Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди сериозни слабости во работењето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), меѓу кои недоволна контрола на здравствените услуги, доцнење во дигитализацијата, слабости во лекувањето во странство и неажурирани цени на здравствените услуги и лековите.
Во Извештајот за ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на ФЗО за 2024 година, ДЗР изразува мислење со резерва, наведувајќи дека, и покрај делумното спроведување на претходните препораки, сè уште се потребни суштински системски подобрувања.
Ревизорите посочуваат дека ненавремената уплата на придонесите од надлежните институции сериозно влијае врз ликвидноста на Фондот и го отежнува навременото сервисирање на обврските кон здравствените установи.
Заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнал 8,4 милијарди денари, односно околу 137 милиони евра. Воедно, Министерството за здравство на крајот на 2024 година не исплатило околу 2,1 милијарди денари (приближно 35 милиони евра) за придонесите за неосигурените лица.
Ревизијата укажува и на сериозни недостатоци во информацискиот систем на ФЗО, меѓу кои недостиг од стратешко планирање, ограничени кадровски капацитети, недоволно функционални ИТ-модули и доцнење на системот за електронски рецепт. Дополнително, постојните контроли при издавање и фактурирање на рецептите не обезбедуваат доволно високо ниво на надзор.
Како проблем се наведува и нецелосната поврзаност на системот на ФЗО со „Мој Термин“, недоволниот број лекари-контролори и отсуството на анализа на ризик при планирањето на контролите, што ја намалува нивната ефикасност.
Во текот на 2024 година биле извршени 44 контроли во болничките здравствени установи, а кај речиси половина од нив биле утврдени неправилности. Најголемиот дел од контролите биле спроведени во јавните установи, додека приватните болници, чии исплати зависат од обемот на извршените услуги, биле предмет на значително помал надзор.
Ревизорите утврдиле слабости и во јавните набавки, особено во ИТ-секторот. Кај 17 од 20 ревидирани постапки била доставена само една понуда, што, според ДЗР, укажува на ограничена конкуренција. Дополнително, набавениот софтверски модул за обработка на фактури за странско осигурување сè уште не е ставен во употреба бидејќи не одговара на потребите на Фондот, па документацијата и понатаму се обработува рачно.
Во делот на лекувањето во странство, ревизијата констатира непочитување на законските рокови, недоволно следење на исходот од лекувањето и слабости во контролата на авансните плаќања кон странските здравствени установи. Околу половина од авансно исплатените средства се однесуваат на периодот од 2014 до 2023 година, а за нив сè уште нема конечни фактури или поврат на средствата.
Како едно од клучните ревизорски прашања е посочен и моделот на финансирање на јавните здравствени установи, кој, според ДЗР, не го следи принципот на плаќање според реално извршените здравствени услуги. Ревизијата укажува и на потребата од ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, кои во најголем дел не се менувани повеќе од една деценија, како и на Листата на лекови што се покриваат на товар на ФЗО.
ДЗР до Фондот достави препораки за надминување на утврдените слабости и подобрување на ефикасноста и транспарентноста во работењето.


































