Камениот мост во центарот на Скопје доби ново декоративно и архитектонско осветлување, кое вечерва свечено беше пуштено во употреба. На настанот присуствуваа градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на турската општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу.
Како што информираше Ѓорѓиевски преку објава на Фејсбук, на свеченоста присуствувале и турскиот амбасадор во земјава, Алпер Акташ, извршниот директор на Халк банка, Фатих Шахбаз, како и почесниот конзул Ајдован Адемоски.
– Камениот мост повторно блесна – гордоста на Скопје во полн сјај! Вечерва, заедно со градоначалникот на Општина Есенлер, Турција, мојот колега Мехмет Тевфик Гоксу, свечено го пуштивме во употреба новото декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост – напиша Ѓорѓиевски.
Според него, новото осветлување има цел да ја истакне архитектурата на мостот, неговите препознатливи сводови и историското значење на еден од најпознатите симболи на главниот град.
– Постојат места на кои секогаш им се враќаме, затоа што во нив препознаваме дел од себе. За скопјани, такво место е Камениот мост. Во неговиот камен се врежани векови историја. На него се среќавале генерации, започнувале пријателства и се создавале спомени што траат цел живот – истакна градоначалникот.
Тој посочи дека проектот е резултат на соработката меѓу Град Скопје и турската општина Есенлер, воспоставена преку потпишаниот Протокол за пријателство и соработка.
– Овој проект произлезе од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер. Од договорена соработка до светлина што вечерва ја гледаме сите – така се гради пријателство што остава трага – наведе Ѓорѓиевски.
Градоначалникот упати благодарност до Општина Есенлер, градоначалникот Гоксу, Халк банка, нејзиниот извршен директор Фатих Шахбаз и почесниот конзул Ајдован Адемоски за поддршката во реализацијата на проектот.
Според Ѓорѓиевски, обновувањето и зачувувањето на историските обележја претставува обврска кон идните генерации.
– Камениот мост опстојувал со векови. Нашата задача е да се погрижиме и генерациите по нас да го гледаат со истата љубов и гордост – порача градоначалникот на Скопје.
Новото декоративно осветлување е реализирано во рамките на соработката меѓу Скопје и Есенлер, со поддршка од партнерите вклучени во проектот.








































