Низ страниците на македонската литература за деца: „Пролет зад мојот прозорец“ на Томе Арсовски
Професорката по физичко воспитание Елица Змејкова-Созовска ни е класна. За среќа, зашто е голем другар. На денешниот час таа ја смени планираната програма по физичко, но сепак нѐ задржа во фискултурната сала.
– Ве молам, направете круг и седнете – рече чудно замислена. На нејзиното лице имаше нешто што личеше на веќе донесена одлука. Бидејќи некои од девојчињата се двоумеа дали да седнат на жолто-кафеавиот светнат паркет, таа нѐ охрабри.
– Седнете, деца, денеска сакам да се обидеме да решиме еден заеднички проблем што ме загрижува. Се надевам, ќе ми помогнете.
Во салата висна некоја неизвесност, некоја возбуда на исчекување. Што наумила нашата класна?
– Дена, ме прозва некако топло, но со цврстина во гласот, така што малку се пресеков. Ја погледнав в очи и почекав. Нѐ викаше по име и затоа со неа се чувствуваме поблиски и послободни. Но, очигледно, се случуваше нешто друго.
– Дена – продолжи меко и пријателски – ти не можеш да вежбаш на гредата, нели?
Се смалив во себе и виновно ги кренав рамениците, исчекувајќи што ќе се случи. Ако ни ги воведува оценките во дневникот, не ни се пишуваше добро. На гредата можев да се качам со нечија, најчесто со нејзина помош, но штом ќе се исправев ми се вртеше умот, како да имам центрифуга во главата, ја губев рамнотежата.
– Ќе се обидам, професорке – пропелтечев несигурно.
-Ти не можеш на гредата, Снеже се плаши од вратилото, на Дарко не му оди математиката, Маја сонува кошмарни соништа по хемија и биологија.
Прошета со светнатите очи меѓу нас и го одбра Дарко.
– Дарко – рече и го фрли дневникот пред своите нозе, така што тој пукна на паркетот како истрел. – Гледаш ли што имам пред мене? Дневникот. Во него се вашите знаења. А лево и десно од него се две празни кутии од патики. Згрешив, не се празни. Во едната има триесет и шест чисти бели листови со наслов „можам“, а во другата исто толку чисти листови со наслов „не можам“. Драги мои, би сакала денеска за последен пат да ви се обратам со „деца“ иако уште не сте возрасни. Дарко и Дена ќе ви поделат по еден лист „можам“ и еден со „не можам“. Сакам да верувате во себе, зашто вие можете. Но нема да ве терам да се покажете какви што не сте. Напишете го во листот она што го мислите, она што е ваше, така ќе добиете список на најважните нешта што можете да ги работите или не можете да ги работите. Јасно ли е?
– Професорке- се слушна тивок глас – јас не носам молив…Мислам, немам пенкало.
Професорката брцна во внатрешниот џеб од нејзината спортска тренерка што обично ја соблекуваше во салата и редум, од ученик на ученик, ни подели по едно бело елегантно хемиско пенкало.
– Супер! – шепна некој.
– Пенкалата ви се за овој час по спортска храброст, а и за спомен од вашата класна. Но не обрнувајте внимание на тоа. Плесна со дланките, како кога дава знак да почнеме со вежбата.
– Можам-не можам. Ајде список!
Не помина половина од часот, професорката рече да ги собереме листовите. Во едната кутија „не можам“, во другата оние со „можам“.
Нѐ одведе во задниот двор на гимназијата. Таму потпрен на големата лопата веќе нѐ чекаше служителот, чичко Славе.
– Професорке, ќе садиме ли наше дрвце? – се слушна нечиј глас.
– Не, ќе копаме – цврсто рече класната. Дарко, ова е наредба, ако сакаш, земји ја лопатата од чичко Славе и копај овде.
– Дупка?
– Гроб. За една кутија од патики.
Копањето траеше десетина минути. Дарко го замени Бранко Катастрофа, него Зоки Хакерот. Дупката веќе беше длабока речиси четириесетина сантиметри. Тогаш, професорката ја зеде од мене кутијата со „не можам“ и пак ми ја подаде.
Дена, стави го мртовецот во гробот.
Не ми беше јасна целта на овој мал театар, намовнав, се обѕрнав наоколу и ја спуштив кутијата во дупката.
– Сега вака – со олеснување се издиша класната. – Нека почива во мир вашето „не можам“, „не умеам“, „не знам“. Во кутијата е и мојот лист. Еве што напишав: Не можам да ја натерам ќерка ми да напише песна за гимназискиот весник, да не го користи компјутерот само за игра. Не можам да ја уверам мајка му на Бранко да не го обесхрабрува својот син, зашто Бранко може да ја совлада математиката и да се бори за првенец на нашава гимназија. Не можам себеси да се натерам да не терам никого да прави нешто што самиот тој мисли дека не може. Зашто единствено правилно е оние што не можат, да не им пречат на оние што можат. Има и други работи, но сега дајте му ја лопатата на чичко Славе да го затрупа гробот.
Земјата затропа врз картонската кутија.
– Крај. Сега да се збогуваме со покојникот.
Се вративме во салата за фискултура.
– Драги мои ученици – се насмевна професорката – ова што го направивме немојте да го разберете како потценување на вашата интелигенција, овој театрален чин не го измислив јас. Го прочитав во една убава книга, не се сеќавам сега на авторите.Беше поодамна. Важно е она „сакам значи можам“ во вашиот живот да го земе местото на „не можам“. Секој сам мора да ја преземе одговорноста за својата иднина. Светот им припаѓа на оние што можат и вие сте тие што можат.
Бевме навистина малку збркани. Професорката погледна во нејзиниот рачен часовник.
– Имаме уште седум минути до ѕвоното, но мислам дека го завршивме часот. Нѐ изгледа сите и уште еднаш воздивна.
– Ви благодарам за соработката. Слободни сте.
За авторот
Томе Арсовски е македонски поет, прозаист, драмски автор, сценарист и писател за деца. Роден е на 23 септември 1928 година во Косовска Митровица, Србија. Учел во Пеќ и во Кавадарци, а подоцна завршил Филозофски факултет во Скопје. Работел во Македонскиот народен театар, потоа во културната рубрика на „Нова Македонија“, а од 1957 година бил уредник на драмската програма на радиото, а подоцна и на телевизијата во РТВ-Скопје, денес МРТ.
Неговата првообјавена книга е збирката поезија „Грст смеа“ од 1958 година, а истата година Народниот театар во Прилеп ја извел претставата „Александра“ забележана како прв драмски успех на авторот. Сепак, негова најголема потврда како драмски автор му ја дава драмата „Парадоксот на Диоген“. Најголемиот дел од неговото драмско творештво е свртен кон современиот живот и кон проблемите на современиот човек.
Арсовски е автор на осум романи за деца, меѓу кои „Патување во Таџетакомо“, „Зена, ќерка на ѕвездите“, „Кристална планета“ и „Бушави години“ и др. Потоа збирките поезија за деца „Смешни и превртени песни“ и „Диско штурец“.
Автор е на голем број радиодрами, телевизиски драми и телевизиски серии прикажани во радио-телевизиските центри во Финска, Италија, Чешка, Словачка,, Унгарија, Полска, Германија, Романија и во сите центри на поранешна Југославија, Познат е и како преведувач од повеќе јазици на македонски јазик на поезија, проза, драмска и критичко-есеистичка литература.
Добитник е на државната награда „11 Октомври“, како и на наградите „1 Мај“, „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и др.
Романот за млади „Пролет зад мојот прозорец“ е избран и прогласен за најдобар помеѓу четириесет и едно дело на анонимниот конкурс за деца и млади распишан во 2000 година од страна на издателството „Детска радост“. Томе Арсовски почина на 28 април 2009 година во Скопје.
Активности за часот:
1. Прочитајте го текстот наглас пред учениците.
2. Разговарајте за него.
3. Она што го направиле учениците и професорката, направете го и вие во вашата училница.































