Еден како ниеден вели народната поговорка. Во само три збора се крие голема човечка аспирација, а тоа е да не бидеме сами бидејќи сме социјални суштества. Заедно со ова доаѓа и желбата да бидеме прифатени и сакани. Овој исконски нагон ја придружува личноста низ сите фази од нејзиниот раст и развој, па затоа желбата да ѝ се припаѓа на заедница е присутна кај децата, адолесцентите, младите, луѓето на средна возраст и, секако, кај постарите лица.
Чувство на заедница со врсници и со колеги
Аспирацијата за припадност е важна, без разлика дали кон семејство во кое поединецот се чувствува безбедно, или кон група врсници или пријатели со кои е пријатно и удобно, или кон колеги со кои поминувате голем дел од денот и го споделувате тоа чувство на заедница. Чувството на припадност има неизмерно влијание врз менталното здравје, толку многу што понекогаш е дури и ’рбетот на најважните мотиви што покренуваат.
Психијатарот и психотерапевт д-р Петар Војводиќ наведува дека постојат очигледни и помалку очигледни начини на кои припадноста има влијание врз менталното здравје. Очигледен начин е, пред сè, силната социјална поддршка, која му е потребна секому. Особено во некои околности и тешки моменти, без разлика дали лично или на пошироко ниво.
– Еден од најважните аспекти на менталното здравје е социјалната поддршка што ја добиваме од другите луѓе. Таа постои во различни форми. Може да биде емоционална поддршка, практична помош во некои ситуации, споделување информации. Верувајте ми, понекогаш е доволно некој само да биде со нас и тоа значи дека се чувствуваме подобро. Самото присуство на сосед, пријател во одреден момент може да биде лековито – вели д-р Војводиќ.
Тој потсетува дека луѓето што имаат добра социјална поддршка во текот на целиот свој живот значително помалку страдаат од вознемиреност и чувство на осаменост.
Исто така, за да се чувствува човек како дел од заедницата, мора да ја пронајде својата цел, секогаш да биде определен од тоа како и што може да направи, да придонесе, да се развие себеси или својата околина.
Волонтирање и групни активности
Ова е честа причина зошто луѓето волонтираат, се одлучуваат за тимски спортови наместо за индивидуални спортови во кои успехот зависи од групата, се приклучуваат на клубови и присуствуваат на социјални настани. Докажано е дека чувството за цел и значење придонесува за подобро ментално здравје, но и за поголемо задоволство од себе и животот.
– Припадноста кон заедница може индиректно да придонесе за менталното здравје преку промоција и одржување на физичкото здравје. На пример, заедниците што промовираат здрав начин на живот, како што се спортските клубови или рекреативните групи, ги охрабруваат поединците да се занимаваат со физичка активност. Исто така, припадноста кон клуб, група или секција дава можност за развивање вештини, стекнување самодоверба и генерално подобрување на менталното здравје – порачува д-р Војводиќ.
Конфликтите се неизбежни
Припадноста понекогаш вклучува конфликти, а д-р Војводиќ наведува дека тие може да бидат корисни и за нашето ментално здравје. Во некои помалку пријатни ситуации забележуваме како другите луѓе се ослободуваат од својата непријатност, се развива нов поглед на светот и околностите, што е уште една придобивка за менталното здравје.
Мариота Влаисављевиќ
































