ОДБОЈКА
- А-репрезентацијата ќе игра на Медитеранските игри, а селекцијата до 20 години во зонските квалификации за пласман на ЕП 2027
Женската одбојкарска репрезентација на Македонија во хотелот „Континентал“ во Скопје го имаше новиот собир со кој ги почнува подготовките за учеството на Медитеранските игри (МИ) во Италија (од 21 август до 3 септември). Селекторот Милош Гавриловиќ по дебито сега знае со што располага иако списокот за овој собир претрпе промени со оглед на тоа што некои од младите одбојкарки ги нема на располагање поради обврските што ги имаат со селекцијата до 20 години, во зонските квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
За Македонките ова ќе биде втор настап во низа на МИ. Црвено-жолтите ќе играат во групата Б со Турција, Грција, Алжир и со Косово, а во групата А се Италија, Србија, Египет, БиХ и Сирија.
– По кратка пауза повторно се собравме на подготовките за Медитеранските игри. Составот е малку сменет, не се сите девојки што беа со нас и во првиот дел. Помладите ќе настапуваат за селекцијата до 20 години. На Медитеранските игри ќе се соочиме со репрезентации што се на нашето ниво. Се надевам дека успеавме пред сѐ да се одмориме, но и да размислиме за сѐ, каде грешевме, кои работи беа добри и на што треба да продолжиме да работиме и што треба да подобриме.
На Медитеранските игри да отпатуваме со идеја да оствариме две победи, што е моја лична цел, а зошто да не и три. Ќе видиме и противниците во кој состав ќе дојдат, но во Таранто одиме на победа. Пред тоа ќе мора добро да се подготвиме, да работиме и да напреднеме повеќе од првиот собир – изјави Гавриловиќ, пренесе ОФМ.
Прв противник во групата Б за Македонките ќе биде Грција, на 20 август (17.30 ч.), следниот ден, во истиот термин ривал ќе биде Турција, на 22 август (14.30 ч.) е мечот со Алжир, а на 23 август (14.30 ч.) со Косово. Првите две репрезентации од секоја група на 25 август играат полуфинални дуели, а финалето и мечот за третото место се на 27 август.
И селекцијата на Македонија за одбојкарки до 20 години почна со подготовките за настап во Зонските квалификации за ЕП 2027. Селекторот Дејан Стојанов ги има на располагање сите одбојкарки што се најдоа на поширокиот список. Г.И.
































