме тие да ги решат нашите проблеми. Јас разбирам и псевдознаење, псевдообразование, псевдоуправители, ама ова нашево е мижитатарка, која станува здодевна дури и за мали деца, а не пак за возрасни луѓе што треба да се грижат за себе и за животите на нивните сегашни и идни поколенија.

По состојба на нештата јас сум оптимист, алтруист, дури и наивен човек, кој верува дека хомосапиенсот по природа е добар, а човештвото оаза на мирот, ко што сакаше да ја нарекува Македонија Киро Глигоров, политичарот што од првиот до последниот ден од неговото политикување се бореше за мир, а на крајот од животот ќе остане запаметен по своето уплашено, загрижено, речиси панично гласно викање дека неговата земја е предмет на приграбување! Тој, за разлика од оние што го наследија во партијата, на крајот додаде: „Нема да може?!“ Кај неговите можењето е во тек. Како ќе заврши, не знам? Реков во една погорна реченица дека не сум пророк.

Кој ги предизвикува антагонизмите помеѓу Македонија и Бугарија? Според мене, станува збор за масовна операција, која еве веќе осумдесет години многу успешно ја водат српските тајни служби, кои во слободен стил се влезени во овие матни води на омразата и беспрекорно пливаат во сите плитки и длабоки бугарски влади. Од онаа на другарот Тодор Живков, па до оваа на господинот Румен Радев. Мора да им се честита на Србите дека навистина многу умешно ја водат бугарската надворешна политика, која е посветена на тоа како „секој ден и во секој поглед“ ко што се кажа во југословенскиот филм „Се сеќаваш ли, Доли Бел“ (според бугарските политички експерти, без Југославија ова мое тврдење е апсурдно), па бугарските политичари од Македонија и од Македонците „секој ден и во секој поглед“ прават непријатели и непријателства, кои споредени со оние на нашите татковци и дедовци изгледаат наивно, безмалку на ниво на приказна. Да не речам дека звучат како виц за „една червена“. Драги мои, открив дека Србија има инфилтрирано, според логиката на нештата за ова да биде остварливо, најверојатно околу 6,5 милиони свои луѓе во Бугарија и 2,5 милиони добро обучени агенти насекаде по светот каде што живее секој Бугарин со или без бугарски пасош и бугарско самочувствие, и тие српски агенти „секој ден и во секој поглед“ ги индоктринираат кутрите Бугари да ги мразат Македонците и „секој ден и во секој поглед“ да смислуваат нови и нови причини за нови и нови омрази едни кон други. Се обидов овие последни неколку недели на интензивно производство на омраза да ги пронајдам причините зошто бугарската државна политика решила од Македонија и од Македонците да направи непријатели додека постојат светот и векот и, ете, ги најдов! Како и сите други големи и важни нешта, ни стојат пред нос – што се вели, а ние не сме можеле да ги видиме. Навистина, ова со Србија и Србијанците е единствената логика на нештата, затоа што на крајот на краиштата и самите бугарски државни глави признаваат дека, и покрај сѐ што тие со „неизмерна љубов и голема скрб“ кон нас го правеле во минатото, а го прават и во сегашноста, ние северномакедонците, како што со „пиетет“ нѐ нарекуваат кога мислат и зборуваат за нас, неразумно сме избрале да бидеме дел од српскиот свет! Меѓу нив и кутриот јас, како управител на „српска телевизија“, според јавно кажаните и неспорно утврдени научни докази за „општа идентитетска инклинација на глупавите северномакедонци“ кон Србија и српството.

Тие што разбираат дека овој последен пасус е ироничен, да ги предупредам дека не е! А тие што мислат дека ова последново го мислам сериозно, мора да знаат дека мене не ми се непознати метафорите, параболите и другите алатки на пишаното изразување. А некогаш сакам и да се шегувам. Што впрочем да се прави во ров, додека се чека генералите од двете завојувани страни на фронтот да ги направат плановите за напад и пробив, кој секогаш започнува и завршува со песна?! Првиот пат од среќа дека војната конечно почнала, а вториот пат дека конечно завршила! Во очекување на мирот, останете живи и здрави до следната колумна, драги мои. Јас сепак сакам некој да ме чита, секако насмеано и со песна.

Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа Прима“