Хирошима и Нагасаки, Заливот на свињите, но и сенката на добриот руски офицер Станислав Петров, одново ја зграпчуваат планетата. Министерот за одбрана и началникот на Генералштабот од Велика Британија им порачаа на своите граѓани да складираат вода и храна. Такер Карлсон предупреди дека САД можат да фрлат атомска бомба врз Иран. Техеран започна да ги советува граѓаните како да се однесуваат во случај на нуклеарен удар. Јас оваа информација најпрво ја сретнав кај нашиот аналитичар Раби Седрак, кој меѓу другото посочува дека по можна нуклеарна атака на САД (или Израел) врз Иран, ќе следуваат напади на Русија врз Украина, Пакистан спрема Индија и Северна Кореја кон својата јужна сестра, со што ќе започне најстрашната војна што човештвото ја имало.
Кај нас, по моронските мизогини изјави на еден небитен лик, следејќи ги реакциите на јавноста, кои со право започнаа како гнев кон искажаната моронштина, но брзо прераснаа во крволочна желба за јавен линч, ама и читајќи колку можни идни насилници излегоа на површина наоѓајќи оправдување за насилство и желба за спроведување надзор врз жената – можам да заклучам дека во случај на глобален нуклеарен потрес, низ маркети и по улици, кај нас ќе настане кланица – има да се искасапат меѓу себе за храна и вода пред да поцркаат од радијација. Гледајќи со што сум опкружен, човек како мене – општествено неприспособен, без амбиција да ја бара најдобрата своја верзија, битие со измрцварен ум, осакатена душа, незаинтересиран за сопствената телесна состојба – просто посакува да се изложи на тие факинг радиоактивни честички и полека да се распадне во агонија.
Уште со доаѓањето на социјалните мрежи, со нестварна жестокост се појавија дотогаш скриени манијаци, социопати, душевни хулигани и емотивни насилници спремни и самите да извршат или лесно да поддржат секаков вид на насилство врз жени, деца, животни, неистомисленици, политички противници или идеолошки непријатели – блујачи на омраза и злорадост, перверти маскирани во прогресивна или конзервативна нарација, агресивно хистерични атеисти и збеснати силеџии накитени како идолопоклоници со религиозни флоскули и симболи – сите до еден сплотени во заеднички бес едни против други, ама по суштина исти.
Во пандемијата пак – тој експеримент што ни го спроведоа – среде билданата паника од страна на политичари, доктори изгубени во простор, време и материјална удобност, како и медиуми што во суштина одработуваат, а не информираат – под сета онаа дотерана, брендирана, модерна, демек слободоумна и освестена популација која себе се доживува како морална величина со полна уста флоскули за емпатија, хуманост, претенциозно човекољубие среде постојаната потрага на својата најдобра верзија – многу брзо увидовме дека се кријат притаени монструмчиња полни со потиснати бес и омраза, кои заради сопствениот страв беа спремни или јавно бараа – оние кои не носат маски и одбиваат да се вакцинираат – да не им се дозволува да работат, да пазарат, да бидат изолирани во логори, море и самите ако им се дозволеше – да ги линчуваат.
Оттука, ако се земе предвид што ни открија социјалното вмрежување и пандемијата, може да се заклучи дека вечната борба меѓу доброто и злото постои само во приказните – во реалноста, борбата се води меѓу лошотијата и злото, а убавината… убавината нема да го спаси светот, затоа што вообразеното арогантно човештво мисли дека таа се крие во огледалата – ете затоа кнезот Мишкин е бележан за идиот, а сè наспроти него се себедоживува како разумна, морална и праведна, најдобра своја верзија, па оттука, духовната убавина сака да се спаси од светот преполн со верзии под кои оригиналите подзасмрдуваат и којзнае – на крајот на краиштата, можеби токму една факинг радијација е божјо допуштање за расчистување со една цивилизација набилдана се насилство и ароганција.
А ха, значи ти Русјаков, ем се доживуваш како поинаков од сите други, ем посакуваш нуклеарна дистопија.
Доколку не е контаминиран со идолопоклоничка пропаганда, туку работи на талентот да забележува за да раскажува што му е даден одозгора, односно без да се штеди себеси, па постојано го потопува тој талент во сопствената фрустрираност и вообичаена состојба на духовна агонија, а во свет на вечен натпревар меѓу злото и лошотијата, писателот, можеби најмногу од сите други уметници, симболично кажано, истрчува гол на теренот за да му плукне в лице на она што го „пеат“ хулиганите, ама и да го соголи тоа што се крие под маските на лажна пристојност, брендирана скромност и нашминка емпатичност, не затоа што самиот е поинаков туку, едноставно, нема проблем да го покаже кај себе тоа што другите сакаат да го маскираат – гревовните лузни на душата која живее во тело склоно кон перверзија, да се соочи со сопствената ништожност и да го извади ачик она што на „пристојниот“ демек не му доликува.
Што се однесува до нуклеарната дистопија, ајде да ѕирнеме во една компаративно изопачена логика. Во својот документарен филм „Кого следно да нападнеме?“, режисерот Мајкл Мур, на норвешкиот остров Бастој, го прикажува затворот од отворен тип каде што лежат и сторители на тешки злосторства како убиства и, разговарајќи со невооружените чувари, дознава дека на убиецот кој ја убил жена си со секира, хуманиот затворски модел во Норвешка му доделил работна задача – секирче в рака за да биде дрвосечач. Резултатите на овој модел покажуваат дека Норвешка е држава со најмал процент на повторување на кривични дела.
Глупиот коментар на ова, оти фактите не ни одат во прилог, ќе биде – ама ние не сме Норвешка – така? Кај нас, при моронски мизогин наратив, јавноста од оправдан гнев, брзо западна во страстен бес и потреба да линчува. Да ја вметнеме сега и изопачената логика која сепак е логична. Ако знаеме дека иранскиот режим се однесува грозно со жената, а ни стана јасно дека дури ни моќните САД не можат да го совладаат со воена интервенција – зошто тогаш да не се фрли врз него нуклеарка и злото да биде за навек уништено? Е сега, како што по Косово бидна Крим, така и по нуклеарка за Иран ќе има следни атомски напади, затоа што други нуклеарни сили ќе речат дека имаат право да го сотрат злото што тие кај својот непријател го гледаат. Проблем со овој модел „око за око“ е во искуството кое кажува дека кога на зло се одговара со зло – злото се радува затоа што му се отворени портите постојано да се повторува. Нека ми прости Бог, но Месијата како да ја промаши планетата, чест на малкуте свети исклучоци, ама никој никогаш нема да научи и да прифати „да го љуби непријателот свој“, па оттука, вечната борба меѓу злото и лошотијата била, тука е и продолжува.

































