Да не му ги одбројуваме деновите, да трае уште најмалку три децении

Поучени од искуството од електроенергетската криза, добро е што во РЕК „Битола“ не се брза со предлозите за донесување некакви одлуки за затворање на капацитетите на јаглен. Напротив. Се вршат низа активности и за отворање на рудникот „Живојно“ и за модернизирање на рудникот „Брод Гнеотино“. Според информациите, менаџментот во ЕСМ и РЕК „Битола“ се држи до правилото „нов бунар копај, на стариот не плукај“. Иако многумина сакаат да му ги одбројуваат деновите и да му предвидуваат брз крај, за да задоволат нечии надворешни апетити, во РЕК „Битола“ велат дека овој комбинат уште долго ќе биде капацитет што ќе ја одржува енергетската стабилност на Македонија

Иако од тој ден изминаа цели 41 година, се сеќавам како да беше вчера. Ноќта кога меѓу 4 и 5 ноември, точно во 23 часот и 52 минути, во 1982 година, термоцентралата на РЕК „Битола“ ги произведе првите киловати електрична енергија и сите му честитаа за големиот успех на генералниот директор на комбинатот, Никола Грашевски, а по електромрежата потекуваа првите киловати електрична енергија, некои душегрижници, како што е вообичаено кај нас, го поставуваа прашањето колку години ќе работи комбинатот и колку резерви на јаглен има.
Иако голем број од енергетските и геолошките стручњаци што присуствуваа на свеченоста беа запознаени со геoлошките резерви на јаглен во рудникот „Суводол“, малкумина од нив имаа храброст да го прогнозираат работниот и животен век на овој наш најголем електроенергетски капацитет во државата, кој произведува над 75 отсто од потребите на Македонија за електрична енергија. Имаше некои што велеа дека работниот век на РЕК „Битола“ е максимум 20 години. Но ни најголемите оптимисти не се охрабруваа тогаш да прогнозираат дека РЕК ќе работи 30, а за 40 години тоа беше научна фантастика.
Иако со застарен машински парк и градежни машини што одамна го одработија своето, и сега по 41 години од почнувањето со работа, РЕК „Битола“ сѐ уште работи и со повремени т.н. „испади“ произведува електрична енергија. Камо да може да работи во полн капацитет зимава, а и натаму! Заради нашата индустрија, а и заради граѓаните.
Но изминатиов период, притисокот од Брисел за затворање на комбинатот никако не попушта. Бриселската администрација на сите начини се труди да дојде до некаков административен „позитивен“ резултат за неа, каде што ќе пишува дека ги исполнила своите планови за стопирање на капацитетите за производство на енергија од фосилни горива и има нулта емисија на стакленички гасови. А за индустриското производство, за растот на економијата и за пораст на македонското БДП, како воопшто да не ѝ е гајле. Затоа што без домашна евтина базична енергија нема да има ниту работа за компаниите, ниту пак граѓаните ќе имаат работа, затоа што производните капацитети ќе се затворат. Граѓаните ќе останат на улица, па попусто ќе биде и дури ако луѓето имаат привилегирана цена за електричната енергија, кога нема да имаат плата за да си ги намират сметките…

А што претставува РЕК „Битола“ за електроенергетскиот систем во државата најдобро се виде минатата година, кога Македонија, како и другите држави не само од соседството туку и од Европа и светот се соочија со најголемата електроенергетска криза.
Но, би било нефер, ако покрај огромната посветеност на производството и одржувањето на енергетската во РЕК „Битола“ не споменам, од прва рака, дека интензивно се одвиваше и процесот на трансформацијата на комбинатот во капацитет за производство на чиста енергија. Трансформацијата е веќе одамна научена лекција за „рековци“.
Иако политичарите се обидуваат на секој начин таквата трансформација да ја злоупотребат за политички цели, сепак вработените се свесни дека работниот и животен век на комбинатот е при крај и затоа се преземаат низа активности за реализацијата на т.н. „зелено сценарио“.
Во ЕСМ се отвораат нов, но и се финализираат други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК „Битола“, со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати. Но тоа што најмногу ги интересира вработените е фактот дека од раководството на РЕК „Битола“ категорично тврдат дека работните места на сите работници сега и во иднина со енергетската трансформација се сигурни.
Во ЕСМ е донесена нова стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, целосно базирана на Европскиот зелен договор, која веќе се имплементира кај нас. Преку концептот за стратегиски инвестиции се разговара и преговара за над еден гигават, преку проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи, и тоа со реномирани големи европски компании. Тука, меѓу другите, се мисли на фотонапонската електроцентрала од десет мегавати во сопственост на ЕСМ на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“. Фотонапонските централи по пат на јавно-приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати, кои треба да започнат со проектирање и изградба, како и изградбата на уште десетмегаватна соларна централа во Осломеј од страна, исто така, на ЕСМ.

Издадени се овластувања за изградба на три ветерни електроцентрали со вкупен инсталиран капацитет од 11 мегавати на приватни инвеститори. Првиот ветерен парк „Богословец“ треба официјално да започне со работа веќе на крајот на идната година. Таму веќе почнуваат да пристигаат ветерните турбини. Стабилен електроенергетски систем е приоритетна цел и пресуден за да имаме сигурност во снабдувањето со електрична енергија и нови инвестиции во стопанството и во иднина.
Но, за крај, сепак да нагласам: поучени од искуството од електроенергетската криза, во РЕК „Битола“ не се брза со донесувањето одлуки за затворање на капацитетите на јаглен.
Напротив, се вршат низа активности и за отворање на рудникот „Живојно“ и за модернизирање на рудникот „Брод Гнеотино“.
Менаџментот во ЕСМ и РЕК „Битола“ и натаму се држи до правилото „нов бунар копај, на стариот не плукај“.