Фото: МИА

Енергетската сигурност повеќе не може да се третира исклучиво како национално прашање, туку е заеднички регионален предизвик и одговорност, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на вториот министерски самит за енергетика во Белград, пренесе МИА.

На пленарниот состанок, на кој учествуваат делегации од Македонија, Србија, Бугарија и Грција, Божиновска истакна дека земјава останува посветена на развојот на прекуграничната инфраструктура и интеграцијата на регионалните енергетски пазари.

Таа посочи дека Македонија соработува со соседните оператори на преносните системи и регионалните институции со цел да се обезбеди стабилност на системот, да се олесни размената на електрична енергија и да се зајакнат механизмите за прекугранична поддршка.

Во делот на гасот, Божиновска ја истакна поддршката за заеднички механизми за координација и солидарност во случај на криза во снабдувањето, вклучително и навремена размена на информации, координирано управување со кризи и меѓусебна помош меѓу соседните земји.

 – Само преку координиран регионален пристап можеме ефективно да одговориме на потенцијалните прекини во снабдувањето и да обезбедиме сигурност и за граѓаните и за индустријата – истакна министерката.

Посебен акцент стави на гасните интерконектори со Грција и Србија, кои, според неа, ги поставуваат темелите на идната национална водородна мрежа и ќе придонесат за интеграција на Македонија во европската водородна инфраструктура.

Изградбата на интерконекторот со Грција, како што рече, напредува добро. Досега се заварени 30 од вкупно 67 километри, а почетниот капацитет ќе изнесува 1,5 милијарди кубни метри годишно.

Интерконекторот ќе овозможи пристап до нови извори на снабдување и до ЛНГ-инфраструктурата во Грција, со што ќе се придонесе кон поголема диверзификација и сигурност на снабдувањето.

Божиновска нагласи дека проектот е дизајниран да може да транспортира 100 проценти водород, што, според неа, ќе овозможи денешните инвестиции да придонесат кон нискојаглеродниот енергетски систем и европските цели за декарбонизација.

Напредок има и во изградбата на гасниот интерконектор со Србија. Потпишан е договорот за проектирање и изградба на македонската делница, а интерконекторот ќе функционира во двете насоки со капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно.

 – Важно е да се напомене дека, исто како и интерконекторот со Грција, и идниот интерконектор со Србија се развива како инфраструктура подготвена за водород, способна да транспортира 100 проценти водород – рече Божиновска.

Во однос на реформите во енергетскиот сектор, министерката истакна дека сигурноста во снабдувањето со гас и електрична енергија останува приоритет, со посебен фокус на адекватноста на системот во пресрет на зимската сезона.

Божиновска информираше и дека Македонија на почетокот на годинава ја завршила првата Национална студија за водород. Според неа, студијата го потврдува потенцијалот на земјата за производство, транспорт и користење обновлив водород и ја нагласува стратешката важност на интерконекторите со Грција и Србија.

 – Грција, Македонија и Србија можат да одиграат значајна улога во идниот Европски водороден коридор, трансформирајќи го нашиот регион во стратешка врска меѓу производителите и потрошувачите на чиста енергија ширум Европа – порача Божиновска.

Таа се осврна и на праведната енергетска транзиција, нагласувајќи дека таа не е само технички и инфраструктурен предизвик, туку и процес што треба да ги земе предвид работниците и заедниците погодени од напуштањето на јагленот.

Владата неодамна го усвои Годишниот план за спроведување на праведна транзиција за 2026 година, кој предвидува мерки за создавање нови работни места, преквалификација и доквалификација на работната сила, како и поддршка на локалниот економски развој.

 – Нашата цел не е едноставно да ги затвориме старите капацитети, туку да создадеме нови можности – истакна министерката.

На самитот, покрај Божиновска, учествуваат српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, бугарската заменик-министерка за енергетика Ива Петрова и грчкиот министер за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру.

По пленарниот состанок е предвидена заедничка прес-конференција на четворицата министри, а Божиновска ќе оствари и билатерална средба со Петрова за натамошно унапредување на енергетската соработка.