Порака од граѓаните

Впрочем и најновите анкети на јавното мислење јасно покажуваат дека мнозинството македонски граѓани се против каква било промена на уставното име на државата. Тоа е сосема јасна порака и до преговарачите и до политичарите

Пополека завршува пролетта, а од наредниот месец доаѓа летото, и како по некоја навика пресликана од минатото, се раздвижува и македонската политичка и дипломатска сцена. Убавото време ги разработи рестораните и кафулињата, метежот во градовите се зголеми, а владините лидери не прекинаа да најавуваат „жешко пресудно лето“ за државата. Не знам која по ред е оваа најава за жешко лето, но реалните показатели сепак се на страната на тоа дека, во најдобра рака, треба да очекуваме благо „затоплување“, во остварување на стратегиски долготрајни цели, а тоа е македонското членство во ЕУ и во НАТО.

Во тој правец очекувано и пригодно помина овонеделната епопеја на одбележувањето на Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, 9 Мај. Овој датум го означува крајот на нацизмот во Европа и создавањето на најголемата европска идеја досега – обединета Европа. Тоа е замисла што стана реалност во форматот на ЕУ. Тоа е сон што го сонува и Македонија.

Нашата држава од друга страна е пред тешки предизвици како да го надмине наметнатиот спор со Грција и при тој процес да не се наруши идентитетот на нашиот народ, јазик, култура и вековна историја. Дополнително патот кон Европа треба да се трасира и преку подобар живот, подобри услови за развој на економијата, повеќе работни места, подобри услови за работа и подобра плата на работниците. Паралелно со водење на мудрата дипломатија, Владата треба да исполни и голем дел од овие услови, инаку членството во ЕУ ќе биде само нереализиран сон.

Ако нашите државници и дипломати одиграат паметно и внимателно и без отстапки од нашите национални интереси и во одбрана на идентитетските прашања тогаш жешкото лето може да донесе и стабилизација на постојните процеси и внатрешна кохезија

Во тој контекст, Македонија не може да очекува успешно лето без да добие датум за преговори за пристапување кон евроатлантските меѓународни организации. Иако двата процеса за членство во НАТО и во ЕУ навидум се неповрзани меѓу себе, сепак тие во суштина одат рака под рака. Зашто практиката покажува дека ретки се државите што се во Алијансата, а кои не се членови на европската заедница и обратно.

Хронолошки гледано наназад, својот европски пат Македонија го почна во април 2001 година и прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 аплицираше за членство, а во декември 2005 година се стекнавме со статус земја-кандидат. Во 2009 година по неколку продлабочени реформи во клучните области, ја добивме првпат и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим и оттогаш наваму девет пати едноподруго, заклучно и со оваа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори. Сите овие податоци и факти сами по себе доволно говорат за нашата подготвеност и исполнувањето на сите критериуми за наше членство во евроатлантските структури. Но пред нас секогаш се испречува еден апсурд од невидени и бесмислени размери – во облик на грчките барања околу спорот за името. Па, така, полека се приближуваме до крајниот летен рок што Грција, повторно, го поставува пред нашите евроатлантски перспективи, а во јавноста во земјава веќе полни три декади не прекинуваат расправите и дебатите за аргументите и квазиаргументите во спорот за името на оваа или на онаа страна.

Роковите притискаат, на тоа прашање наскоро ќе мора да се одговори, со отворање на картите пред целата нација. Како што може да се насети од тонот и содржината на последните изјави на државниците, кои велат дека да се дојде до договор шансите се фифти-фифти.

Премиерот Зоран Заев пред неполн месец рече дека верува дека мај е убав пролетен месец за убаво, достоинствено решение, кое ги зачувува нашите вредности и идентитетот, а истиот тој месец ќе биде и тајмингот за средба со Ципрас, која најверојатно ќе се одржи за 17 мај во Софија, за која претседателот на македонската влада за истата пригода, исто така во минатото оптимистички најави дека „значи дека сме до толку доближени штом дошло до премиерско ниво да се прави средба, разговор“.

Од друга страна, засега сѐ уште не е дојдено вистинско време за славење затоа што сѐ уште е неизвесно каква завршница може да се очекува од сѐ „поживиот“ (судејќи по бројот на меѓусебни средби и состаноци на двете земји) процес за надминување на спорот со Грција.

Во овој момент сите надежи лежат во доблеста на политичарите од Македонија и од Грција како и во многубројните пораки од меѓународната заедница, кои во последно време се фокусирани на охрабрување на тековните преговори, но истовремено истакнуваат дека времето е сега, а подобра шанса за ова во иднина не можеме ни да очекуваме. Ако нашите државници и дипломати одиграат паметно и внимателно и без отстапки од нашите национални интереси и во одбрана на идентитетските прашања, тогаш жешкото лето може да донесе и стабилизација на постојните процеси и внатрешна кохезија. Впрочем и најновите анкети на јавното мислење јасно покажуваат дека мнозинството македонски граѓани се против каква било промена на уставното име на државата. Тоа е сосема јасна порака и до преговарачите и до политичарите.

Фото: Дарко Андоновски