Рамниот данок и необновливите природни ресурси

Присутната практика на несоодветно вреднување на минералните ресурси не оди во прилог на определбите за остварување нивна одржлива експлоатација и валоризација на пазарот

Интензивната индустријализација и урбанизација на водечките по број на население земји во светот значително ја зголемуваат побарувачката на металите. Ова предизвикува огромен пораст на нивните цени, што создава можности за остварување мошне поволни економско-финансиски резултати во работењето на домашните и странските рудници производители на оловни, цинкови и бакарни концентрати, познати и како основни суровини за добивање на благородните метали сребро и злато. Земајќи ги предвид ваквите движења на пазарот, земјите богати со минерални суровини, како што се Австралија, Чиле, Замбија и други, спроведуваат даночни политики што им овозможуваат порамномерна распределба на остварениот профит на рударските компании во полза на своите граѓани.
Карактеристичен пример за ова е Замбија, која до 1964 година беше колонија на Велика Британија. По осамостојувањето на оваа земја, во која над 80 проценти од девизниот прилив го обезбедува минералниот сектор на индустријата, структурата на минералните такси ја сочинувале концесии од 13,5 отсто и извозни такси од 40 отсто, кои се пресметуваат на бруто-приходот, како и данок на добивка од 45 отсто. Во 1970 година рудниците се преземени од државата преку доминантен акционерски пакет, при што концесиите и извозните такси биле споени во т.н. минерална такса од 51 отсто. Во 1972 година е воведен еднопартиски систем, кој функционирал до 1991 година, кога власта била преземена од Движењето за мултипартиска демократија и од кога е почнат транзицискиот период. До 1996 година биле донесени релевантните закони – за приватизација, за инвестиции и за рударство и минерали. Под сугестија на Светската банка и на ММФ, во Законот за рударство и минерали е внесена одредба за т.н. развојни спогодби. Со овие документи се предвидени концесиски надоместок од само 0,6 отсто, данок на добивка од 25 отсто и стопроцентно инкорпорирање на вложениот инвестициски капитал во основицата за нивно пресметување во период од 20 години. Процесот на приватизација бил почнат и со нетранспарентна продажба на рудникот за бакар „Луаншиа“ на „Бинани груп“, компанија што е споменувана и при приватизацијата на нашите рудници за олово и за цинк „Злетово“ и „Тораница“.
Подоцнежното искуство потврдило дека луѓето во Замбија имале многу мала бенефиција од развојните спогодби, бидејќи за договорените услови не биле направени консултации со синдикатите и јавноста, а државата станала заробеник на интересни групи во услови на надворешен притисок при донесувањето на стратегиските одлуки од страна на главните светски финансиско-монетарни институции.

Во 2006 година, партијата Патриотски фронт ги добила изборите и веднаш пристапила кон промени во фискалната политика, а особено во делот што имал влијание врз состојбите во минералниот сектор на индустријата на Замбија. Целта на промените била урамнотежување на распределбата на добивката од рударските активности помеѓу странските компании и државата, заради смалување на сиромаштијата преку отворање нови работни места со изградба на стопански и инфраструктурни објекти, како и за подобрување на квалитетот на живот со интензивирање на финансирањето на образованието и здравствената заштита. Притоа била извршена и ревизија на развојните спогодби со сопствениците на рудниците, така што од април 2008 година стапил во сила нов фискален режим за рударските компании, кој опфаќа зголемување на концесискиот надоместок од 0,6 на 3 отсто, воведување дополнителен варијабилен концесиски надоместок од 25 отсто на основниот надоместок при цена на бакар повисока од 5.512 УСД/тон, од 50 отсто при цена од 6.614 до 7.716 УСД/тон и од 75 отсто при цена повисока од 7.716 УСД/тон (со ова големината на концесискиот надоместок се приближува кон 5 отсто од пазарната вредност на минералната суровина), зголемување на данокот на добивка од 25 на 30 отсто и воведување дополнителен данок на профит од 15 отсто на оданочувачката добивка, доколку таа надминува 8 отсто од бруто-приходот, а по примерот од Велика Британија од 1990 година, кој се однесува за компаниите што експлоатираат нафта во Северно Море.
Начинот на кој се одвивал транзицискиот период во Замбија многу потсетува на приватизацијата на нашите рудници, која на долгорочен план ќе има несогледливо штетно дејствување врз развојот на минералниот сектор на индустријата и врз економско-социјалниот статус на населението на Република Македонија, а особено на регионите каде што се лоцирани капацитетите.
Присутната практика на несоодветно вреднување на минералните ресурси не оди во прилог на определбите за остварување нивна одржлива експлоатација и валоризација на пазарот. Позабрзан економски и социјален развој на нашата земја е можен само доколку се обезбедат квалитетни закони и подзаконски акти, чие подготвување треба да биде транспарентно и со широка поддршка на засегнатите интересни групи, локалната самоуправа и гранските синдикати.

Антоние Ефремов

(Авторот е експерт за технолошко-индустриски развој)