Постигнувањето ефикасна правда поврзана со бескрупулозното и свирепо убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е императивен предизвик на македонското правосудство. Јавноста секогаш очекува и бара ефикасност на правдата во државата, а во овој миг тоа очекување е ставено на тасот на вагата што ја мери довербата во правосудството. Ноторен факт последниве неколку години е дека таа доверба е сведена на 2-3 степени над нулата. Затоа, ефикасна правда за Вања и Панче наедно е и влог за доверба во правната држава

Злосторствата секогаш ги изместуваат општествата, ја дестабилизираат колективната психологија, ги вознемируваат и внесуваат страв кај луѓето. Убиствата на невини беспомошни жртви секогаш се злосторство без преседан, што никако и никогаш не може да се оправда. Убиството на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, бескрупулозноста на самото злодело, во изминатава недела предизвика таков ефект на психолошко изместување во македонското општество, кое по градацијата на емоциите – од неверување за свирепоста, тага, лутина…, еманираше во барање правда на јавното мислење за жртвите, односно пронаоѓање на сторителите и соодветна казна за стореното.

Речиси една седмица по пријавата за исчезнувањето на девојчето Вања и десетина дена од исчезнувањето на велешанецот Панче, од истражните институции (МВР и Јавното обвинителство) беа разоткриени и приведени некои од сторителите, кои во нивните искази признале дека исчезнатите се всушност убиени и ги откриле местата каде што ги закопале телата на жртвите. Главниот осомничен, идентификуван и посочен од приведените како Љупчо Палевски, во мигот на приведувањето на групата негови соработници веќе беше во бегство, надвор од границите на Македонија. Сепак, според информациите што релативно брзо и транспарентно беа споделени со јавноста, македонските истражни органи имаа сознанија за движењето на бегалецот и речиси утредента, по првата прес-конференција, Палевски беше приведен во Турција, со брза реакција на меѓународната потерница активирана од македонското МВР.
Ефикасноста на истрагата по сторителите на злосторството врз Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се покажа дека е на задоволително ниво, како соодветен одговор на очекувањата на јавноста, но и на професионалниот стандард што се очекува од истражните органи во откривање на вистината за сѐ што го нарушува правниот поредок во државата. Но и понатаму останува да се извршат уште низа правни дејства до задоволувањето на правдата за невините жртви на злосторството сторено за материјална корист, како што се наведува уште во првите соопштенија за истрагата. Првиот правен предизвик е успешно финализирање на екстрадицијата на Палевски од Турција. Навидум, се чини дека штом е брзо и успешно уапсен во Турција, спроведувањето на екстрадицијата е чиста правна формалност. Но неколку искуства со барање екстрадиција од страна на македонските власти, за сторители дури и на тешки кривични дела пребегани и лоцирани во други земји, предупредуваат дека „формалноста“ може да биде комплицирана и да ја релативизира правдата. Според тежината на злосторството, како случај за кој со години се бара екстрадиција од Македонија, предизвикот за испорачување на Палевски би можел да се спореди со она на главните извршители во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Имено, соседно Косово со години не ги испорачува двајцата сторители, осудени во Македонија, и покрај повеќе барања за екстрадиција упатени од македонското министерство за правда.

Она што е приоритет за македонските власти е колку што е можно побрзо да се заврши процедурата од наша страна и да се упати барањето за екстрадиција. Процедурата започнува од Кривичниот суд, кој треба да ги достави најрелевантните докази до Министерството за правда, кое го подготвува барањето за екстрадиција. Сите документи и релевантни докази се преведуваат на официјалниот јазик во земјата од која се бара екстрадицијата, а подготвеното барање, преку Министерството за надворешни работи би се испратило до МНР на Турција. Во Турција постапката продолжува во тамошното министерство за правда и соодветните институции што треба да донесат одлука за екстрадиција. Од македонското министерство за правда веќе известија дека нема да чекаат да измине рокот од 40 дена за да го достават барањето за екстрадиција. Исто така, побарано е од турските власти Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршувањето на постапката за екстрадиција. Најоптимистичките процени се дека со најбрзо спроведена постапка од двете страни, екстрадицијата на Палевски би можела да се реализира за еден месец. Сепак, не смеат да се исклучат правните опции што му се на располагање на Палевски да ја одложува екстрадицијата.

Постигнувањето ефикасна правда за жртвите на бескрупулозното и свирепо убиство Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е императивен предизвик на македонското правосудство. Јавноста секогаш очекува и бара ефикасност на правдата во државата, а во овој миг тоа очекување е ставено на тасот на вагата што ја мери довербата во правосудството. Ноторен факт последниве неколку години е дека таа доверба е сведена на 2-3 степени над нулата. Затоа, ефикасна правда за Вања и Панче наедно е и влог за доверба во правната држава!