Во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер 2026“
Ресен е препознатлив по јаболката, чија берба традиционално започнува на 27 септември, на празникот Крстовден. Но последниве неколку години овој град станува препознатлив и по литературната манифестација за деца „Детски гласови“, која и годинава беше дел од програмата на „Преспанскиот јаболкобер 2026“.
На годинашното издание учествуваа млади литературни творци од Македонска Каменица, Скопје, Струмица, Охрид, Струга, Кичево, Битола, Прилеп, а свои претставници имаа и домаќините од Ресен и Преспа. Во рамките на настанот беше промовирана и збирката поетски творби, која годинава содржи песни дури од 92 деца од цела Македонија.
– Позитивна енергија, среќа, насмеани лица и громогласен аплауз од многубројната публика ја исполнија салата. Децата со голем жар ги рецитираа своите стихови, со моќни пораки за мир, среќа, љубов, другарство, екологија, за убави мисли и за една поубава иднина и поубав свет – рече м-р Даринка Веслиевска, претседателка на здружението „ЖАР-Преспа“, кое е организатор на оваа манифестација за деца.
Програмата започна во храмот „Св. Никола“ во с. Јанковец, а по традиција се одржа и „Цветната штафета на мирот“ на сликарот и хуманист Живко Поповски-Цветин. Децата се запознаа, разменија пораки и испратија балони со симболика на гулаби, со искрена желба за мир во светот. Вера Благојевиќ, позната под псевдонимот Вера М. Самарјанин, македонска хуманитарна работничка и писателка, донираше 40 книги од своето богато творештво. Детската сликовница „Ива и Џуле“ беше претставена од г-ѓа Виолета Ристевска, а книжевната работилница ја одржа писателката Лила Арсова, која на децата им подари книги од своето творештво и дизајнирани магнети.
Настанот продолжи во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен. Организаторката и уредничка на збирката, која ги изработи и дизајнот на корицата и постерот за манифестацијата, м-р Даринка Веслиевска, го отвори настанот и топло ги поздрави сите присутни.
– Благодарност до сите што беа дел од организацијата и реализацијата на манифестацијата, до сите што помогнаа оваа детска приказна да стане реалност, до сите ментори што ги охрабруваат децата да пишуваат. Секако, и до родителите што ги поддржуваат, до нашите гости, пријатели, соработници и поддржувачи, најмногу – до децата. Тие се причината поради која „Детски гласови“ постои. Нашата визија е едноставна, но голема – да ги поддржиме младите поети да творат на својот мајчин јазик, да ги охрабриме талентираните деца и да им дадеме простор нивниот глас да биде слушнат. И секоја година, со секое дете, со секој стих и со секоја нова збирка, таа визија добива уште едно парче од сложувалката -рече м-р Даринка Веслиевска.
Предговорот за збирката го напиша м-р Весна Бошковска, наставничка советник од Скопје, а лектор на збирката „Детски гласови 2026“ е професорот по македонски јазик Влатко Стојковски од Битола. Членови на стручното жири беа Лили Арсова од Велес и Зоран Милошевски и Виолета Јосифовска од Ресен, кои со својата професионалност и посветеност ги оценија творбите и ги прогласија наградените учесници.
Програмата ја водеа гимназијалците Марија Ајчевска и Борјан Веслиевски од ДСУ „Цар Самоил“ од Ресен. Оваа година на корицата на збирката се најдоа учениците Михаил Туџаровски, Атанасија Писоски, Диоген Ангеловски, Адем Коминовски, Тамара Ангелковска, Христина Секуловска и Христина Илиевска. Музичкиот дел го збогатија учениците од Школата за пијано, под менторство на проф. Гоце Милошевски. Михаил Туџаровски и Никола Низамовски изведоа композиции, а Никола беше придружен со вокалот на Христина Секуловска, ученичка при ООУ „Гоце Делчев“ од Ресен. Програмата беше збогатена и со музичка точка на Стефанија Веслиевска, под менторство на наставникот Кристијан Милошевски, која настапи и со своја танцова точка како членка на ТСК „Спортакус“ од Битола.
Ф.Д.
Природата
е мојот свет
Се наведнав тивко
над еден цвет,
во градина мала,
далеку од сиот свет,
мирисаше нежно,
со ливчиња од свила,
срцето ми го исполни
со љубов и топлина.
– Те гледам како танцуваш
со утринскиот зрак,
со мирис раскажуваш
тајни на ветерот благ.
Кажи ми, цветче,
што сонуваш во ноќта лека,
дали месечината
твоите ливчиња,
ги милува со светлината мека?
Раскажи ми за дождот
што со љубов те гали,
за росата што те кити
со бисери мали.
Ти шепоти ли земјата,
со своите корени силни,
ти пее ли реката со своите
води милни?
Те боли ли дождот,
те плаши ли мрак?
– Не, дете драго,
сето тоа е од природата знак.
Не се плашам од ноќта,
таа е мој мир,
во неа собирам опоен мирис
за да го разнесам
по небесната шир.
Секој ден ми е дар,
секој здив – чудо,
во секој дел од природата
наоѓам нешто убаво.
Јас го ширам мирисот,
за него се борам,
природни убавини секојдневно творам.
Со своите цветни бои војувам,
така светот го освојувам.
Авторка: Симона Миланова,
14 години, Велес
Менторка: Бојанка
Џипунова-Ташова
Гран при на манифестацијата „Детски гласови“ 2026
Нoво утро
Под небото полно со ѕвезди,
тивко ги чувам своите соништа,
секој од нив нежно светка,
како мала искра во темнината.
Секој ден со насмевка
на лицето, го пречекувам
утрото ново,
со малку сонце во срцето
и со надеж за нешто убаво.
Секој ден е нова приказна,
нова страница и нов почеток,
со надеж во душата,
и сонце скриено во срцето.
Авторка: Марија Милановска, 13 години, Скопје
Менторка: Ана Кралевска
Гран при на манифестацијата „Детски гласови“ 2026






























