Затворање на сите кризни жаришта во светот

Во период кога светската јавност е сведок на историско ставање точка на 18-годишниот конфликт во Авганистан, да се надеваме дека наскоро ќе се стави крај и на сите други кризни жаришта во светот

Светската јавност со нетрпение и воздишка ја прими веста со која Соединетите Американски Држави го потпишаа историскиот договор со талибанците, чија цел беше ставање крај на осумнаесетгодишниот конфликт во Авганистан.
По скоро две децении војна, убиени околу 2.400 војници и повредени над 20.000 лица, како и потрошени милијарди американски долари, претседателот Доналд Трамп успеа да го оствари ветувањето дадено на минатите претседателски избори дека тој ќе ги извлече САД од најдолгата војна во која неговата земја била вклучена.

Иако потпишувањето на договорот меѓу САД и талибанците внесе позитивни реакции кај западните експерти, кои го поздравија како историски, со кој се брише уште една локација од светската мапа на конфликти, сепак во исто време тој отвори низа дилеми меѓу кои и основната дали договорот би можел реално да стави крај на конфликтот во земјата, но и дали по примерот на Авганистан на глобалната сцена би можело моќните играчи да ги затвораат сите распламтени геополитички жаришта и да престанат да отвораат нови?

Неколку академски студии направени на оваа тема пишуваат дека линијата помеѓу конфликтот и стабилноста во светот меѓу големите сили е одлична, но таа наместо кон воениот треба да се пренасочи кон пазарниот натпревар и економскатa конкуренција. За таа аксиома на глобалната политичка сцена пишува и магазинот „Реал – клир дифенс“. Според магазинот, големите сили секогаш се натпреварувале на глобално ниво за моќ токму преку отворањето нови кризни жаришта. Медиумот во својот осврт на актуелните случувања советува дека во иднина наместо војни и отворања кризни жаришта, надмоќта меѓу суперсилите треба да се пренасочи кон економско-трговското поле. Сепак, авторите на анализата подвлекуваат дека многу работи на глобалната сцена не зависат само од економските натпреварувања на светските моќници, туку напротив светската сцена е во корелација најмногу токму од развојот на настаните во САД, односно од тоа каков лидер ќе застане на чело на најмоќната држава на светот и каква политика тој ќе продолжи да практикува.

Во контекст на актуелните случувања, вредно е да се забележи и информацијата што потекнува од последниот извештај на УНХЦР, која вели дека поради долгите години на беснеење на војните и нестабилност во светот, се создаде глобална тешка клима, која произведе состојба на масовен егзодус на бегалци, кој дури ги допре и нашата земја и регионот.
Имено, според извештајот на УНХЦР од 2019 година, голем број од оние што побегнаа од Авганистан, Сирија, Ирак, во меѓувреме, не се враќаат назад во родните домови бидејќи сѐ уште стравуваат дека конфликтите може повторно да пламнат. Односно, според Агенцијата за бегалци на ОН, поради овие услови има околу 2,2 милиони Авганистанци трајно раселени засекогаш, а повеќето сега живеат во европските држави.

Во меѓувреме, ако на ова се додадат и повеќето распламтени геополитички жаришта, на кои во моментов во светов сѐ уште не им се гледа крајот, слободно може да се констатира дека ваква судбина како Авганистанците можат да делат и милиони други жители на земјите кај кои со децении и години беснеат војните.

Токму затоа, мора да се констатира дека светските лидери, оние актуелните, но и оние што допрва ќе дојдат на функција, а кои дејствуваат во глобални рамки, за доброто на сите и на бегалците и на мигрантите, но и на оние граѓани што ги удомуваат овие несреќни луѓе мора да најдат решение и одговор за повеќе галопирачки кризи, што секојдневно го туркаат светот поблиску до работ, по кој нема враќање назад.

Човештвото низ својата историја докажало дека може да има многу насилна природа и разорен капацитет, а тоа е изразено низ крвопролевањата на стотиците големи војни, како авганистанската, кои не прекинуваат да беснеат низ годините на сите точки од Земјината топка. Истовремено, треба да се знае и дека истото тоа човештво има и огромен потенцијал за чинови во името на светскиот мир. Па затоа, во период кога светската јавност е сведок на историско ставање точка на 18-годишниот конфликт во Авганистан, да се надеваме дека наскоро ќе се стави крај и на сите други кризни жаришта во светот.

[email protected]