Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека макроекономската слика во земјава е стабилна и оти економијата денес е „многу, многу постабилна“ од економиите во регионот, отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека Македонија се движи кон банкрот.
– Да, економијата се движеше пред банкрот, директно во банкрот бевме во 2024 година, но за среќа успеавме некако да ја консолидираме во екстремно тешки услови коишто во меѓувреме беа создадени. Така што, макроекономската слика во земјата е стабилна и сите параметри укажуваат на тоа дека макроекономијата, верувале или не, денес е многу, многу постабилна од која било економија во регионот каде што живееме – рече Мицкоски, пренесе МИА.
Во однос на движењата во надворешно-трговската размена, Мицкоски посочи дека во последните два месеца од третиот квартал растот на извозот достигнал речиси 13 до 14 проценти, при понизок раст на увозот.
– Што значи дека побрзо расте извозот отколку увозот во услови кога нашите најголеми трговски партнери, а тоа е Европската Унија, исто така имаат одредени предизвици коишто мислам дека се историски, барем во последните децении, во структурата на светската економија најголеми. И ценам дека тоа е успех – рече премиерот.
Мицкоски оцени дека позитивниот тренд е поврзан и со владините политики, како и со субвенционираните кредити што ги користеле компаниите за инвестиции во понапредно производство.
– Политиката на Владата, заедно со оние, би рекол, субвенционирани кредити коишто голем дел од компаниите ги земаа за да инвестираат во понапредно производство, резултираат со зголемена инвестициска активност, но исто и со зголемен извоз – рече Мицкоски.
Според него, вакви позитивни движења долго време не биле забележани во македонската економија.
– И, се разбира дека сме среќни бидејќи многу одамна во македонската економија не се случиле вакви работи – истакна премиерот.































