КАРАТЕ – МЛАДИНСКО СП 2026 ВО ПОЛСКА
- Марко Џорлев освои светско злато, прво за Македонија во нејзината досегашна карате-историја. Сметам дека по овој успех, македонското
карате треба да оди уште нагоре, да се вложува што повеќе во него, оти имаме прекрасни деца и одлични карате-школи, ни изјави селекторот на кадетската репрезентација, Дејан Ристески
Македонскиот кадетски карате-репрезентативец Марко Џорлев во тежинската категорија до 63 кг, во дисциплината борби, го освои златниот медал на Светското првенство (СП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), кое се одржа во полскиот град Бјeлско Бјала. Џорлев во финалната борба го победи Унгарецот Адам Баги, со 4-1.
Со овој триумф, македонското карате доби прв светски карате-шампион во својата историја во една возрасна категорија, што претставува значаен успех на меѓународната сцена. Реџеп Рушити, во возрасната категорија постари јуниори (до 21 година), во категоријата до 84 кг, во вчерашната борба за бронзен медал загуби од Сенегалецот Мбаке Серињ Сек, со 0-1 и го освои одличното петто место. Рушити стигна до борбата за бронза преку репасаж, забележувајќи три победи.
Македонија досега немаше освоено злато од СП. Во досегашната историја, ова е трето финале на овој вид на светските првенства. Така, во категоријата постари јуниори (до 21 година), сребро освоиле Стефан Стојановиќ и Витомир Трајковски, двајцата на СП 2022 во Турција. На сениорските светски првенства, пак, само Емил Павлов бил финалист и се закитил со сребро на СП 2021, во ОАЕ.
Со сигурен настап, одлична тактичка подготвеност и контрола врз финалната борба, Џорлев го потврди својот квалитет и го заокружи настапот на светскиот шампионат, на кој боите на Македонија ги бранеа вкупно 31 каратист, на најдобар можен начин. А Џорлев, кој е член на КК Штип, дојде до златниот медал откако убедливо ги победи Алехандро Перез од Куба (10-6), Хозе Андрес Гарсија од Гвајана (6-1) и Леонс Акоповс од Летонија (6-0). Во полуфиналето следуваше уште една доминантна борба, во која Џорлев го декласира Јан Мата од Панама со 8-0, на тој начин пласирајќи се во големото финале.
– Марко Џорлев ми беше прв пик на ова Светско првенство. Детето е едно од најперспективните каратисти што сме ги имале досега. Овде прикажа одлични борби на татамите, целосно посветен тактички и технички на секое ниво. Освои светско злато, прво за Македонија во нејзината досегашна карате-историја. Сметам дека по овој успех, македонското карате треба да оди уште нагоре, да се вложува што повеќе во него, оти имаме прекрасни деца и одлични карате-школи. Џорлев е од КК Штип. За неговиот резултат сите заедно придонесовме. Овде освоивме и уште едно седмо место. Задоволен сум како се покажаа кадетите, сепак, не треба да заборавиме, ова е Светско првенство – ни изјави селекторот на кадетската репрезентација Дејан Ристески, кој на оваа функција е четири години.
Постигнатиот резултат на СП 2026 во Бјелско Бјала само дополнително ја нагласува тежината на овој историски успех, зад кој стои континуитет на квалитетна подготовка.
– Честитки до Марко Џорлев за историскиот успех, до селекторот Дејан Ристески и до сите членови на македонската репрезентација, кои ја претставуваа државата на ова големо натпреварување. Светската титула е продолжение на одличната натпреварувачка година за Џорлев. Тој претходно освои злато на натпревар од Светската младинска лига на Светската карате-федерација (ВКВФ) во Пореч, а на Европското првенство (ЕП) беше петти. Неговите резултати го позиционираа и на врвот на светската ранг-листа во неговата карате-категорија. Зад овој успех стојат посветената работа, натпреварувачкиот напредок и искуството стекнато на меѓународните турнири. Со триумфот во Полска, Џорлев направи уште еден голем чекор во својата спортска кариера и испрати силна порака за потенцијалот на младата македонска карате-генерација. Посебно значајна улога во настапот на македонскиот репрезентативец има селекторот во борби за кадети, Дејан Ристески, кој ја предводеше македонската кадетска репрезентација на ова СП и го следеше Џорлев во овој важен натпреварувачки предизвик. Придонес во развојот и подготовката на Џорлев, секако, имаат и неговите клупски тренери, Сашко и Жарко Арсовски, кои со својата долгогодишна работа придонесуваат за напредокот на младите каратисти и за постигнувањето значајни резултати на меѓународната сцена – велат од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ). Г.И.

































