Во средината на октомври годинава ќе биде емитувана илјадитата емисија „Палета“ во рамките на програмата на македонски јазик на Радио-телевизија Војводина во Нови Сад.
Сѐ започна на 17 декември 2006 година, кога беше емитувана првата емисија на македонски јазик на овој медиум.
По тој повод, во Медиумскиот центар на Радио-телевизија Војводина во Нови Сад, со свечен собир и тркалезна маса беше одбележан јубилејот, дваесет години од почетокот на емитувањето на програмата на македонски јазик.
На настанот присуствуваа претставници на РТВ Војводина и на Националниот совет на македонското национално малцинство, директорот на КИЦ Белград, сегашни и поранешни членови на редакцијата, соработници и гости.
Програмата, која првично се емитуваше еднаш на два месеца, прерасна во редовна неделна програма, која речиси две децении ги информира припадниците на македонската заедница, ги претставува нивната култура, традиција и современиот живот и придонесува за зачувување на мајчиниот јазик.
Заменичката на генералниот директор на РТВ Војводина, Сања Кужиќ Јашаревиќ, истакна дека програмата на македонски јазик е многу повеќе од програмска содржина. Таа е простор за средби, дијалог и припадност, во кој се зачувани гласовите на заедницата, нејзините сеќавања, обичаи и култура.
– Тоа, пред сѐ, се луѓето што ја создаваа програмата за да може секој граѓанин на заедницата да го оствари своето право да биде информиран на својот јазик. Зачувани се сеќавањата на една заедница во овие дваесет години, а сегашниот тим продолжува да работи и да ја развива програмата, која покажува дека различностите се богатство што ги поврзува луѓето – рече Кужиќ Јашаревиќ во своето обраќање пред присутните, објави РТВ Војводина.

Одговорниот уредник на Редакцијата за програма на македонски јазик, Златко Јанкулоски, рече дека најголемото постигнување е тоа што редакцијата и натаму може да известува на македонски јазик, со важни и интересни соговорници, и дека промените го следеле трендот на модернизација во снимањето, монтажата и визуелниот идентитет.
Зборувајќи за иднината на редакцијата, Јанкулоски укажа на значењето на приспособувањето на програмата кон младата публика и новите медиумски платформи. Тој најави дека е планирано отворање профили на новите платформи, на кои би се прикажувале кратки промотивни филмови со најави за темите, со цел да се привлече младата публика.
Посебен дел од програмата беше тркалезната маса „Дваесет години програма на македонски јазик на РТВ“, на која за почетоците на емисијата, нејзиниот развој и значењето на информирањето на мајчин јазик зборуваа првата уредничка на емисијата, Јелисавета Ивановиќ, претседателката на Националниот совет на Македонците, Зорица Митровиќ, уредничката на радиоемисијата на македонски јазик, Јулијана Милутиновиќ, и Златко Јанкулоски.
Првата уредничка, Јелисавета Ивановиќ, се присети на времето во кое се создавала програмата, на првите теми и соработници, како и на предизвиците со кои редакцијата се соочувала на почетокот.
– Таа 2006 година беше вистински бум за македонската заедница. Почна со првата емисија на Телевизија Панчево, потоа со нашата „Македонско сонце“ на Телевизија Нови Сад, беше основана и првата издавачка куќа на македонската заедница, а неколку месеци подоцна настана и првата радиоемисија на македонски јазик на Радио-телевизија Војводина – потсети Ивановиќ.
Уредничката и авторка на радиоемисијата на РТВ, Јулијана Милутиновиќ, нагласи дека радиопрограмата има важна улога во зачувувањето на македонскиот јазик и култура, но и во одржувањето непосредна врска со слушателите.
– Јазикот не се чува само во семејството туку и со неговото присуство во јавниот и медиумскиот простор, каде што останува жив, активен и достапен за различни генерации. Преку „Македониум“ настојувам да ги претставам културното богатство, традицијата, современиот живот и активностите на Македонците во Војводина и во Србија. Во емисијата слушателите можат да ги слушнат својот јазик, своите приказни и гласовите на луѓето од заедницата – рече Милутиновиќ.
Таа нагласи дека настојува да ги препознава темите што се важни за секојдневниот живот на македонската популација и на слушателите да им овозможи простор во кој може да се слушнат различни искуства, потреби и перспективи. Во емисијата „Муабетења“ отвора простор за разговор и размена на мислења, додека емисијата „Палета“, преведена и титлувана на српски јазик, ѝ овозможува на пошироката публика да се запознае со културата и животот на македонската заедница.
Со емитувањето на илјадитата емисија на македонски јазик во средината на октомври годинава, редакцијата ќе одбележи уште една значајна пресвртница во својата работа.
Во рамките на свеченоста беа врачени благодарници на поединци што придонеле за основањето, развојот и опстанокот на програмата, како и пригодни подароци од Радио-телевизија Војводина. Одбележувањето на јубилејот заврши со заедничко фотографирање, коктел и музичка програма. Ф.Д.



































