ЏУДО – ВИКЕНДОВ ОДРЖАНА ТРЕНИНГ-СЕСИЈА ВО ПРИЛЕП
- Викенд-сесијата помина во најдобар ред, а џудистите со голема посветеност ги впиваа сите вештини на искусниот интернационален тренер Георге, ни изјави селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Горан Мицкоски
Во спортската сала на ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп, во саботата и во неделата се одржа тренинг-сесија во џудо, под водство на ИЏФ-тренерот од Романија Дани Георге, кој за таа цел и престојува во Македонија. Неговата работа во Македонија е насочена кон унапредување на тренерскиот и натпреварувачкиот систем, развој на македонските репрезентативци, подобрување на техничката и тактичката подготовка и кон создавање услови за остварување уште поголеми резултати на меѓународната сцена. На татамите во Прилеп беа собрани џудисти од сите клубови, членки на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), обединети со иста цел: да учат, да се надградуваат и секојдневно да стануваат подобри. Тренинзите ги следеше и претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски. Со труд, дисциплина и со меѓусебна поддршка, секој тренинг е чекор напред и нова можност за напредок.
– Благодарност до тренерот Георге Дани, до клубовите и до сите спортисти за одличната енергија што ја пружија на тренинзите. Викенд-сесијата помина во најдобар ред, а џудистите со голема посветеност ги впиваа сите вештини на искусниот интернационален тренер Георге – ни изјави селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Горан Мицкоски.
Истовремено, изминатиов викенд во Прилеп се одржаа и подготовки на пионерската селекција на Македонија (до 12 години), за претстојното Балканско првенство во Арта (Грција). Младите спортисти работеа на подобрување на својата форма и усовршување на техниката, а подготовките беа можност селекторот Игор Димитријоски да ги провери моментната форма и подготвеност на кандидатите за репрезентативниот состав. Пред пионерската селекција претстои важен меѓународен настап, на кој ќе имаат можност да го претставуваат македонскиот спорт и да ги одмерат силите со своите врсници од балканските земји, информираат од ЏФМ. Г.И.






























