Фото: „Нова Македонија“

Повод: Словенија со најголем раст на продуктивноста кај европските работници

  • Домашните експерти укажуваат дека продуктивноста е исклучително важна, заедно со начинот на распределбата на добивката. Професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“ во неколку наврати ја објаснува поврзаноста меѓу продуктивноста и платите на работниците и става акцент на потребата од раст на целата економија

Продуктивноста на работниците низ Европската Унија повторно се зголеми, а иако станува збор за минимален раст, институциите сепак регистрираа ново зголемување во вториот квартал од годината. Имено, европскиот статистички центар“Евростат“ утврди дека продуктивноста на трудот во ЕУ се зголемила за 0,9 проценти врз основа на бројот на лица и за 0,8 отсто врз основа на одработените часови, во споредба со истиот квартал од претходната година.
Што се однесува, пак, до Македонија, состојбите се многу подобрени, откако македонските работници во изминатите години значително заостануваа со продуктивноста, особено по влезот на странските компании. Но, сепак, сè уште не се достигнати нивоата на развиените земји.
Интересно е да се обележи оти во согласност со податоците на ЕУ, една поранешна југословенска република, која повеќе од две децении е дел од Унијата, овој пат бележи најголем раст на продуктивноста меѓу земјите членки. Станува збор за Словенија.
– Во првиот квартал од 2026 година продуктивноста на трудот во ЕУ беше зголемена за 0,4 проценти и според бројот на лица и според одработените часови, во споредба со истиот квартал од претходната година – се укажува во објавата на „Евростат“.
Наедно, статистичарите утврдија дека продуктивноста на трудот најмногу се зголемила во Словенија – каде што процентот достигна до 4,5 отсто споредено со вториот квартал од 2025 година.

Словенија со најголем раст на продуктивноста

По Словенија, висок раст на продуктивноста е забележан и во Данска со 3,6 проценти и во Литванија со раст од 3,5 отсто. Спротивно на нив, само три земји имаат регистрирано намалување или пад на продуктивноста на трудот, а тоа се Република Ирска со пад од еден отсто, Романија со пад од 0,8 проценти и Италија со пад од 0,4 проценти пад на продуктивноста на трудот врз основа на бројот на лица.
– Словенија исто така го има најголемиот пораст на продуктивноста на трудот врз основа на одработените часови со плус 5,8 отсто, по што следуваат Данска со плус 3,5 проценти и Латвија со плус 3,4 отсто. Продуктивноста на трудот врз основа на одработените часови опадна во пет земји на ЕУ, при што најголемиот пад е забележан во Романија за 1,2 отсто, во Чешка за 0,8 проценти и Португалија за 0,5 отсто, додека во Република Ирска таа остана стабилна – се потенцира во нивната објава.
Продуктивноста на работниците во Македонија е предмет на постојани дебати меѓу синдикатите, економските експерти и бизнис-заедницата. Додека за едните продуктивноста е ниска и е резултат на слабите перформанси на работниците, синдикалните здруженија имаат сосема спротивни тврдења поткрепени со бројките.
Според податоците од Меѓународната организација на трудот (ИЛО) индикаторот бруто-домашен производ по одработен час во долари односно продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 долари по одработен час или 1.768 денари.

Продуктивноста на македонските работници над светскиот просек

Тоа, според Сојузот на синдикатите на Македонија, покажува дека Македонија, а пред сѐ македонските работници се над светскиот просек, кој достигнува 23,27 долари.
– Ако се пресмета на месечно ниво (168 работни часа), еден работник е продуктивен, односно создава 297.024 денари месечно. Тоа значи дека работник со минимална плата добива 17 отсто од вредноста што просечно се создава месечно. Како што укажуваше Сојузот на синдикатите на Македонија, газдите и функционерите ги држат работниците во сиромаштија, односно создадената вредност не се распределува пропорционално кон трудот, а уделот на платите во создадената вредност е релативно низок. Само 17 проценти од создадената вредност одат во плата, а остатокот оди за профит, инвестиции, амортизација, даноци, трошоци на капитал и други расходи – укажуваат од ССМ.
Синдикатите укажаа дека платата, за жал, не е одраз на продуктивноста, а бројките на МОТ се показател дека работниците во нашата земја имаат продуктивност над просекот на светско ниво и постои економски простор за раст на платите и покрај тоа што одредени експерти убедуваат во спротивното.
– Кај дел од земјите во регионот се гледа дека продуктивноста не е многу повисока од Македонија, а минималната плата е значително повисока. Исто така покажува дека македонските работници не се на дното, туку се со релативно добра продуктивност блиску до Бугарија, а повисоко од Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, но и покрај повисоката продуктивност во споредба со некои земји, минималната плата и генерално платите во Македонија се многу пониски во споредба со земјите од регионот – нагласуваат од ССМ.
Податоците на МОТ покажуваат дека во некои земји од регионот работниците се попродуктивни од македонските, а во дел се помалку продуктивни.
Продуктивност на македонските работници во 2025 година изнесувала 34,01 долари по работен час, во Бугарија била 37,21 долари, во Босна и Херцеговина (БиХ) изнесувала 26,33, во Албанија 18,7, во Србија 29,77 долари, во Грција 48,83, во Хрватска е 58,74, во Словенија била 59,89, во Црна Гора била 31,08 долари. Сепак, македонските работници земаат најниски минимални плати во регионот.

Со раст на целата економија до поголеми плати за сите

Домашните експерти укажуваат дека продуктивноста е исклучително важна, заедно со начинот на распределбата на добивката. Професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“ во неколку наврати ја објаснува поврзаноста меѓу продуктивноста и платите на работниците и става акцент на потребата од раст на целата економија.
– Примарното прашање за Македонија е колкав е тој колач. Секундарно прашање е како тој ќе се дели. Алтернативно кажано, нашата примарна цел како економија на ова ниво на развој е како да создадеме поголем колач, кој потоа ќе го поделиме. Таа додадена вредност, поделена со бројот на вработени или, попрецизно, со бројот на одработени часови, ни дава индикатор што се нарекува продуктивност на трудот, колку се произведува во единица време. Таа продуктивност ја следиме низ текот на времето, а во Македонија е стагнантна. За една деценија растот можеби е 10-12 проценти. Дури има сектори каде што тој раст е негативен. Затоа, релевантно е да се прашаме како да го зголемам колачот, па да добијам повеќе, отколку фокусот само да ми биде колку ќе добивам од колач што не се зголемува или да чекам некој друг да го зголемува, а јас само повеќе да приграбам – укажува Петрески.
Тој затоа нагласува дека најприроден пат до зголемување на платите е растот на вкупната економија и тоа е индикатор за движењето на продуктивноста.
Претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, пак, укажува оти подобрата продуктивност оди рака под рака со напредокот на технологијата и развојот на економијата.
– Развојот не доаѓа сам по себе, туку преку развојот на технологијата, човечките ресурси, доброто владение и позитивната бизнис-клима, за која е одговорна Владата. Примерите од историјата ни покажуваат дека земји со ист народ, исти традиции, религија и слично, во зависност од начинот на владеењето остваруваат различни резултати во развојот. Такви се Јужна и Северна Кореја, Западна и Источна Германија или Кина под водство на Мао Ѕедунг и Кина под владение на Денг Сјаопинг – појаснува Димитров.
Затоа, според него, потребно е компаниите да ги следат новините на пазарот, да ги следат новите технологии, современите менаџерски практики и, наместо да вложуваат во убави фасади на нивните деловни згради, да вложуваат во современа опрема и технологии за производство. Е.Р.