Јаник Синер

ТЕНИС

  • Зверев (брани 1.080 поени до крајот на годинава) е во игра да стане 30. тенисер што стигнал до 1. место на листата на АТП, а Синер (3.550 поени за одбрана) се стреми вторпат да ја заврши годината на врвот

Александар Зверев се приближи до Јаник Синер во трката за број 1 во светот на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) откако ја освои својата втора гранслем-титула на САД опен неодамна. Германецот останува на 2. место, но разликата до Синер се намали на 1.810 поени. Со оглед на тоа што остануваат уште два месеца од сезоната, поените што секој играч треба да ги одбрани би можеле да играат важна улога во развојот на трката, пишува АТП.
Зверев брани 1.080 поени до крајот на сезоната, во споредба со 3.550 за Синер. Тоа значи дека ќе има неколку клучни моменти во наредните недели кога ќе се одбиваат поени од вкупниот број на двајцата, што потенцијално ќе ги доближи на ранг-листата и ќе му даде можност на Зверев да се искачи кон врвот на машката тениска планина, пишува АТП. Синер има 500 поени за одбрана во Пекинг, 50 во Шангај, 500 во Виена, 1.000 во Париз и 1.500 на финалето на АТП, откако во 2025 година триумфира на сите тие турнири, освен во Шангај. Зверев, пак, има 100 поени за одбрана во Пекинг, 50 во Шангај, 330 во Виена, 400 во Париз и 200 на финалето на АТП.

Александар Зверев

Двајцата имаат по 50 поени за одбрана на претстојниот мастерс-турнир од серијата 1.000, во Шангај, во октомври, откако двајцата загубија во 3. коло лани. Добар настап за двајцата во Кина би можел да биде клучен во трката за местото број 1. Мастерсот во Париз би можел да создаде уште поинтересна трка во ноември. Синер брани 1.000 поени за титулата во 2025 година, а Зверев 400, откако загуби од Синер во полуфиналето.
Последното големо одбивање поени во сезоната ќе биде на финалниот турнир на АТП. Синер беше непоразен во Торино лани, кога ја освои својата втора титула по ред, освојувајќи 1.500 поени. Зверев победи во еден дуел од групите за 200 поени. Ако двајцата останат блиску на ранг-листата пред ноември, финалето би можело да стане значајна фаза во трката за 1. место во светот, пишува АТП. Зверев е во игра за значајно достигнување, да стане 30. тенисер во историјата на ранг-листата на АТП што стигнал до 1. место во светот. Синер се стреми вторпат да ја заврши годината на врвот. Тој го освои првото место на крајот од годината во 2024 година и помина 90 недели на првото место во светот. Н.М.