Повод: Објавени податоците за првиот квартал од 2026 година, според кои, јавниот долг на Македонија изнесува 59,7 отсто од БДП
- Македонија навистина може да си дозволи развоен инвестициски циклус и задолжување. Суштински е позајмените пари да создаваат продуктивна економија, но не зависност од долгот
Јавниот долг на една држава е сериозна економска категорија, но неговото апсолутизирање како мерка за економски успех или неуспех е погрешно. Државата не се оценува само според тоа колку пари позајмила, туку и според тоа каква економија изградила со нив, колкава продуктивност создала и дали идните приходи ќе овозможат редовно сервисирање на обврските.
Прашањето не е само колку должиме, туку што ќе оставиме зад себе
Во анализите за јавниот долг на Македонија, особено кога се споменува износот од 10,747 милијарди евра, неопходно е да се направи разлика меѓу задолжување за тековна потрошувачка и задолжување за капитални инвестиции. Првото, ако трајно ги надминува приходите, создава зависност. Второто може да создаде инфраструктура, енергетски капацитети и производствени услови што ќе генерираат приходи со децении. Според јавно достапните податоци објавени за првиот квартал од 2026 година, јавниот долг на Македонија изнесува 59,7 отсто од БДП. Тоа е значаен фискален товар, но самиот процент не е доволен за заклучок на некои економски аналитичари дека „државата има неподнослив товар“ и дека „нема простор за развојни инвестиции“. Напротив.
Инфраструктурата не е луксуз, туку производствен фактор
Патиштата, железницата, енергетските мрежи, интерконекторите, водоснабдувањето и дигиталната инфраструктура не се само градежни објекти туку тие се услови за функционирање на модерната економија.
– Да не ве обесхрабруваат бројките на задолженост доколку продолжите со продуктивни инвестиции и нивно реализирање. Кога транспортот е побрз и посигурен, компаниите ги намалуваат логистичките трошоци. Кога електричната енергија, најдобро е да биде домашна, е достапна по предвидливи цени, тогаш индустријата станува поконкурентна. Кога железничките и патните коридори ги поврзуваат производствените центри со регионалните пазари, се отвора простор за нови инвестиции, извоз и за вработување. Затоа економскиот принос на инфраструктурата не се мери само преку патарините или директните приходи на државата. Тој се мери и преку дополнителното производство, новите работни места, повисоките плати, растот на даночните приходи и пониските трошоци на приватниот сектор. Да потсетам, Европската комисија (ЕК) во својата анализа за Полска укажува дека подобрувањето на квантитетот и квалитетот на јавната инфраструктура може позитивно да влијае врз економскиот раст на среден и долг рок, особено кај економиите во процес на приближување кон поразвиените држави – вели наш соговорник, економист од Брисел, вработен во една од финансиските институции на ЕУ.
Хрватска: пример за тоа како долгот може да се намалува по периоди
на големи фискални притисоци
Нашиот соговорник ја издвојува Хрватска, која, според него, е особено релевантна за македонската дебата.
– Изградбата на модерната автопатска мрежа беше еден од најзначајните инфраструктурни потфати во нејзиниот постсоцијалистички развој. Дел од автопатската инфраструктура беше финансиран со задолжување, а инвестициите придонесоа за подобра поврзаност на регионите, туризмот и логистиката. Сепак, би било неточно да се тврди дека целиот хрватски јавен долг бил создаден за автопатишта или дека подоцнежното намалување на долгот било само резултат на приходите од нив. Хрватското искуство е посложено, но тежишно се битни инфраструктурните инвестиции, кои се тесно поврзани со туризмот и широкиот капацитет што Хрватска го има во тој домен и што одговара на европскиот стандард. Но, за Хрватска во истиот контекст, треба да ги споменам и другите облици на економскиот раст, како и фискалната консолидација, кои дејствуваа заедно, се разбира и европските пари. По пандемијата, јавниот долг на Хрватска се намали од 86,1 отсто од БДП во 2020 година на 63 отсто во 2023 година. Ова го презентирам според податоците дадени во анализата на Меѓународниот монетарен фонд. Во 2024 година, според Европската комисија, односот дополнително се намали на околу 57,6 отсто од БДП – вели нашиот соговорник од Брисел, додавајќи дека намерно го одбрал овој пример бидејќи тој не докажува само дека секој инфраструктурен долг автоматски се исплаќа, туку нешто поважно. Имено, дури и по периоди на високи и долги, а и големи економски шокови, една држава може да го намалува должничкиот товар преку раст на економијата, подобрување на буџетскиот биланс и дисциплинирано управување со јавните финансии – вели нашиот соговорник, кој беше прашан да направи куса анализа на македонскиот јавен долг.
Полска и инфраструктурата како механизам за економско приближување
Според нашиот соговорник, економист и економски и финансиски аналитичар, Полска е втор значаен пример на кој тој кусо би се осврнал.
– Ќе го издвојам кусо и примерот на Полска. Таа со децении инвестираше во автопатишта, експресни патишта, железница и друга инфраструктура, задолжувајќи се и користејќи домашни средства и европски различни извори на финансирање. Сепак, економската логика им беше јасна и за економските прашања имаа консензус за тоа дека Полска мора да ја подобри поврзаноста на својата економија, да ги намали транспортните трошоци и да создаде услови за развој на индустријата и извозот. А истото тоа е неопходно да се постигне и во Македонија. Да се бара економско-развоен консензус. Барем тој е многу лесно да се постигне, затоа што се работи за опиплива цел, за долгорочен национален одржлив развој – изнесува свое мотивирачко становиште нашиот соговорник од Брисел.
Во врска со Полска, нашиот соговорник не сакаше да остане должен со уште една куса експликација на истата тема, која сепак, според него, исто така е важна за да се обрне внимание.
– Сакам да обрнам внимание за тоа дека полскиот пример бара дополнително толкување. Не дека е контрааргумент на досегашното мое објаснување, но сепак е детаљ што треба да се опсервира. Имено, според пролетната прогноза на Европската комисија од 2026 година, јавниот долг на Полска се зголеми од 54,8 отсто од БДП во 2024 година на 59,7 отсто во 2025 година, а се очекува негово понатамошно зголемување. Комисијата истовремено прогнозира економски раст од 3,5 отсто во 2026 година, поддржан и од високо ниво на инвестиции финансирани од ЕУ. Полска, значи, не е драстичен пример за автоматско намалување на долгот по инвестициски циклус, туку за тоа дека инвестициите можат јасно и недвосмислено да го поддржат растот, додека фискалната одржливост и понатаму зависи од дефицитите, трошоците и идните приходи – дополнува нашиот соговорник, економско-финансиски експерт.
Португалија го намали долгот преку раст и фискална дисциплина
Според соговорникот, и случајот на Португалија претставува корисна лекција, во ист контекст, но малку поинаква. По пандемијата, нејзиниот јавен долг се намалувал значително, потпирајќи се на економскиот раст, подобрувањето на буџетските биланси и користењето европски средства за развојни проекти.
– Според Европската комисија, јавниот долг на Португалија се намали од 112,4 отсто од БДП во 2022 година на 99,1 отсто во 2023 година. Португалските официјални податоци покажуваат понатамошно намалување на 94,9 отсто во 2024 година. Суштината е дека државата може истовремено да ја подобрува инфраструктурата и да го намалува односот на долгот кон БДП, но тоа не се случува само затоа што само инвестира. Туку нејзиниот пример укажува на тоа дека се потребни посилен економски раст, контрола на тековните расходи, соодветна даночна база и внимателно управување со роковите и каматите на задолжувањето – вели нашиот соговорник, подвлекувајќи го како фундамент економскиот раст на државата, за кој би препорачал Македонија да го дуплира, за да се намалува јазот со растот на државите од ЕУ.
Секој дополнителен долг не ја загрозува иднината
– Долгот навистина може да ја загрози иднината кога се користи за трајно финансирање плати, субвенции без јасен ефект, партиски привилегии или проекти со слаба економска оправданост. Во таков случај, идните генерации ги плаќаат каматите, а не наследуваат соодветен продуктивен капитал. Но ако заемот финансира енергетска инфраструктура што ги намалува трошоците на производството, железничка мрежа што го олеснува извозот или пат што ги поврзува индустриските центри со регионалните пазари, тогаш идните генерации наследуваат и обврска и економски ресурс. Прашањето не е дали заемот треба да се врати, се разбира дека секој заем мора да се врати или да се рефинансира под одржливи услови. Прашањето е дали средствата од задолжувањето создаваат доволно дополнителна економска вредност за државата полесно да ги сервисира обврските. Јас потсетувам и на низа материјали на Европската комисија, која во свои истражувања за влијанието на јавните инвестиции врз одржливоста на долгот предупредува дека дополнителните инвестиции можат да го зголемат долгот ако не се придружени со соодветна буџетска политика и ако економскиот раст и другите услови не се доволно поволни. Затоа одговорот не е неконтролирано задолжување, туку строго рангирање на проектите според очекуваниот економски принос, општествената корист, ризикот и способноста за навремена реализација – вели експертот за финансии на ЕУ од Брисел.
Македонија да си дозволи
задолжување заради развој, но не смее да си дозволи неодговорност
Во јавната дебата често се мешаат сите расходи во една категорија. Но економски гледано, не е исто дали државата позајмува за да покрие повторливи тековни трошоци или за да изгради инфраструктура што ќе се користи во следните 30 или 50 години. Капиталните инвестиции создаваат материјални или нематеријални средства што можат да придонесуваат за производството подолг период.
– Се разбира дека не секој расход означен како капитален е автоматски продуктивен. Неговата вредност зависи од квалитетот, употребливоста, одржувањето и реалниот економски ефект. Македонија не треба да избира меѓу задолжување и развој, туку меѓу паметно и непродуктивно задолжување. Државата што се откажува од неопходните инвестиции само за краткорочно да ги подобри фискалните показатели може да ја плати таа одлука преку послаб раст, помала продуктивност, помалку работни места и продолжена инфраструктурна заостанатост. Но и државата што позајмува без критериуми, без транспарентност и без план за сервисирање ризикува да го претвори развојниот потенцијал во долгорочен товар. Имено, Хрватска покажува дека долгот може значително да се намалува по големи фискални притисоци; Португалија покажува дека растот и буџетската дисциплина можат да одат заедно со развојните инвестиции; Полска покажува дека инфраструктурното приближување кон поразвиените економии може да го поддржи растот, но не го отстранува ризикот од зголемување на долгот. Поуката од овие примери не е дека долгот е неважен, туку дека неговата одржливост зависи од квалитетот на економската политика. Затоа длабоко сметам дека Македонија може да си дозволи задолжување за инфраструктура и енергетика. Мојот одговор е – да, и секако задолжувањето да биде селективно, економски оправдано, транспарентно и поврзано со веродостоен план за сервисирање на долгот. Вистинската граница на задолжувањето не е само бројката во сметководството и статистиката, туку таа е точката во која дополнителниот долг престанува да создава доволно економска вредност за да ги оправда своите трошоци и ризици. На Македонија ѝ е потребна влада што не се плаши да инвестира во иднината, но и влада што секој позајмен денар го третира како обврска кон идните генерации. Засега, од тој финансиски аспект гледам дека е така. Ама да додадам и дека суштината на одговорното развојно задолжување е долгот да остане обврска во билансот, но инфраструктурата, продуктивноста и економскиот напредок да станат трајно наследство на државата – поентира нашиот соговорник, економско-финансиски експерт од Брисел. Е.Р.
Финансиски експерт од Брисел објаснува што теоретски значи одговорна развојна стратегија
Седумте столба на кои се потпираат задолжувањето и економскиот одржлив развој
Нашиот соговорник од Брисел, финансиски експерт, од прва рака теоретски ни помогна како јавноста да ги препознае основите на една национална одговорна развојна стратегија.
Прво, секој голем проект треба да има јавно достапна економска анализа на трошоци и придобивки, процена на ризиците и образложение зошто задолжувањето е подобро решение од алтернативното финансирање.
Второ, треба да се утврди јасна хиерархија на инвестициите: енергетска сигурност, транспортни коридори, железница, инфраструктура за извоз, водоснабдување и дигитална поврзаност, со предност за проектите што создаваат најголема дополнителна економска вредност.
Трето, максимално треба да се користат грантовите и поволните европски и меѓународни извори на финансирање, бидејќи тие можат да го намалат товарот врз домашниот буџет.
Четврто, државата треба да планира повеќегодишно, со реални процени за трошоците, роковите, каматите и за приходите. Проектите не смеат да се започнуваат само затоа што политички се атрактивни.
Петто, неопходни се независна контрола на јавните набавки, транспарентност на договорите и редовни ревизии на изведбата. Секој ден доцнење и секое неоправдано поскапување ја намалуваат можноста долгот да создаде позитивен економски ефект.
Шесто, паралелно со инвестицискиот циклус мора да се контролираат тековните расходи и да се зајакнува наплатата на приходите, без непродуктивно оптоварување на бизнисите и граѓаните.
Седмо, потребна е среднорочна стратегија за намалување на односот на долгот кон БДП откако најголемите продуктивни инвестиции ќе почнат да даваат резултати. Развојната политика и фискалната дисциплина не се спротивставени цели, туку мораат да бидат дел од истата стратегија. Е.Р.
Енергетиката е особено важна за македонската економија
– Енергетската зависност има цена што често не се гледа во буџетските табели. Увозот на енергенти ја изложува економијата на надворешни ценовни шокови, додека недостигот од стабилно снабдување може да ги намали конкурентноста и инвестициите. Инвестициите во домашно производство на електрична енергија, обновливи извори, складирање, преносна мрежа и интерконектори ја зголемуваат енергетската сигурност и можат да ја намалат изложеноста на ценовни шокови. Нивниот придонес не се сведува само на продажбата на електрична енергија туку и на подобрите услови за индустријата, создавањето конкурентност и привлекувањето нов капитал – потсетува нашиот соговорник. Е.Р.

































