Преговарачката рамка на ЕУ е – нелегална!

Tака е бидејќи во нејзиното формулирање, Европската комисија (влада) ги пречекорила своите овластувања и мандат. Со ултимативно мешање во идентитетски и историски билатерални спорови, рамката сериозно го прекршува и меѓународното право. Ги изнесуваме деталите.
Во точката 5 од рамката, се инсистира на – „посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка… и… спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително… и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, КАКО И ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ (протоколи, де) и мерки за негово ефективно спроведување според член 12…“!?
Брисел нема никакво право да диктира идни протоколи или записници, чија главна тема се билатерални идентитетски и историски спорови, ниту да се повикува на членови од договори! Вака, цел на рамката е капитулација на Македонија!
Точката 47 од рамката, нагласува – „Комисијата (на ЕУ) ќе посвети посебно внимание на заложбите на Македонија за добрососедски односи и регионална соработка како што е наведено во точка 5 и ќе ја информира меѓувладината конференција (ЕУ – РМ) за нивното спроведување!“
Да, клучна за Брисел е точката 5, заради – протоколите!
Во точката 3, од предлог–заклучоците на Советот, се прецизира – „Советот го поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана според член 12 од договорот…“! Точката 4, оди и чекор понатаму: демек, вториот протокол – „ќе овозможи зајакнување на еднаквите права на припадниците на малцинствата… Советот ја поздравува намерата на Македонија… приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени… да се вклучат граѓани… како… Бугарите“!?
Неверојатно – вториот протокол веќе е во рамката, иако не бил потпишан! Од него се „вади“ дури и клучна, ама сосема бесмислена обврска за Македонија – промена на Уставот!? Што е ова? Преговарачка рамка, ултиматум или уцена? Значи, ако сака преговори, земјата мора да потпише втор протокол и да го смени Уставот? А промената на Уставот да ти била наша „намера“? Зошто тогаш се користи како ултиматум?
Во точката 14, од заедничкиот став на ЕУ, се повторува – „… го поздравуваме договорот за вториот протокол…“!? Врти, сучи, тие пак за него! А освен промената на Уставот, во вториот протокол има уште барем 15 нови обврски за Македонија! Тоа е класичен анекс на договорот за (не)пријателство, кој, според неговиот член 13, мора да биде ратификуван! А – не е! Затоа, вториот протокол е целосно нелегален и неважечки! А само тој диктира уставни промени – што значи дека и тие се апсолутно нелегални! Значи, Македонија нема никаква формална обврска да го менува Уставот! Тоа мора итно да им се стави на знаење и на странците, кои со Уставот ни се качија на глава. Инаку, промената на Уставот е ултиматум на Софија, прифатен во вториот протокол, под жесток притисок, ама тој нема легално дејство и затоа никако не може да биде дел од рамката!

Протоколите се резултат на членот 12 од договорот со Бугарија, според кој се формира заедничка меѓувладина комисија, на чело со министрите за надворешни работи. Според ставот 2 – „Комисијата ќе одржува РЕДОВНИ СРЕДБИ ЕДНАШ ГОДИШНО, со цел преглед на ефективната примена на овој Договор“. Ништо повеќе. Тие се чиста билатерална техничка обврска и Брисел нема никаков мандат да се меша во нив. Целосно нелегално е протоколите да станат дел од рамката на ЕУ (обични записници, дури и непотпишани!), а надвор од умот е рамката да го диктира и потпишувањето нови со Софија, во следните години! А тие се клучни во блокадата на Македонија. Каква злоупотреба на Брисел!
Зошто Македонија би потпишувала нови протоколи со Бугарија, ако ги диктира Брисел со рамката, како во случајов, а не се на рамноправна, билатерална основа? Токму од тие причини, веќе и ги нема! И, да потсетиме, целта на протоколите е бришење на нашиот идентитет, јазик, историја…
Унијата не може да ги игнорира овие факти и нема никаква легална основа да ја уценува Македонија со промена на Уставот! Крајно време е и нашиот Уставен суд да се изјасни околу вториот протокол. Така, ќе им помогне на сите.
Договорот за (не)пријателство е потпишан на 1 август 2017 година, а од – „редовните годишни средби на комисијата“ (меѓувладина!), досега имало само две, толку има и протоколи, наместо осум. Практично, ДОГОВОРОТ ВЕЌЕ НЕ СЕ СПРОВЕДУВА, иако не е откажан! Резултати од договорот нема бидејќи тие зависат само од историската комисија, а таа е главна алатка на Софија за разнебитување на Македонците – ако не прифатиме бугаризација, протоколи веќе нема да има, како што и нема, а, со тоа, и членство во Унијата!
Преговарачката рамка за Македонија, Советот на ЕУ ја одобрил – „во јуни 2022“. На 30 јуни 2022 година, таа беше и објавена, а, на 6 јули 2022, ја пренесе и „Вечер“. Тоа се случи на последниот ден од претседавањето на Париз со Советот на ЕУ (30 јуни) бидејќи целиот проект се нарекуваше „француски предлог“. Заради Франција, тоа било направено набрзина и затоа рамката се повикува и на непостојни документи!?
Целосно нелегалниот втор протокол со Бугарија, што е за нас и ултиматум и блокада, е потпишан на 17 јули 2022 година, или точно по 17 дена откако тој веќе стана дел од рамката! Целата манипулација околу него е тешка политичка злоупотреба и претставува грубо кршење на меѓународното право, на македонскиот устав и на договорот со Бугарија!

„Францускиот предлог“, пак, е наша капитулација, под ултиматум на Париз, Брисел и Софија. Нивна е и заслугата за нашиот историски пораз, ама нашите предавници се согласиле со катастрофалната рамка, а, преку неа, и да преговараме со Софија, наместо со Брисел! Што значи тоа, не треба да се објаснува. Единствен излез од ќор-сокакот е веднаш да го откажеме вториот протокол. Без тоа, членство во ЕУ – нема.
Нормално е Брисел да се залага за спроведување на меѓународните договори. Меѓутоа, не може, и не смее, да има двојни аршини кон грст (шака) „Бугари“ во Македонија, и стотици илјади обесправени Македонци, во Бугарија, и да игнорира 17 пресуди на ЕСЧП! Унијата мора да инсистира на реципроцитет меѓу двете земји! Од нас, Брисел може да бара исполнување на релевантни услови, ама само според – а) Копенхашките критериуми, б) основачките договори и в) меѓународното право. ЕУ нема никаков мандат да диктира потпишување нови билатерални документи – најмалку записници! Затоа, рамката за Македонија е – неважечка!
Длабинска анализа на рамката недвосмислено покажува дека таа е замислена да го блокира нашето зачленување во ЕУ! Таа е и крунски доказ дека зад ваквите политики не се кријат само Грција и Бугарија туку ги диктира главен меѓународен фактор, додека ЕУ – ги следи. Атина и Софија ниту имаат, ниту можат да имаат такво влијание! Улогата на протоколите, за бришење на Македонците, само потврдува дека зад сето тоа се кријат – туѓи интереси! Намерата е очигледна: членка ќе станеме, само ако прифатиме дека Гоце е „Бугарин“, Илинденското востание е бугарско…
Индикаторите дека е така, се – (без)број! Рамката е само нов доказ. Инаку, зошто ЕУ би ги прифатила сите бугарски фантазмагории, ментални девијации и историски синдроми во однос на Македонија и Македонците? Или, зошто само заради идентитетот и историјата, рамката е замислена ние да преговараме со Софија, а не со Брисел? Сакате ли најнов доказ дека ништо не е случајно? Неодамна, во Европскиот парламент, главните партии се договорија, во извештајот за Македонија да се избришат термините – македонски јазик и идентитет! Против беа 109, или 15 проценти од пратениците! Што сакаме повеќе? Тоа е најшироко прифатената политика кон нашата земја! Тоа значи дека ние нѐ постоиме – не само за Софија туку и за сите нив! Да не се самозалажуваме!

Рамката за Македонија претставува флагрантна злоупотреба на функциите на ЕУ. Таа е и нелегална и неважечка! Затоа, мора да се промени! Арно ама, за тоа мораме ние да се погрижиме! Брисел нема причини за таков потег! ЕУ реагира само кога мора. Главен, и клучен исчекор мора да биде нашето повлекување од целосно нелегалниот втор протокол. Така паѓаат во вода и ултиматумот за Уставот и самата рамка! Паралелно, со широка дипломатска офанзива, и детално елабориран меморандум, за Брисел и членките, Македонија треба да бара широка поддршка за своите апсолутно неизбежни потези. За истата цел, овој текст нека биде и отворено писмо до амбасадорот Рокас.
Колку се свесни нашите политичари за сето ова, е друго прашање. Иако со децении се водат катастрофални политики против Македонија (не само од Брисел!), тие никогаш немале храброст да се спротивстават. Затоа, итно ни се потребни врвни странски експерти – и дипломатски и други. Брисел и Софија нема ниту за јота да отстапат од нивните позиции – бидејќи согласност им дале и нашите предавници. Тие немаат никаква причина нешто да менуваат. Мораме – ние. Брисел, пак, нема никаков мандат за какви било гаранции бидејќи сѐ зависи од 27-те (непредвидливи!) членки!
Македонија е пред судбоносни одлуки. Прашањето е да се биде или не. Времето не работи за нас. Ако итно не се преземат неизбежни радикални чекори, ќе одиме прудолу. За искусни дипломати и државници, неизбежното повлекување на вториот протокол е обична рутина. Друго чаре – немаме!

Ние сме на потег!