При засилени контроли во 66 угостителски објекти и казина низ државата, спроведени во ноќта меѓу 17 и 18 октомври, биле откриени повеќе неправилности, меѓу кои присуство на малолетници по полноќ, точење алкохол на малолетни лица и незаконско приредување игри на среќа, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во акцијата учествувале Одделот за криминалистичка полиција, секторите за внатрешни работи и надлежните инспекциски служби.
– При контролите, во еден објект се затекнати четири малолетни лица по 24:00 часот, а во два објекти е констатирано точење алкохол на малолетници – информираат од МВР.
Полицијата легитимирала 38 лица, извршила преглед на 61 лице и едно возило, а го утврдила идентитетот на 31 лице. Едно лице било приведено поради одбивање да се легитимира, додека тројца странски државјани биле приведени поради нерегулиран престој во државата.
При контролите биле откриени и други прекршоци. Во еден угостителски објект било затекнато лице кое вршело обезбедување без лиценца и легитимација, а во друг бил нарушен јавниот ред и мир. Изречени биле и три глоби за прекршување на Законот за заштита од пушење.
Возел со 2,04 промили алкохол во крвта
Во близина на прилепското село Мажучиште полицијата запрела возач кај кого биле измерени 2,04 промили алкохол во крвта. Тој бил лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ од член 297-а од Кривичниот законик.
Во Кичево, пак, бил извршен претрес на локација каде што незаконски се приредувале игри на среќа. Затекнати биле две лица, а биле одземени и предмети поврзани со случајот.
– По целосно документирање, ќе следува соодветна пријава – наведуваат од Министерството.
Во акцијата биле вклучени и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Инспекциските служби утврдиле неправилности што се однесуваат на непријавени работници, работење без потребни одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност, промет во девизи, како и недостатоци во хигиенските услови и противпожарната заштита. За утврдените неправилности биле преземени соодветни мерки и санкции.
Од МВР најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени и координирани контроли во угостителските објекти и казината, во соработка со надлежните институции, со цел откривање и санкционирање на незаконските дејствија и зголемување на безбедноста на граѓаните.


































