Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ја интензивира соработката со меѓународните партнери со цел забрзување на енергетската обнова на јавните објекти, намалување на потрошувачката на енергија и поефикасно користење на јавните ресурси.
Во рамки на подготовката на проектот PIONEER-MK, со поддршка на програмата PEEB Cool, во Министерството беше реализирана мисија на Француската агенција за развој (AFD). По тој повод се одржа и партнерски состанок на кој учествуваа претставници на AFD, Светската банка, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Канцеларијата на претседателот на Владата.
На состанокот беа разгледани можностите за подобра координација на активностите и унапредување на соработката за спроведување на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите од јавниот сектор на државно ниво, за периодот од ноември 2025 до ноември 2028 година.
Од МЕРМС посочуваат дека енергетската обнова на јавните објекти е важна инвестиција што треба да придонесе за намалување на трошоците и потрошувачката на енергија, како и за создавање поодржлива јавна инфраструктура.
Преку координирано дејствување на домашните институции и меѓународните партнери се очекува да се подобри спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност и да се намалат емисиите на стакленички гасови.
Министерството најавува дека ќе продолжи да ја зајакнува соработката со националните и меѓународните институции, со цел спроведување на реформските приоритети и исполнување на националните и европските цели за енергетска ефикасност и зелена транзиција.
































