- Полупразниот „Јане“ виде час по ракомет од Вардар, но и сериозен аларм за амбициозниот Охрид
Македонската ракометна Суперлига фати залет. Петтото коло вчера се затвори, а ние во досегашниот тек од првенството видовме два дерби-дуела. И, како куриозитет, во двата учесник беше тимот на Охрид.
Имаше уште дузина дерби-дуели од вториот и третиот ешалон, кои за мене се особено важни за следење и анализирање. Таму играат младите македонски играчи, таму добиваат шанса да се развиваат и да созреваат.
Сѐ на сѐ, првенство на контрасти. Од врвни екипи, развојни проекти, (не)употребливи странци и преплатени домашни играчи. Дополнително, во последните две кола видовме и екипи што каскаат со организацијата, меѓу кои ги издвоивме дуелите во Куманово и Прилеп. За тоа, подолу во текстот.
А сега за суперамбициозниот проект од Охрид, тимот што во првото коло беше тој што одигра подобро (за око) и беше, оправдано, незадоволен од освоениот бод против битолчани, но и тимот што во Скопје удри во ѕид.
Ракометен ѕид.
И ќе му треба време и памет да си дојде при себе. За разлика од второто, за првото тимот, стручниот штаб и управата немаат доволно простор, затоа што многу брзо во Охрид доаѓа уште еден клуб што сезонава ја игра „така-така“, иако сѐ уште не се судрил со (нај)големите ривали.
Алкалоид немаше ривал по мера во првите пет кола, но од она што го видовме во регионалната лига, а особено од она вчера против Тиквеш, прашање е како ќе функционира тимот на Лазаров оваа сезона.
Мојата намера не е да ги омаловажувам кавадарчани, особено што на клупата имаат тренер што знае да создаде атмосфера и да направи почва играчите да „гинат“ за себе и за тој што ги предводи од клупата. Тиквеш има добри резултати сезонава, ако го изземеме сегментот Европа, каде што нашите екипи и немаат некој особен мотив да продолжат понатаму, имајќи предвид дека европската куќа нема навика или практика финансиски да наградува успех и висок пласман. Дали е оправдано тим од Луксембург да те елиминира е тема за дискусија. Но ако Тиквеш, а претходно и некои други екипи „излетале“ од европските купови не сакајќи, тогаш ние сме во заблуда кога зборуваме за некаков квалитет во „најдобрата лига на овие простори“.
Да се вратиме на Охрид и дуелот во „Јане“.
Дерби пред полупразни трибини, како аларм дека работата, во однос на интересот и фанатизмот кон тимот со црвено-црна боја, е сериозно дискутабилна. Никој не може да го оспори тоа што се случуваше во ЛШ против Нант, во однос на преполната сала, френетичните поддржувачи и играта за секоја пофалба.
И толку.
Но што е со љубовта кон тимот кога доаѓа конкурент (барем на хартија) на шампионот во домашното првенство, ќе оставиме да процени публиката.
Вардар, со сѐ што прави изминатите две сезони, заслужува повеќе од скопската публика, но прашање е дали, настрана од спортскиот дел, прави нешто повеќе за да анимира публика што ќе го следи постојано.
Да се вратиме на дуелот, кој личеше како игра на мачка и глушец, иако прогнозите кажуваа дека треба да очекуваме многу понеизвесен дуел.
Тимот на Иван Чупиќ, со супергранитна одбранбена зона и хируршки поставен напад, не му даде шанса на Охрид ни да помисли дека може да „чепне“ бод во Скопје.
Во речиси комплетен состав, со Мечка и ракометниот Сократес во тимот, Чупиќ имаше многу поширока ротација, имаше сериозно мотивирана екипа, играчи што постојано се трудат да ја оправдаат минутажата, имаше фокус, дисциплина…
Иван Чупиќ покажува и докажува дека изборот на играчи му е комплетно оправдан, покажа дека знае да ја држи „уздата“ и покажа дека нема комплекс на ниска вредност и не дава попуст за кој било играч, па макар се викал Јака Малус и имал статус на ѕвезда на тимот. Го видовме тоа ние што бевме во „Јане“, на два-три пати, кога Чупко, оправдано, „бришеше патос“ со „принцот од Јане“, како показна вежба за оние другите, кои треба да се свесни кој е тука шефот.
Ќе каже некој што е тоа важно за она што го видовме на теренот?
Но таквиот однос и пристап ја држат екипата „будна“, обезбедуваат тактичка дисциплина, одржуваат тензија и извлекуваат максимална продуктивност од секој поединец.
Вардар, од една страна, стартуваше „модерно“ во нападот, со четворица играчи на бековските позиции, форсирајќи игра каде што фокусот беше да се нападне Зечевиќ, кој беше дел од централниот бедем на Охрид. Оваа варијанта, со четири надворешни играчи, дава можност во еден напад, преку дуел-игра и промена на повеќе играчи од различен профил, да се напаѓа одреден играч што е „скениран“ како недоволно квалитетен од повеќе аспекти.
Ако Сократес и Принцот од Јане се одлични во дуел-играта и технички се перфектни, Љевар и Фараонот имаат други квалитети, да „разбијат“ надвор од девет метри.
И токму таа комбинација знае да биде незгодна, носејќи го противникот во недоумица во однос на поставувањето на одбраната, длабочината на зоната и профилот на играчите што треба да ја „носат“. Фараонот, кој дојде од Кил, ги надмина нашите очекувања, особено во делот на техничката подготвеност, па и дисциплината во играта. Неговите антрополошки карактеристики не беа спорни, имајќи ја предвид земјата од која доаѓа. Мојата констатација дека „нема да донесе многу памет на таа десна бековска позиција“, засега паѓа во вода и фер е да се признае дека засега Мохаб е погодок. Како и голем дел од играчите што Чупиќ ги донесе изминатава година.
Во ситуација кога Малус веќе не е тема на анализа, Да Силва, како ракометен Сократес, покажа дека, покрај неговите технички карактеристики и високото ниво на спортска интелигенција, има и одлична дуел-игра.
Толку за нападот на Вардар.
Што да каже човек за зоната на вардарци?
Јанковски и Љевар, со Лазаревски и Мохаб, дејствуваат застрашувачки компактно, цврсто и уиграно. На таква зона, Валах и Гогов само треба да собираат „отпадоци“ и полушутеви, што и го видовме синоќа.
Вардар играше, речиси, перфектно. Висла нека му ја мисли на 8 октомври, пред тогаш, сигурни сме, преполн „Јане“.
На другата страна, Борис Ројевиќ стартуваше без скапо платениот Унгарец Мате, без веќе докажаниот, а синоќа индиспониран Анте Иванковиќ и без суперпрофилираниот Јошида (во напад). Стартуваше „наопаку“, а противникот се набилда со самодоверба, што многу често знае да биде клучно во вакви дуели.
На сметка на тоа, видовме колку, на двата дела од теренот, барем засега не може Зечевиќ и колку беше немоќен „ѕверот од Љубаништа“ на линијата од шест метри. Не дека другите блескаа.
Едноставно, комплетна безидејност, несигурност, анемичност, статичност. Нешто незабележано кога игра Охрид, тим што лани на сите полиња одигра суперконкурентно, без разлика кој е од другата страна на теренот. Долга подготовка, немоќ во дуел-играта, „лош“ пренос на топка, недоволно развлекување на гранитната зона, без изолација и без јунак што може да направи разлика во однос на создавање шанса за себе или за соиграчите.
Охрид беше до таа мера исфрустриран и немоќен што, и во ситуација на формација 7-6, не можеше да создаде позиција за реализација.
Како ретко кога во минатото во дуел на две екипи што се конкуренти за највисок пласман видовме дузина напади на гостите во кои тие самите се донесоа во ситуација, буквално, да ја префрлаат топката преку зоната, со цел навремено да се вратат на својата половина.
Сѐ на сѐ, иако Охрид оваа сезона донесе многу звучни имиња во ликот на Мате, Славиќ и Јошида, а впечатокот е дека очајно недостига Јасухира, да направи ракометна минијатура и кога не оди, да го одржи тимот во игра или да го докрајчи противникот. Недостига енергијата на „Пипо, мајсторе“ да ја крене екипата и кога не оди, иако синоќа Славиќ бранеше коректно и не беше главниот виновник за поразот. Фали, на централната позиција, Реј Моралес, тивкиот „убиец“ што ги вршеше „валканите работи“ во зоната.
Охрид плаќа многу играчи што влегуваат од клупа и, условно кажано, се замени на оние што ја носат играта. Играчи што синоќа беа додавачи и покажаа дека многу тешко можат да му помогнат на тимот, односно на Стрмљан, Иванковиќ, Јагуриновски и Мате, кога „колата ќе тргне низ брдо“.
Тоа треба да им отвори очи, ако досега и самите не го заклучиле тоа, но што да се прави кога македонскиот пасош во домашниот ракомет е на цена и диктира услови.
Останува надежта, како и кај пелистерци од пред некој ден во првото коло од европските купови, дека се работи за лош ден и инцидент, кој не соодветствува со реалноста и дека тој нема да остави подлабоки лузни врз атмосферата во тимот, довербата во шефот и, најважно, врз самодовербата на секој поединец.
П.С. Дуелот во Битола е свесно избегнат од анализа во оваа колумна. Странци на трибини, скратен ростер и јавашлак, како најава за тешката задача што (ќе) ја има Маго ди Умаго на клупата на Пелистер. Н’танзи, со темна боја на кожата ќе треба да го организира нападот на битолчани, да му даде на Фитиљ да игра на својата природна позиција и да ја држи тактичката поставеност на Червар под контрола?
Да го видиме и тоа чудо од играч што од ПСЖ, преку Татабања, преку Ал Араби, „слета“ на Широк сокак. Надолната линија и логиката не му одат во прилог, ама времето ќе покаже.
П.П.С. Во најдобрата лига на Балканот, публика масовно влета во терен и само една „искра“, помеѓу разочараните гостински млади играчи и истата таа публика, можеше да предизвика сериозен инцидент, за после да „лечиме наместо да спречиме“, а на друг натпревар домаќинот реши да не ни ги прикаже последните клучни седум секунди од натпреварот и нѐ остави да фантазираме во однос на регуларноста на (не)досудениот седмерец во корист на гостите.
Јбг. Ние чекавме да ни се случи Кочани за да се освестиме.
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“






























