Фото: Маја Јаневска - Илиева

Стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави останува еден од темелите на надворешната политика на земјава, а очекувањето е соработката со Вашингтон да продолжи со ист интензитет и со уште поконкретни економски резултати, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, Муцунски се осврна на неодамнешната посета на САД и учеството на македонската делегација на Генералното собрание на Обединетите нации.

Според него, односите меѓу Скопје и Вашингтон се продлабочуваат, а политичкото партнерство сè повеќе добива конкретна економска содржина.

 – Стратешкиот однос со САД е еден од постулатите на нашата надворешна политика и моето очекување е дека интензитетот на таа соработка ќе продолжи – истакна Муцунски.

Тој посочи дека за продлабочувањето на соработката сведочат интензивните контакти со американската администрација, Конгресот и финансиските институции, како и разговорите за инвестиции во стратешки сектори.

Поголема трговска размена и нови инвестиции

Министерот нагласи дека земјава бележи раст на трговската размена со САД, како и зголемен извоз кон американскиот пазар.

Според него, ваквите трендови се значајни за домашната економија бидејќи придонесуваат за зачувување на работните места и отвораат простор за проширување на производствените капацитети на компаниите ориентирани кон извоз.

Муцунски информираше и дека продолжуваат разговорите со Американската меѓународна развојна финансиска корпорација (DFC), како и со други американски партнери за потенцијални инвестиции во Македонија.

Како особено значајна ја издвојува иницијативата „Trade Over Aid“, која има за цел да поттикне стратешки инвестиции и да ја продлабочи економската соработка меѓу двете земји.

Муцунски за критиките за делегацијата во ОН

Во интервјуто, шефот на дипломатијата се осврна и на критиките од опозицијата за настапот на македонската делегација на Генералното собрание на ОН.

Муцунски оцени дека дел од информациите што биле пласирани во јавноста не соодветствуваат со фактите.

Тој посочи дека премиерот Христијан Мицкоски и неговата сопруга биле поканети и присуствувале на приемот организиран од американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп.

Министерот ги отфрли и тврдењата дека македонската делегација била поголема од вообичаено, наведувајќи дека нејзиниот состав бил во рамки на форматот што државата го применувала и во претходните години.

Политичките односи да донесат економски резултати

Муцунски порача дека надворешната политика ќе продолжи да биде насочена кон зајакнување на стратешкото партнерство со САД, но и кон претворање на политичките односи во конкретни економски придобивки.

Фокусот, како што истакна, ќе биде на привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена и создавање дополнителни можности за македонските компании и граѓаните.