Светот е вознемирен, немирен, збунет, гори, штрајкува, војува и плови без кормило како капнат лист среде бранови, што би се рекло, како да се наоѓа во состојба на целосен хаос – огромна празнина, бездна или бесконечна мрачна појава. Можеби увертира во четврта индустриска револуција и вештачка интелигенција. Веројатно некаде на дното од тој мрачен простор, митскиот извор на животот, богот познат како Природа задоволно ги трие рацете и бие со глобалниот бран со кој веројатно прави обид да ги вразуми своите немирни поданици пред да ги казни со проклетство. Глобалниот сценски настап е проследен со крешчендо на барабаните на војната, од потребите на „избраните“ да господарат со светот потпомогнати со помаз и благослов на легендарниот Мида. Тој во својата алчност заборавил дека освен богатството што го имал, треба да стави и некој залак во устата. Но ништо не е толку сериозно за сериозна загриженост. Тие најмалку сакаат да се случи катастрофа бидејќи ќе им се расипе раатлакот што го уживаат. Всушност, што би постигнале ако нема пред кого да се маваат во градите за да се прават големи. Толку околу оваа тема, која 24 часа застрашува, нуди неизвесност, измачува и нѐ става во положба на консумент што ѕвери по медиумите очекувајќи расплет, кој никако да се случи. Слично како во сериите што соборуваат рекорди. Следејќи ги, многумина остареа, а некои, за жал, ги нема повеќе меѓу нас. Не знам дали заврши една индиска серија (чинам сѐ уште трае) и се претвори во континуирана животна сторија – во секојдневие.
Што да се прави кога животот остана без сокови од насмевки, надежи, очекувања и од спокој што стивнува стресови. А без нив, боледува селото, маалото, градот, нацијата и државите, боледуваат животот и цивилизацијата. Што ни требаше светот да го претвориме во глобално село и ние, како жители на тоа село, да станеме рамнодушни ликови што сонуваат и грубо се борат за статусот и трезорот на Мида.
Никој не се однесува мазохистички, садистички, канибалистички и ѕверски како човекот кон сличните на себе. Мислев дека одамна заврши ѕверството во војните, кога ете ти, до нас допираат слика и текст за морбидни измачувања во Украина на заробени млади војници. Кутрите, биле измачувани до мера на непрепознатливост. На екранот дефилираат млади луѓе со празни погледи и аморфна душевна внатрешност. Чекорат придружувани од млади дами, сестри и пријателки и не знаат ниту каде се ниту каде ги водат. Којзнае што ќе излезе по завршувањето на конфликтот во кој страдаат надежни генерации. Неговите последици допрва доаѓаат. Ама Арес е нескротлив и упорен. Тој перманентно ги подбуцнува воинствените орди полни со омраза. Веројатно треба да биде одземен барем еден човечки живот, па да се случи одмазда од невидени размери. Кутрите заминуваат без да знаат кој им пресудил. Оти регрутираните воопшто и не се познаваат, а камоли да се мразат. Веројатно во некои други нормални животни услови, тие би биле големи пријатели.
Стресот и напнатоста предизвикуваат бегство во некои посреќни времиња. Впрочем, човекот често практикува да живее со илузии што одамна згаснале. Сеќавањата помнат, тие се помнење. По правливиот пат, се тркала дрвен сандак, количка со сладолед. Весела насмевка на лицето на сладоледџијата, среќни детски очиња. Тапанарот Јусуф разнесува усни пораки за пелцување на живината, за прскање против комарци, за штроење на прасињата, за собирите на градскиот, за претставите. На рудите од арабаџиските коли полни со приноси од нивите, се бесевме по три-четворица. А кога на земјоделецот ќе му станевме досадни, умееше да го зграпчи камшикот. Не да нанесе болка. Тој повеќе се грижеше за нашето здравје. Стравуваше да не се најдеме под тркалата на арабата. Весели игри, расположени возрасни, кои практикуваа секојдневни вечеринки, седенки по дворовите. Сите беа вработени. Имаше радост и за новиот работен ден. Луѓето си имаа обврски до крајот на работното време (15 или 16 часот) и толку. Потоа, живот и смеа. Не знаеја за профит, за второ, па и трето работно место, за бесконечна трка со соседот, роднината, со времето. „Немаше“ работни костуми и пижами, немаше инсомнија и товар грижи, односно имаше услови за здрав сон. Шест часот изутрина, голем број автобуси полни со вработени. Над десетина илјади вработени за град со 20 илјади жители. Денес за тоа време се вели дека било период на еднакво сиромашни, а тоа да не ти било добро. Градското корзо беше активно околу два часа. Река од млади со насмевки на усните, на посебна патека млади брачни двојки со колички или со дечиња на раце. Вкусно дотерани дами. Нема штикли бидејќи лесно можат да заглават во процепите на градската калдрма. Ние како деца, со чатали во рацете и муниција од тенки жици, подло целиме во женските чорапи, а жртвите се дрпаат од болка на ранетото место. Уште поголема трагедија што најлон и перлон-чорапите беа скапоцени како жолт метал. Нивните родители или пријатели ги набавуваа од Трст или од Стамбол. Солун стана атрактивен откако почнавме да им продаваме торби полни со бибер. Да, Грците немаа бибер и денес тоа звучи како чудо. За два килограми бибер, се купуваа два златни прстена. За чудо, немаа ниту банани. На шега, еден мој пријател вели дека за денешниве состојби, ние со чаталите би биле прогласени за терористи.
Во киното стигна и првиот филм со Џејмс Бонд, „Доктор Но“. Го играше покојниот Шон Конери. Тајниот агент на нејзиното кралско височество со коден симбол 007 беше вистинска атракција. Малку подоцна стигна и „Голдфингер“, неговиот втор филм. Прекрасно беше да се следат неговите акции. Се туткавме од страв следејќи ги страшните сцени на мајсторот на трилерот Алфред Хичкок. Тој беше таткото на последователните хорори. Ние бевме среќни бидејќи приказните од светот пристигнаа и кај нас. Но таму, во нив, не беше нашата реалност. Филмот „Француската врска“ со Џин Хекман во улогата на Попај – полицискиот инспектор, детално нѐ запозна со дрогата како новиот „симбол“ на реалноста. Во тоа време ретки беа оние што знаеја што значи блокбастер. Беше тоа франшизата „Кум“ со Брандо, Ал Пачино, Џејмс Кан и другите од елитната дивизија на гангстери. Нивните пеколни игри станаа и наша реалност. Не знаевме ниту што е тоа рак односно „канцер“, бидејќи нашите родители болеста ја ставаа под изразот „лошата болест“. Како тинејџери, веќе ја откривме и таа мистерија бидејќи Али Мекгроу и Рајан О’Нил ја обелоденија преку содржината и сликата на „Љубовната приказна“. Од оваа временска дистанца, мислам дека порано беше некако спокојно. Споредуваме, нели, иако нагласив дека тоа е некоја одамна згасната илузија или верување. Знам дека на нашите родители не им било лесно бидејќи биле возрасни. Едноставно, ние бевме деца, а детскиот свет е вистинско волшепство, кое најдобро ги препознава убавините на животот.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател
































