Сакаме да најдеме решение со Бугарија кое ќе обезбеди предвидливост и сигурност во процесот на евроинтеграција, но во овој момент нема услови за уставни измени, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, Муцунски рече дека постои интерес од европските институции и од дел од земјите членки на ЕУ да помогнат во интензивирање на дијалогот меѓу Скопје и Софија.
– Сакаме да најдеме решение за проблемот со Бугарија што ќе ни обезбеди предвидливост на процесот на евроинтеграција. Нашите позиции се апсолутно јасни – во овој момент нема услови за уставни измени поради начинот на кој Бугарија се позиционира – изјави Муцунски.
Тој нагласи дека Македонија е подготвена за разговори со Софија, но оти постојат теми за кои, според него, не може да се преговара.
– Треба да разговараме, иако за некои теми не може да се разговара. Убеден сум дека има простор за креативност и доколку има волја од соседна Бугарија, може да се дојде до решение – рече министерот.
Муцунски следната недела во Софија
Шефот на дипломатијата информираше дека иако немало средба со бугарските претставници за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, комуникацијата меѓу двете страни продолжува.
Тој најави дека следната недела ќе престојува во Софија на состанок посветен на Коридорот 8, при што очекува да се сретне и со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова.
Муцунски смета дека досегашните билатерални контакти не донеле конкретен напредок и дека во процесот е потребно поголемо ангажирање на Европската Унија.
Фон дер Лајен во Скопје
Како можност за дополнително отворање на ова прашање ја гледа и претстојната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје.
– Една од темите несомнено ќе биде прашањето поврзано со Бугарија и како да се најде решение за истото – рече Муцунски.
Според него, Македонија има јасна црвена линија – секое решение треба да обезбеди предвидливост и сигурност во пристапниот процес.
– Имаме проблем со една земја членка, која го држи во заложништво целиот процес на евроинтеграција на земја која спроведува реформи, која е усогласена со надворешната политика на ЕУ и е стратешки определна – изјави министерот.
„Бугарија бара повеќе од уставните измени“
Муцунски оцени дека постои разлика меѓу она што, како што рече, го бараат европските институции и 26 земји членки и позицијата на Бугарија.
Според него, европските институции укажуваат дека уставните измени се единствениот предуслов, додека Софија инсистира на спроведување на пошироки обврски поврзани со предлогот од 2022 година.
– Европската Унија и 26 земји членки ни велат: единствен предуслов се уставните измени. Една земја членка ни вели: има многу повеќе – рече Муцунски.
Тој додаде дека токму различните толкувања на обврските од предлогот од 2022 година создаваат, како што оцени, недостаток на предвидливост во процесот.
Муцунски посочи дека Македонија не се противи на разговори со Бугарија, но оти процесот на европска интеграција не треба да се користи за отворање прашања поврзани со националниот идентитет.
– Ние во Европската Унија очекуваме да влеземе со засилен идентитет, а истовремено очекуваме ЕУ и пристапниот процес да имаат за цел да ги трансформираат нашите институции, а не нашиот национален идентитет – истакна тој.
Министерот порача дека Владата сака решение со Бугарија, но тоа, според него, треба да биде постигнато во рамки на европските вредности и да обезбеди долгорочна предвидливост на евроинтегративниот процес.

































