Сложни браќа и во петок мрсат: протоколите се дел од француската преговарачка рамка!

Конзистентноста е основен принцип на достоинствениот живот. Конзистентен значи доследен, постојан или цврст – означува нешто што не го менува ставот секој ден, односно има стабилна основа, градба и надградба и така продолжува.
Ама, за жал, не се сите такви… И затоа овие неконзистентните не се за вера, не се за верување, ним не им се верува, во нив не може да имате доверба. Еднаш ве излажале, може и вторпат, ако и тогаш им верувате, лагата ќе им прејде во навика, ќе владеат со вас! Ама паричката има и друга страна: „Некои луѓе може да се лажат некое време, ама сите луѓе не може да се лажат цело време“ – народот веќе виде сѐ!
Се заборава дека има и хроничари што ценат конзистентност заради вера и доверба. Впрочем, довербата тешко се гради, но многу лесно се губи.
На прес-конференцијата одржана на 24 јули 2026 година, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече: „Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите, да повторам, тоа е називот на записниците од разговорите, во согласност со моето толкување и како министер за надворешни работи и како правник е дека, тие не се дел од преговарачката рамка!“ Муцунски не вели дали протоколите важат?! Ако, пак, постојат, која е нивната намена? Треба ли да се спроведуваат? Ако не треба да се спроведуваат, зошто воопшто се потпишани и во сила? Па, вториот протокол се потпиша затоа што договорот Заев-Борисов не ги дефинира сите прашања!
Муцунски го дополни своето уверување за вториот протокол со ставот на претседателката на државата дека во содржината на преговарачката рамка нема ниту експлицитна ниту имплицитна одредба поврзана со моментот на влегувањето во сила на уставните измени. И не е важно кога невестата ќе роди, важно таа цело време е трудна!
Арно ама, дали е баш така како што зборуваат министерот за надворешни работи и претседателката на државата? Од анти, станаа про СДСМ по многу важни прашања од државноста – станаа соучесници со сторителите на тешки кривични дела против нацијата и државата. Иако, за волја на вистината, поради некрологот северна, Македонија никогаш нема да биде правна држава, во неа секогаш ќе владее башибозукот, оној од темниот вилает на Отоманската Империја.
Се разбира, овој коментар не е комплекс кон ВМРО-ДПМНЕ затоа што сме за СДСМ, тие беа дабетер! Не ги почитувам едните, не значи – ги почитувам другите! Не ве почитувам вас, значи: Не сум ниту со вас ниту со нив! Се разбира, со секого, од потреба! Едноставно, неприфатливо е продолжено кривично дело, иако различни се актерите. Да почнеме со ред…
Во 2022 година, ВМРО-ДПМНЕ го отфрли договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година. Тоа беше време кога се дефинираше француската преговарачка рамка на Емануел Макрон за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија. Тоа беше време кога се потпиша вториот протокол Османи-Ганчовска на 17 јули 2022 година во кој се содржани сите идентитетски, историски и образовни прашања – Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја, чиј администратор, покрај Атина, ќе биде и Софија. Муцунски вели дека протоколот е записник, ама записникот е де факто анекс на договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година, за кој Уставниот суд молчи, и покрај иницијативите за негово поништување од Лилјана Поповска и Светскиот македонски конгрес од 2025 година, со алиби – судот чека мислење од Владата, која не одговара…
На 6 септември 2022 година, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека е отпочна постапка за задолжителен референдум со цел укинување на договорот со Бугарија потпишан од СДСМ: „Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да се пристапи кон собирање 100 потписи за граѓанска иницијатива, на која првопотпишани ќе бидат претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и раководството, по што очекуваме Собранието да ја одобри иницијативата, по што ќе почнат да течат роковите за собирање 150.000 потписи, со цел организирање референдум со прашањето: ‘Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.1.2018 година?’… Овој договор е корен на сите проблеми и почеток на негацијата на македонскиот јазик, идентитет и историја“.

Интересно е да се демистифицира, зошто ВМРО-ДПМНЕ почна иницијатива со погрешно поставено референдумско прашање?! Инаку, референдумското прашање требаше да гласи „Дали сте за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година?“
На референдумското прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.1.2018 година?“, цензусот за валидност на прашањето требаше да го собира ВМРО-ДПМНЕ. На референдумското прашање „Дали сте за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година?“, цензусот за валидност на прашањето требаше да го собира СДСМ, бидејќи оттаму го потпишаа договорот. А бидејќи за валидност на референдумот мнозинство од вкупниот број запишани избирачи е невозможна мисија, референдумот со вмровското прашање ќе беше пораз за ВМРО-ДПМНЕ – ќе останеше во сила Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година. Но референдумот со прашањето „Дали сте за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година?“ ќе беше пораз за СДСМ – и ДИК само ќе констатираше дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година повеќе не важи, бидејќи одлуката за негова важност не е донесена на референдумот!
И очекувано, парламентарниот спикер Талат Џафери на 13 септември 2022 година ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање 150.000 потписи за граѓанската иницијатива доставена до Собранието на 9 септември 2022 година, на која првопотпишани беа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и раководството. Пратениците на СДСМ и ДУИ во Собранието не да ја одобрија иницијативата за референдум. За жал, ВМРО-ДПМНЕ не ја повтори иницијативата во Собранието. Иницијатива со истата намера и повторно со погрешно референдумско прашање поведе и партијата Левица, ама и ним Талат Џафери им ја отфрли иницијативата и прашањето за валидноста на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година падна во заборав, во сенка на дворските шутови на марионетската влада на Зоран Заев…
По изјавата на Тимчо Муцунски на 24 јули 2026 година, како кокиче никна Бујар Османи, тој истиот ден се јави со коментарот: „Еве четири години велам дека протоколите не се дел од преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам повторувам. Еден чекор поминат – протоколот не е дел од рамката. Продолжуваме понатаму…“
Ист беше епилогот и по изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервјуто за Македонското радио на 14 мај 2026 година кога рече: „Иако е спротивен на меѓународното и домашното право, Преспанскиот договор денес е реалност. Сепак, договорот го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура!“ Претседателке, Ваша обврска е итно и безусловно еднострано да го раскинете договорот, кој е во спротивност со меѓународното и домашното право, а не да го продолжите кривичното дело со констатацијата „Преспанскиот договор денес е реалност!“ иако претходно се колневте дека нема да го изустите некрологот северна.

Инаку, во спогодбата Димитров-Коѕијас никаде не се зборува за постоењето на македонскиот народ, ниту како демос, воопшто пак како етнос, туку се зборува за елинската цивилизација во северниот регион на Грција од антиката до денешен ден, но веднаш се огласија Венко Филипче, Андреј Жерновски и Никола Димитров. Тие ја искористија изјавата на Сиљановска како алиби за амнестија од велепредавството. Според нив, СДСМ го бетонирал македонскиот идентитет во спогодбата Димитров-Коѕијас! Пародија! И покрај сѐ, велепредавството останува, ама сложни браќа и во петок мрсат!
Да, продолжуваат истите дворски игри со познати шутови, за повторно и повторно, како и порано, народот жеден да се превесла преку вода. Но бидете свесни дека ниту една вода нема да ве испере, ако впишете Бугари како „дел од бугарскиот народ“ во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот на државата Македонија, со образложение – тоа е новата нормалност! За жал, новата ненормалност сте вие, затоа што ја внесувате државата Македонија во сојуз, загрозувајќи ја нејзината независност, доведувајќи ја државата Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава – дело казниво со затвор најмалку пет години до доживотно, во согласност со членот 308 од Кривичниот законик!
За да бидат појасни предавствата на СДСМ и соучеството на ВМРО-ДПМНЕ во предавствата на СДСМ, (ДУИ не ги ни сметаме, бидејќи Албанец не може да го решава македонското прашање со Бугарија поради конфликт на интереси, какво што право СДСМ му даде на Бујар Османи како министер за надворешни работи), бидејќи баба лаже рог не, да се потсетиме на забелешките на преговарачката рамка (општиот став на ЕУ) од францускиот претседател Емануел Макрон и заедничкиот став на ЕУ (преговорите за пристапување) во однос на Македонија, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ на 6 јули 2022 година, а во расправата по предлог-заклучоците за прифаќање на француската преговарачка рамка, усвоени со 68 гласа „за“, на 81-та седница на Собранието на Македонија одржана на 16 јули 2022 година.
Точката 5 од преговарачката рамка вели: „Напредокот на преговорите ќе биде воден од напредокот на Северна Македонија во подготовките за пристапување и ќе поттикне економска и социјална конвергенција. Овој напредок ќе се мери особено во однос на следниве барања“:
Во француската преговарачка рамка, ВМРО-ДПМНЕ ги предлага следните забелешки: (1) Во точката три зборовите „ЕУ ги зема во предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ се бришат. Во ставот три по зборот „ЕУ“ се додаваат зборовите „истите ќе бидат на македонски јазик“.
(2) Во точката пет од преговарачката рамка се брише последната алинеја, која гласи: „Имајќи го предвид горенаведеното, посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според членот 12 (еве ги протоколите на Муцунски, м.з.), во согласност со Солунската агенда за Западен Балкан усвоена во јуни 2003 година, Декларацијата од Софија од мај 2018 година, Декларацијата од Загреб од мај 2020 година и Декларацијата од Брдо од октомври 2021 година, заклучоците на Советот за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација од март 2020 година и декември 2021 година и други релевантни заклучоци на Советот“.

Во документот, пак, наречен заеднички став на ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ ги предложи следните забелешки: (1) Во точката 1 по зборчето „на“ се бришат зборовите „првата фаза од“; (2) Се брише точка 11 којашто гласи: „Оваа Преговарачка рамка ќе ви ја презентираме врз основа на општиот став на ЕУ, за време на следниот состанок на меѓувладината конференција која сме подготвени да ја одржиме без понатамошни одлагања или дополнителна политичка одлука, веднаш штом Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени како што е наведено во Заклучокот на Советот од XX/XX/2022, во согласност со своите внатрешни процедури“ (еве го демантот на изјавата на претседателката на државата дека во содржината на преговарачката рамка нема ниту експлицитна ниту имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени, м.з.); (3) Во точката 13 се бришат зборовите: „Откако Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми договорени од Советот“; (4) Во точка 14 се бришат следните зборови: „Денес, потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучувајќи ги договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Во таа насока, го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој договор (еве го повторно вториот протокол, кој за Муцунски во преговарачката рамка не постои, м.з.). Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка кои остануваат суштински елементи од процесот за проширување како и од процесот за стабилизација и асоцијација“.
Заборави ли лидерството на ВМРО-ДПМНЕ на овие свои забелешки на француската преговарачка рамка, за кои денес вели дека не постојат?
На меѓународната конференција „Објективот на младите за мир и помирување“, која на 14 ноември 2022 година се одржа во Охрид, новата амбасадорка на САД во Македонија, Ангела Агелер, која пред десет години во американската амбасада во Скопје го предводеше Одделението за односи со јавноста, изјави: „Ако некој ми кажеше во 2013 година дека оваа земја ќе го смени своето име за да стане најновата членка на НАТО, јас ќе речев дека тоа не е возможно! Ама го сменивте!“ За жал, сѐ ќе сменат, нема кој да ги отера во затвор со конфискација на личниот имот и имотот на членовите на семејството, дома и во светот!
А како невозможното стана возможно призна претседателот Стево Пендаровски на 18 ноември 2022 година во интервју за ТВ 24: „Осумтемина од ВМРО-ДПМНЕ кои тогаш гласаа за промени на Уставот, во тој период кога требаше да се отвора Уставот… имаа прилично долг состанок во хотелот ’Мериот‘ со американскиот амбасадор. Прилично долг, неколку саати, во кои тој ги убедуваше! Ги убедуваше, не им се закануваше… зошто, тоа би требало да го направат!“
Колку за незаборав, тие осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што гласаа за уставните измени на 11 јануари 2019 година, за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ, се: Елизабета Канчевска Милевска, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Зекир Раниловиќ, Владанка Аврамовиќ, Нола Исмаилоска Старова, Емилија Александрова и Сашо Василевски… Хајд парк…
Христијан Мицкоски во емисијата „Утринско еспресо со Златев и Боцевски“ на Радио Лидер на 18 ноември 2022 година, коментирајќи ги осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што гласаа за промената на Уставот, а со цел промена на името на државата и идентитетот на Македонскиот народ, ќе речеш ги сожалуваше, изјави: „Знаете тогаш што се случуваше. Не велам и сега, ако не им се стави пиштол на тие луѓе на глава, дека не можат да најдат некои такви како овие што ги носеа за уши да гласаат таму! Секој човек е подложен на закани, на уцени и на притисоци. Немојте да мислите дека, тоа за името, тие дојдоа таму и го направија тоа по своја добра волја!“

Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информираше дека вкупно 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на нотар завериле изјави дека нема да прифатат промена на Уставот! На 16 јули 2022 година, Христијан Мицкоски на прес-конференција пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ со пратеничката група во Собранието, рече: „…Информацијата што помина во Собранието нема никакво значење, затоа што преговарачката рамка ја усвојува Владата. Но, затоа, обврските што произлегуваат од преговарачката рамка, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите, нема да помине во македонското Собрание! Повторувам: НЕМА ДА ПОМИНЕ ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ ПРОМЕНА НА УСТАВОТ СО ЦЕЛ ВНЕСУВАЊЕ НА БУГАРИТЕ ВО НЕГО! За тоа гаранција се ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници стојат зад мене и сме заедно во оваа битка! Народот може да биде спокоен, ова не е 2019 година! По иницијатива на пратениците, како гаранција со која се обврзуваме пред граѓаните за ова наше ветување, со цел блокада на предавството на оваа влада, се изјавите на пратениците заверени на нотар, дека со мирна совест и здрава свест, НЕМА ДА ПРИФАТАТ ПРОМЕНА НА УСТАВОТ! А тоа го гарантираат со својата чест, совест и оставка, која веднаш стапува во сила доколку се случи тоа! Ниту еден пратеник нема да го одобри ова предавство и за тоа го имате мојот збор, дека тоа нема да се случи! Овде се тие изјави. Еве ги тие изјави заверени на нотар! Нема отстапување ниту милиметар од ова! Нема чекор назад… Не очајувајте народе! Не е ништо завршено, Уставот нема да се смени, преговарачката рамка нема да биде прифатена! А идната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе има многу тешка задача да го исправи тоа што овие сега го погрешија, да го врати украденото. А тие што ова ѝ го направија на Македонија, овие предавници, овие одродници и криминалци ќе одговараат за тоа што го сторија“ (сѐ уште никој за ова предавство не одговарал – м.з.).
На 14 август 2022 година, пак, на прес-конференција во Прилеп, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментираше: „Тука ќе предупредам на еден процес што се обидува да го води власта – ‘Што да правиме, Европа така нѐ тера!’ Тоа не е точно! Европа не нѐ тера! Не смееме да потпаднеме на таа провокација! Европа има чесни намери, ги отворила вратите за Македонија, јас верувам во тие чесни намери, но знам кој има нечесни намери – Владата во Софија и оваа наша некредибилна и корумпирана власт, а единствената цел е асимилација на македонскиот народ, односно бугаризација! Тоа не е европеизација… Непроменливоста на Уставот е првиот браник! Иако од власта ќе продолжат со притисоците и со изјавите дека имало пратеници од раководството, нема такви! Тука сакам да ја затворам таа тема – по цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема, јас гарантирам! АКО НЕКОЈ ОД ВМРО-ДПМНЕ ГЛАСА И ПОД ОВИЕ УСЛОВИ СЕ ПРОМЕНИ УСТАВОТ, ТОГАШ ЈАС ЌЕ СИ ЗАМИНАМ, ЌЕ ЈА НАПУШТАМ ПОЛИТИКАТА И НИКОГАШ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ЗАНИМАВАМ СО ПОЛИТИКА!“
Ај сега фати им го крајот. А, свесни се, знаат дека упорно ја тераат нацијата во амбис од кој тешко некогаш ќе има враќање. Сите што во оваа држава знаат и умеат, ги изолираа, ги дискредитираа, ги етикетираа, ги оставија без работа на улица да гладуваат, ги избркаа од државата… А странските мешетари го прават со Македонија тоа што го правеа со векови во Африка, Азија, Америка… Предизвикаа шарена револуција, инсталираа марионетска влада, таа ги склучи договорите за велепредавство со Бугарија и Грција и сега ни делат лекции и заушки: Ние не ви го сменивме името, тоа го стори вашето собрание! Ние не ви го сменивме знамето, тоа го стори вашето собрание! Ние не ви ја менуваме историјата, тоа го прави вашата влада во комисиите со Атина и Софија! Велепредавството не е демократија. Меѓународен договор во спротивност со меѓународното право е ништовен. Меѓународните договори не се нераскинливи: Како што се склучиле, така може и еднострано да се раскинат! Е, затоа си одат стотици илјадници од Македонија. Поради владините коалиции и парламентарните опозиции, кои се неконзистентни, полни со гола страст за власта и сласт за моќ и пари, односно провизии. Амин!

Тодор Петров