Фото: Училишна архива

Заеднички проект на ООУ „Јан Амос Коменски“ и СУГС Гимназија „Никола Карев“ од Скопје

Учениците од 4-В одделение од основното училиште „Јан Амос Коменски“ и средношколците од 4-1 од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје, со нивните професори Велибор Бубулевски и Николина И. Котевска, го реализираат проектот „Мали и големи против насилство“, чија реализација почна неодамна. Целта е да се промовираат свесност, знаење и активности за спречување и справување со насилството и градење безбедна и толерантна средина за сите.
Овој проект ќе се реализира во текот на целата учебна година и има цел да поттикне меѓусебно разбирање, соработка и развој на социјални вештини кај учениците од различни возрасти, како и да се промовираат свесност, знаење и активности за спречување и справување со насилството за градење безбедна и толерантна средина за сите.

Првата работилница беше посветена на запознавање, градење доверба и вовед во темата за насилството и неговото препознавање. Со внимателно осмислени активности, учениците имаа можност да се опуштат, да се поврзат и да разменат искуства, рушејќи ги генерациските бариери.
Во теоретскиот дел, учениците се запознаа со поимот „насилство“ и неговите видови, како и со разликата помеѓу насилството и конфликтот. Преку примери од секојдневниот живот, тие учеа како да го препознаат насилството и зошто е важно навремено да се реагира.

Посебен интерес предизвика интерактивната игра „Црвено – жолто – зелено“, каде што учениците преку конкретни ситуации учеа да разликуваат дали однесувањето претставува насилство, потенцијален проблем или прифатливо однесување. Дискусиите што следуваа покажаа дека учениците размислуваат критички и се подготвени да ги изразат своите ставови.
Креативноста дојде до израз во активноста „Жива слика“, каде што групите преку „замрзнати сцени“ прикажуваа ситуации на насилство и на пријателство.
Работилницата заврши со заедничка дискусија на темата „Зошто е важно да го знаеме насилството?“, при што учениците истакнаа дека знаењето им помага да се заштитат, да им помогнат на другите и да изградат подобра и побезбедна училишна средина.
Според наставникот Велимир Бубулевски, овој проект претставува значаен чекор кон градење култура на почит, емпатија и ненасилна комуникација.
– Целта е малите и големите ученици да развијат социјални и хумани односи, генерациска солидарност, развивање мудри вештини и расудување, како и дискусии и споделување животни искуства. Со овој проект ќе се воспостави мост меѓу детството и тинејџерството. Две генерации различни по возраст, кои имаат заеднички интереси и желби, во текот на целата учебна година заедно ќе се едуцираат преку најразлични работилници, драматизации, литературно и ликовно творештво, музички дружења, изложби и приредби – информира Бубулевски.

Ф.Д.