Фото:„Џифони Македонија“

Минатиот вторник заврши четиринаесеттото издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“, кој и годинава претстави кратки играни и документарни филмови, дел од мјузикл и цртежи, истакнувајќи се како оаза за младите креативци и зона во која царуваат слободата и креативноста.
Според жирито на сениорите и кадетите, играниот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума е прогласен за најдобар филм на фестивалот. Овој филм наиде на одличен прием кај публиката, а авторката раскажа за инспирацијата за приказната.
– Насловот дојде подоцна, се инспирирав за приказната возејќи се на велосипед покрај кеј и сретнав девојче што возеше скејтборд во традиционални шалвари. Таа сцена ме импресионира и ја мислев долго време. По една година почнав да ја пишувам приказната, ама таа седеше во мене. Потоа гледав во мојот алманах и се сетив на едно девојче и се сетив дека тоа девојче на 13 години беше бремено и не можев да го најдам. Некако овие два настана беа како капсула за мене и сфатив дека мора да направам филм. Ме натераа да размислувам за сите работи што се смета дека не се за девојчиња или за жени. Сакав да биде симболиката со скејтбордот од кој многупати паѓате и станувате за да бидете што подобри – рече Дума.

За јуниорите, односно учесниците од шесто до деветто одделение, кои работеа во Кинотеката, најдобар игран филм е „Шефот и слаткото девојче“, во режија на Андреа Порпорати. За јуниорите најдобар краток филм беше „Мило“, во режија на Даниеле Фабиети, додека за сениорите – „Де моул“ (The Mole), во режија на Марко Санторо.
Најдобар анимиран краток филм е „Кино Риалто“ (Cinema Rialto) од Кипар, во режија на Антони Петроу. Најдобар краток ученички филм за основци е филмот „1863: Американска крв“ (1863: American Blood Director) на режисерот Лео Кан. Најдобри кратки ученички филмови за средношколци се „Не биди тивок – пријави малтретирање“ (Don’t Be Silent – Report harassment) на режисерката Фросина Захда и „Достигнувајќи седумнаесет“ (Reaching Seventeen) на режисерката Марија Ковалева од Ерменија.

Најактивни џифонци годинава според жиријата се: Леко Бардароски, Сара Драгниќ и Калина Ивановска, кои ќе учествуваат на „Џифони експириенс“ в година.
Да потсетиме, „Џифони Македонија“, чија тема годинава беше „Невозможните нешта“, започна на 25 септември во киното „Фросина“ на МКЦ. Во петдневната програма учествуваа 400 деца и млади од Македонија, Италија, Данска, Романија, Србија и Косово.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија, Италијанскиот културен институт, „Џифони експириенс“, Град Скопје, како и општините Карпош, Центар и Кисела Вода.