Успехот на европските избори не е гарантиран. Европските гласачи ќе го кажат последниот збор, а Салвини, наместо нова европска пролет, може да доживее долга и студена зима
Италијанскиот популистички вицепремиер Матео Салвини повторно го вклучи алармот во Брисел, кој и онака е веќе доволно растревожен поради случувањата во Франција и блокираниот процес на брегзит. Десничарот Салвини од центарот на Варшава порача дека следува нова европска пролет, на чело со Италија и Полска. По изборите за Европскиот парламент, според него, Европската Унија ќе добие нов дух, нова енергија за „справување“ со предизвиците. Салвини планира со полските националисти да ја урне доминацијата на Франција и Германија со Унијата.
Во Европа отсекогаш се зборува за француско-германска оска. Се подготвуваме за нов еквилибриум и нова енергија во Европа. Полска и Италија ќе бидат главни протагонисти на оваа нова европска пролет, на ова повторно раѓање на вистинските европски вредности, ќе порача Салвини по средбата во Варшава со Јарослав Качински, лидерот на полската владејачка партија – националистичката Право и правда.
Италијанскиот политичар не елаборира како точно планира да ја донесе оваа нова пролет на европскиот континент. Но Салвини првпат ја начна идејата за паневропска мрежа на националистички партии само неколку недели по формирањето на коалициската влада со антиестаблишментското движење „Пет ѕвезди“. Тој веќе воспостави партнерство со лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен, со која во октомври од Рим најавија дека изборите за Европарламентот ќе значат почеток на нова ера на „здрав разум“.
Истовремено, популистичките влади во Рим и Варшава се во отворен конфликт со Брисел околу прашања што допираат во националниот суверенитет. Па, така, Полска успеа да го изиритира раководството на ЕУ со измените на судскиот систем, кои за многумина се антидемократски и го поткопуваат владеењето на правото. Од друга страна, Италија води битка со Унијата околу новиот буџет и предвидените државни трошења, кои се спротивни на буџетските правила на еврозоната. Покрај тоа, Лигата на Салвини и Право и правда на Качински се изразито антиимигрантски ориентирани и постојано ја критикуваат ЕУ како функционира сега.
Во Европа отсекогаш се зборува за француско-германска оска. Се подготвуваме за нов еквилибриум и нова енергија во Европа. Полска и Италија ќе бидат главни протагонисти на оваа нова европска пролет, на ова повторно раѓање на вистинските европски вредности, ќе порача италијанскиот популистички вицепремиер Салвини по средбата со Јарослав Качински
Во кратки црти, тоа се сличностите и карактеристиките на двајцата националистички лидери, кои како да уживаат во инатењето со Брисел. Но, и покрај нивните паралелни политички интереси, постојат и разлики помеѓу Салвини и Качински, кои може да го проблематизираат, па дури и закочат профункционирањето на италијанско-полската оска. Па, така, Салвини не отстапува од ставот дека северноевропските земји треба да ги прифатат мигрантите што во илјадници пристигнуваат на бреговите на Италија.
Качински, од друга страна, пак, ја доби поддршката на изборите токму со противењето на каква било релокација на барателите на азил, а најмалку нивно населување во родната Полска. Покрај тоа, италијанскиот вицепремиер е против доделувањето екстензивни кохезиски фондови за Централна Европа со новиот повеќегодишен буџет на Унијата, додека, пак, Право и правда инсистира на континуирани дарежливи приливи од касата во Брисел.
Не помала пречка за новата оска, контратежа на оската Франција – Германија, и соработката помеѓу двете земји е полскиот скептицизам кон пријателскиот пристап на Салвини со рускиот претседател Владимир Путин. Пријателството, односно флертувањето со Путин претставува проблем во Полска, во која преовладува антируско расположение.
Евентуалната соработка помеѓу двете партии во Европскиот парламент по изборите во мај ќе покаже дали заедничките интереси ќе бидат посилни од очигледните разлики. Неизвесно е и тоа колку Салвини ќе биде навистина моќен во новиот состав на Европарламентот, бидејќи иако тој ги користи истите слогани како другите десничарски партии во Европа, неговите стратегии се во суштина различни. Успехот на европските избори не е гарантиран. Европските гласачи ќе го кажат последниот збор, а Салвини, наместо нова европска пролет, може да доживее долга и студена зима.