Уреднички коментар
- Македонија. Матка. Врело… Извор што не може да се исуши, корени што не можат да се откорнат
Во пазувите на Матка, таму каде што карпите молчат, а водата ја чува тајната на земјата, македонското Врело испиша светска приказна. Истражената длабочина од 338 метри не е само рекорд на природата. Таа е потсетник дека Македонија, колку и да мислиме дека ја познаваме, сè уште ги крие своите најголеми длабочини. И можеби токму затоа Врело е многу повеќе од пештера. Тоа е метафора на една земја што со векови ја испитуваат, ја премеруваат, ја прекројуваат, а никогаш не успеваат да ја исцрпат. Зашто Македонија не е плитка приказна што може да се прочита набрзина, ниту идентитет што може да се избрише со еден потпис. Таа е длабочина. Огромна длабочина што почнува во антиката, кога низ овие простори се испреплетувале цивилизации, царства, јазици и култури, а името на Македонија го надминало хоризонтот на сопствената земја.
Александар Македонски е Велики затоа што од Македонија ја понел својата историска епоха далеку кон Исток, оставајќи зад себе наследство што и денес е предмет на светски истражувања, толкувања и спорови. Македонија е и длабока историја на духовни патувања. Во библиската книга „Дела на апостолите“ се бележи повикот до апостол Павле: „Премини во Македонија и помогни ни!“ Оттаму започнува едно од значајните поглавја на христијанството во Европа, а македонскиот простор станува дел од големата духовна мапа на светот.
Низ вековите, во Македонија длабоко се врежувале словенската писменост и просветителство, делото на светите Кирил и Методиј, на Климент и Наум Охридски, светлината на Охридската книжевна школа. Тука зборот не бил само средство за разбирање туку засолниште на паметењето, чувар на верата и мост меѓу поколенијата. Во тој длабок и долг историски тек, македонскиот јазик не е случајност, ниту дијалект, ниту административна категорија. Тој е живиот глас на народот, созреван низ векови, изговорен во мајчината песна, запишан во книгата, прошепотен во молитвата и извикуван во борбата за слобода.
Нашата длабока историја како Матка знае и за востанија и за порази, за идеали и за предавства, за Илинден 1903 година и за државотворниот чин на АСНОМ во 1944 година. Знае за генерации што сонуваа за своја држава и за оние што ја дочекаа, но не секогаш и за правдата што ја заслужуваа.
Од тие длабочини израсна современата македонска држава, а со неа и надежта дека еден народ конечно ќе може слободно да го изговара своето име, да го негува својот јазик и да ја раскажува својата историја без туѓо одобрение.
Но историјата не завршува кога ќе се излезе од тие длабочини. Понекогаш, најтешките битки почнуваат токму тогаш кога мислиме дека сме излегле од нив.

Во поновата историја, Македонија се соочува со притисоци, условувања и спорови за сопственото име, идентитет и инсигнии, за знамето, за историското наследство и за местото на македонскиот јазик во меѓународните односи. Преспанскиот договор и долгогодишните европски условувања отворија болни прашања за границите на политичкиот компромис и за цената што една држава ја плаќа кога нејзиниот напредок се претвора во предмет на туѓи барања.
Можеби не треба да се бега од реалноста. Можеби државите мора да разговараат, да преговараат и да градат сојузништва. Но постои разлика меѓу компромисот за патот по кој ќе одиме и откажувањето од свеста за тоа кои сме. Европа не смее да биде ветување што постојано се оддалечува, ниту иднината на нашите деца да биде во заложништвото на лидерите со ликот на Јуда. Ако европските вредности значат достоинство, еднаквост и почитување на различностите, тогаш тие вредности мора да важат и за Македонија. Па тие универзални вредности и извираат од Македонија! А македонските политичари мора да разберат дека патриотизмот е способност да се заштити достоинството без да се продава дел од сопствената душа, име, земја. Патриотизам е бескомпромисно да се брани сопствениот идентитет, без да се негира туѓиот, а да се преговара без да се заборави сопствената црвена линија. А некои од нас ја поминаа.
Нацијата не се брани само на меѓународните маси. Се брани во градинките, во училиштата, во театрите, во библиотеките, во институциите што мора да им служат на граѓаните, а не на партиите. Се брани кога младите имаат причина да останат, кога правдата не е привилегија, кога чесниот човек не е наивник, а знаењето е повредно од партиската книшка. Зашто каква вредност има најдлабокиот корен ако крошната се суши? Каква полза од славното минато ако сегашноста ги брка сопствените деца преку граница? Македонија не смее да живее само од спомените за она што била. Мора да се избори за она што може да биде.
И тука повторно е длабочината… Длабоките корени на традицијата, песната што не исчезнува и допира длабоко во душата, ората што го паметат ритамот на предците, на зборовите што ги наследуваме од бабите и дедовците, на обичаите што го поврзуваат родот со родот. Длабочината на македонската душа, во која тагата и достоинството често живеат под ист покрив, а надежта преживува и тогаш кога разумот веќе нема многу причини да верува.
Петре М. Андреевски во „Пиреј“ ја овековечи таа судбинска жилавост на македонскиот човек – онаа сила што се витка под ударите, но коренот не се предава. Пирејот не е силен затоа што никогаш не бил газен. Силен е затоа што и по газењето повторно никнува.
Така и Македонија. Ја газеле војни, ја делеле граници, ја распарчувале туѓи интереси, ја замолчувале забрани и ја раскинувале неправди. Но низ сите историски слоеви, под наслагите на туѓите политики, останувало нешто што не можеле да го искорнат. Тоа е потребата на еден народ да биде свој. И токму затоа не смееме да ја мешаме истрајноста со трпеливото прифаќање на секоја неправда. Трпението е доблест само кога не се претвора во капитулација. Мирот е вредност само кога не бара од човекот да се откаже од сопственото достоинство. Компромисот е разумен само кога не ја претвора иднината во трајно понижување.
Нашата најголема победа нема да биде кога ќе докажеме дека сме постари од некого, ниту кога ќе надвикаме нечија историска интерпретација. Ќе биде кога ќе изградиме држава во која македонскиот идентитет ќе биде толку природно достоинствен, толку културно богат и толку институционално заштитен што никој нема да може да го претвори во средство за уцена. Кога ќе престанеме сами да се сомневаме во сопствената вредност. Кога ќе ја научиме историјата без комплекси, ќе ја чуваме традицијата без затвореност и ќе гледаме кон иднината без страв дека секој чекор напред мора да значи чекор назад од себеси.
А Врело? Врело ќе продолжи да тече под карпите на Матка, во темнина што не е празнина, туку тајна. Неговото дно можеби ќе биде измерено, неговите канали истражени, неговите длабочини забележани во светските книги на рекорди. Но длабочината на Македонија не се мери само во метри. Таа се мери во векови на паметење, во имиња што преживеале, во зборови што не замолкнале, во книги што се пренесувале од рака на рака, во мајки што ги учеле децата на својот јазик и во поколенија што, и покрај сè, верувале дека оваа земја заслужува подобра иднина. Македонија е длабока колку што се длабоки нејзините корени, но и онолку колку што е голема нејзината одговорност кон идните поколенија. И никој не може да ѝ ја одземе таа длабочина. Може да се обиде да ја оспори, да ја условува, да ја замагли со политички формулации или да ја претвори во предмет на преговори. Но она што е живо во свеста на еден народ не се брише со потпис. Ниту се менува со географска одредница или со каква било додавка.
Само, да не заборавиме, од длабочината не се живее ако на површината нема воздух. Затоа Македонија мора истовремено да го чува своето минато, да го брани своето достоинство и да ја освојува својата иднина. Зашто Врело не е само длабочина. Тоа е извор. А Македонија не е само народ што преживеал и ќе преживее. Македонија мора да биде држава во која вреди да се живее. И секој што ќе посака да ја измери Македонија само со своите политички аршини, нека се сети на Врело. Најголемите длабочини не се освојуваат со притисок, туку со почит. А корените што со векови ја хранат македонската душа не се откорнуваат со сила. Тие повторно никнуваат. Зашто се длабоки. Најдлабоки на светот! Исто како Матка. И Врело. И нашата Македонија! Р.Н.М.
































