Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) заплениле и уништиле 1.000 килограми пилешки желудник, чиј увоз и употреба за човечка исхрана се забранети, при вонредни контроли во месарници во Охрид и Струга.
При контролите биле откриени и уништени дополнителни 55 килограми подготовки од месо во кои бил употребен пилешки желудник. Против две месарници кои не ја почитувале забраната за увоз и употреба на овој производ, вклучително и во подготовката на месни производи, се преземени соодветни прекршочни мерки.
Од АХВ информираат дека контролите во Охрид и Струга се дел од засилените инспекциски активности насочени кон спречување на нелегалниот промет со овој вид храна, сузбивање на незаконските активности и заштита на здравјето на потрошувачите.
Од Агенцијата потсетуваат дека во јули 2024 година донеле решение со кое се забранува увозот и употребата на пилешки желудник наменет за човечка исхрана, како и неговото користење во производството на месни подготовки и производи.
Одлуката била донесена врз основа на спроведена анализа на ризик и резултати од инспекциски контроли, при кои биле утврдени можни опасности по здравјето на луѓето, како и случаи на злоупотреба и доведување на потрошувачите во заблуда од страна на неколку месни индустрии.
Според АХВ, потенцијалните ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината вклучуваат можна контаминација со патогени бактерии и вируси, како и присуство на токсини.
Агенцијата најавува продолжување на засилените контроли со цел доследно спроведување на забраната и обезбедување поголема заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите.



































