ЗАБРЗАН ШАХ

Косовскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Мухамет Аслани (2.365 рејтинг-поени, рангиран шести пред почетокот на турнирот) победи на еднодневниот отворен шаховски турнир во забрзан шах (10 минути плус пет секунди по секој потег) „Алкалоид 50 на 8х8“, во организација на ШК Алкалоид, а по повод 50 години од неговото формирање.
По 11 кола (швајцарски систем), Аслани освои 9,5 поени, потоа се пласираа македонските шахисти ИМ Филип Панчевски (2.418, рангиран трет), кој е втор, и ФМ Андреј Велјаноски (2.351, рангиран осми), кој е трет, а четврти е ИМ од Србија, Борољуб Златановиќ (2.362, рангиран седми), сите со по девет поени, но второпласираниот и третопласираниот имаа подобар дополнителен критериум.
Наградниот фонд изнесуваше вкупно 210.000 денари. На турнирот, кој се одигра во хотелот „Континентал“ во Скопје, учествуваа вкупно 169 шахисти (тројца ВМ, девет ИМ, еден ЖИМ, 14 ФМ) од седум шаховски федерации, Македонија (147 играчи), Мексико (еден), Германија (еден), Србија (13), Хрватска (еден), Косово (пет) и Грција (еден). Г.И.