Совршена бура на Блискиот Исток

  • Доколку украинско-иранската конфронтација навистина започне да се прелева надвород досегашните рамки, тогаш првпат ќе стане можно директно спојување на европското и блискоисточното боиште. Тоа веќе не би биле два различни конфликта, туку делови од една иста глобална криза

Понекогаш историјата не го најавува големиот конфликт со една пресудна битка. Таа го гради тивко, преку десетици навидум одвоени кризи, кои во еден момент се спојуваат во единствен геополитички пожар. Денес токму таква слика се создава пред очите на светот. Од украинското боиште, преку Касписко Море, до Ирак, Персискиот Залив, Ормускиот Теснец, Јемен и Баб ел Мандеб, се обликува нова стратегиска оска на нестабилност, која има потенцијал да ја вовлече половина планета во судир чии последици никој повеќе нема да може да ги контролира.
Последните настани се вклопуваат во мозаик што сè помалку остава простор за случајности. Во јавноста се појавија тврдења дека Украина со беспилотни летала нападнала ирански трговски брод во Касписко Море, при што имало загинати и ранети членови на екипажот. Доколку таквите информации се потврдат, тоа би било прв директен инцидент што украинската војна ја турка кон простор што досега беше надвор од непосредните борбени операции.
Каспискиот Басен одамна не е само географска одредница. Тој е логистички мост меѓу Русија, Иран и Централна Азија, дел од коридорите преку кои се движат енергенти, воена технологија и стратешки суровини. Секој удар врз тој простор автоматски добива значење што далеку ги надминува украинските фронтови.
Доколку украинско-иранската конфронтација навистина започне да се прелева надвор од досегашните рамки, тогаш првпат ќе стане можно директно спојување на европското и блискоисточното боиште. Тоа веќе не би биле два различни конфликта, туку делови од една иста глобална криза.
Во исто време Блискиот Исток влегува во нов циклус на вооружување и позиционирање. Ирак повторно станува арена на пресметка меѓу регионалните сили. Тамошните шиитски формации, со долгогодишни врски со Техеран, претставуваат една од најсилните вооружени структури во регионот. Нивното евентуално директно вклучување во поширок конфликт би ја проширило војната многу подалеку од ирачката територија.
Јемен останува второто жариште. Ансар Алах, познато како Хути, не е повеќе локално востаничко движење. Тоа претставува организирана воена сила што контролира значителен дел од северен Јемен и еден од најважните геостратегиски теснеци во светот – Баб ел Мандеб. Од таму поминува значителен дел од светската трговија меѓу Азија и Европа. Контролата врз таа точка значи контрола врз една од артериите на светската економија.

Затоа нападите врз енергетската инфраструктура, танкерите, пристаништата и поморските линии одамна не се само тактички операции. Тие претставуваат економско оружје со глобален ефект. Доволно е неколку недели да бидат блокирани Ормускиот Теснец и Баб ел Мандеб за светските пазари повторно да се соочат со енергетски и транспортен шок.
Американската стратегија дополнително ја усложнува ситуацијата. Поддршката за развој на цивилна нуклеарна програма во Саудиска Арабија, паралелно со политиката на максимален притисок врз иранските нуклеарни амбиции, во Техеран се чита како порака дека рамнотежата во регионот треба трајно да биде нарушена во корист на американските сојузници.
За Саудиска Арабија дилемата станува сè потешка. Од една страна, таа настојува да избегне директен судир со Иран, свесна дека нејзината нафтена инфраструктура останува исклучително ранлива. Од друга страна, политичките и безбедносните околности ја туркаат кон сè поцврсто позиционирање во антииранскиот блок.
Токму тука лежи најголемата опасност. Војните најчесто не започнуваат кога некој ги сака, туку кога политичките елити ќе проценат дека повеќе не можат да ги избегнат.
Доколку Ирак, Јемен и Персискиот Залив истовремено станат активни фронтови, Иран речиси сигурно ќе ги активира сите свои регионални капацитети. Тоа би значело отворање повеќе фронта во исто време – сценарио што драматично би ја променило безбедносната карта на Блискиот Исток.

Но приказната не завршува тука. Русија не може рамнодушно да набљудува евентуално отворање нов фронт против својот најважен блискоисточен партнер. Кина, пак, нема простор за неутралност доколку бидат загрозени енергетските правци преку кои се снабдува нејзината економија. За Пекинг, безбедноста на Ормускиот Теснец и Баб ел Мандеб не е регионално, туку глобално, но и национално економско прашање.
Оттука, секој нов инцидент добива многу поширока тежина. Повеќе не станува збор само за Украина, само за Иран или само за Јемен. Станува збор за постепено поврзување неколку одделни кризи во единствен безбедносен простор во кој секој локален удар може да произведе глобални последици.
Денес линијата на нестабилност се протега од Донбас, преку Црно и Касписко Море, до Персискиот Залив, Ормускиот Теснец, Црвено Море и Баб ел Мандеб. Тоа е простор во кој се концентрирани најважните енергетски, транспортни и воени интереси на современиот свет.
Во такви околности, дипломатијата сè повеќе заостанува зад динамиката на воените подготовки. Армиите се вооружуваат, морнариците ги засилуваат патролите, противвоздушните системи се разместуваат, а политичките пораки стануваат сè поостри. Големите сили не зборуваат за војна, но се однесуваат како да се подготвуваат за неа.
Затоа најголемата опасност не е само во некој поединечен напад. Таа е во можноста различните конфликти конечно да се спојат во една единствена стратешка пресметка.
Доколку се случи тоа, светот повеќе нема да зборува за украински конфликт, блискоисточна криза или регионални судири. Ќе зборува за најголемата геополитичка пресметка на XXI век.
А сите елементи на таа „совршена бура“ денес изгледаат поблиску отколку кога било досега.