„Чашуле: приказнувачот“ е интимна книга што истовремено и на научен и на личен начин го толкува творештвото на Коле Чашуле. Ја имав привилегијата, едно од оние ретки животни искуства кога имате можност да учите од најдобрите, да го запознаам лично, да учам од него, да се дружам со него, толку да се поврземе што ќе го имам за свој втор татко, вели Стојаноска

Ана Стојаноска, авторка

Како дел од придружната програма на годинашниот „Млад отворен театар“ беше промовирана монографијата „Чашуле: приказнувачот“, чија авторка е Ана Стојаноска. Книгата претставува научна и емотивна книга за македонскиот писател и драмски автор Коле Чашуле. Замислена е како троен преглед на три важни топоси поврзани со неговата работа и со работата на авторката. Насловена е „Коле Чашуле: приказнувачот“, според еден од текстовите во книгата. Ова е исклучително ретка книга во македонската театролошка литература. Книгата е заедничко издание на авторката во соработка со Факултетот за драмски уметности – Скопје и „Арс ламина“. Промоторка на книгата беше Јелена Лужина.
Во неа низ текст и фотографии, Стојаноска преку хибриден пристап си поигрува со книжевниот жанр и со различните содржини, посветени на творештвото на Коле Чашуле, родоначалникот на модернизмот во македонската драматика.

Кажете ни нешто повеќе за инспирацијата и идејата, како настана книгата „Чашуле: приказнувачот“?
– „Чашуле: приказнувачот“ е интимна книга што истовремено и на научен и на личен начин го толкува творештвото на Коле Чашуле. Ја имав привилегијата, едно од оние ретки животни искуства кога имате можност да учите од најдобрите, да го запознаам лично, да учам од него, да се дружам со него, толку да се поврземе што ќе го имам за свој втор татко Коле Чашуле и оваа книга е мојот аманет за него. Книгата е креирана како разговор, активна релација со неговото творештво. Структурирана е во три големи делови насловени како игра на зборови инспирирана од една негова книга „Чунким велења“. Првиот дел на монографијата е насловен „Чунким спомени“, вториот „Чунким толкувања“ и третиот „Чунким предавања“. За разлика од стандардизираните монографски форми кај нас, оваа книга има повеќеслојни и стилски и естетички значења. Во средината на книгата и графички одделена со црна хартија и бели букви е реконструкцијата на претставата „Црнила ремикс“. Сакав и на претставата и на креативниот тим да им оддадам почит како театролог, затоа што тоа е последното оригинално читање на култната драма на Чашуле, а истовремено, мене како театролог ми беше предизвик да направам, за првпат во историјата на театролошката наука, реконструкција на театарската претстава врз база на музичката драматургија. Ако треба да дадам краток опис за книгава, ќе кажам дека станува збор за уникатна монографија што ги спојува сите тие во мене: театрологот, професорката и, пред сѐ, писателката, книга што на достоен, креативен и научнореферентен начин го толкува творештвото на еден од најзначајните македонски писатели Коле Чашуле.

А, ако треба, тој опис да биде личен и непосреден, би рекла дека ова е книга аманет, моја посвета на мојот учител по пишување, на мојот втор татко и книга што симултано креира свет што е создаден од неколку различни нишки: уметнички, научни, лични, емотивни, визуелно експресивни, графички, музички и театролошки.
Од каде дојдовте до идеја да ја споите својата работа со работата на Чашуле?
– Може да се рече дека тој ме најде мене, исто толку колку што јас го најдов него. Во првиот текст од оваа книга, насловен исто како и делот, „Чунким спомени“, пренесувам и едно лично сеќавање за нашата прва средба по телефон, која потоа премина во речиси секојдневно дружење. Коле Чашуле беше неверојатен човек, како мудрец од приказните, истовремено млад во духот (еден од неговите последни романи „Така е ако ви се чини“, според мене, е најинтригантниот и најсовремен роман напишан некогаш), мудар во знаењето и животното искуство и добар како татко. Како театролог сакав да го запознаам драмскиот писател Чашуле за подобро да го истражам неговиот драмски свет, како писател имав привилегија да учам пишување од него, како човек од него го учев животот и светот околу мене. Тоа не беше идеја, беше, ајде да речеме, живот во неговата основа.
Што сѐ е опфатено и раскажано во монографијата? Каков поглед дава кон творештвото на Чашуле?
– Во монографијата, како што напоменав претходно, се анализирани и толкувани повеќе аспекти од неговата работа. За разлика од мојот интимен и личен ракопис, толкувано е творештвото на научен начин. Во првиот дел се испишани не само сеќавањата (сепак, научна монографија третира сеќавања на различен начин) туку и контекстот во кој создава Чашуле. Вториот дел е посветен на неговото драмско творештво, поточно на „Црнила“, каде што како комплементарна се поставува и реконструкцијата на „Црнила ремикс“, и третиот дел е посветен на прозното творештво. Погледот што го нуди книгава е уникатен, внимателен и посветен. Збогатена е со фотографии (голема благодарност до Кире Галевски што отстапи дел од своето творештво за да може да биде уште подобра книгава) и со преглед на неговото комплетно творештво. Се надевам дека читателите ќе уживаат во читањето, затоа што може да се чита и како прозна, но и како научна книга.
Каква празнина пополнува оваа книга за македонската театролошка литература?
– Македонската театролошка литература не е многу богата по обем, но има многу важни изданија што оставаат траен белег во историјата на македонското театарско истражување. Сметам дека оваа моја книга ќе го дополни тоа, ќе помогне помладите истражувачи да откријат дека има и други начини на истражување на театарот, а на другите колеги да им даде поинаква перспектива во начинот на третирање на монографскиот жанр. Ќе видите дека во книгата нема некои елементи што се сметаат за потребни во овој жанр (така ја работев и претходната моја монографија за Димитар Ќостаров), но има многу нов истражувачки материјал што може да придонесе многу во процесот на осознавање на Чашуле низ контекстот на македонската драма и театар.
Колку време работевте на „Чашуле: приказнувачот“, какви истражувања беа потребни за да го склопите финалното дело?
– Може да се рече дека ја работев долго. Од неговото заминување во мене стоеше идејата да ја напишам оваа книга. Истражувањата се правени повеќе од десет години, а самото пишување траеше повеќе од една година. Театролошките и научните истражувања од областа на книжевноста се прават темелно и базично на неколку нивоа, тоа беше така и со оваа книга. Освен архивските материјали, истражувани се театарските архиви, истражувањата на моите претходници во науката, како и интервјуа, особено во делот со реконструкцијата на претставата „Црнила ремикс“. Среќна сум и благодарна што беше препознаена и поддржана и од мојот матичен факултет и од „Арс ламина“ на кои сум им бескрајно благодарна за одличниот печат и презентација на книгава. И особено сум ѝ благодарна на професорката Јелена Лужина за внимателниот прочит и поддршка на книгава.