Деновиве прилепчанката Маријана Ѓорѓиевска се врати од уште една планинарска експедиција, овој пат освојувајќи го врвот Ут Кангри, висок 6.070 метри, кој се наоѓа во регионот Ладах во Индија. Ако се земе предвид дека Ѓорѓиевска е втора жена во Македонија што се искачила на три од седумте врва од проектот „Седум врва“ (Seven Summits), a во 2019 година стана четврта Македонска што го искачила највисокиот врв во светот надвор од Азија, Аконкагва со 6.962 метри надморска височина, станува јасно дека последниот предизвик е лесно совладлива височина за неа. Меѓутоа, искачувањето на Ут Кангри има една длабоко хумана мисија за која меѓу другото разговаравме при средбата со неа.
– Како членка на Лајонс клубот-Прилеп (Lions Club Prilep), благодарение на моите колеги од клубот, се запознав со интернационалната хуманитарна иницијатива „Кили фор кидс“ (Kili4Kids). По доставувањето на мојата планинарска биографија, добив покана да бидам дел од ова големо светско хумано семејство. „Кили фор кидс“ е иницијатива создадена преку „Лајонс интернешнл“ (Lions International). Целта е преку искачување на десет врва низ светот да се соберат еден милион долари за изградба на десет училишта во средини каде што пристапот до образование не е еднаков – вели Маријана.
Досега се реализирани четири експедиции, изградени се две училишта – во Танзанија и Кенија, а третото е во изградба во Непал. Во секоја експедиција учествува по една жена, како претставничка на својата држава, а можат да учествуваат и амбасадори.
– За мене беше особена чест да ја претставувам Македонија. Но, пред сè, го доживеав како одговорност – да ја претставувам мојата земја и да помогнам пораката дека секое дете заслужува еднаква можност за образование да стигне што подалеку – истакна таа.
„Кили фор кидс“ е иницијатива што ја користи моќта на спортот и планинарството за да привлече внимание и поддршка кон образованието на децата што немаат еднакви можности – овој пат на децата во Индија. Иницијативата е создадена во рамките на „Лајонс интернешнл“, чие главно мото е „Ние служиме“ (We Serve). Надоврзувајќи се на тоа мото, „Кили фор кидс“ е еден вид продолжена рака на „Лајонс“, насочена кон образованието.
– За мене тоа е особено важно, бидејќи училиштето не е само зграда. Тоа е место каде што детето добива знаење, самодоверба, можност да сонува и еден ден само да ја креира својата иднина. Затоа оваа експедиција за мене има многу силна порака дека еден врв може да привлече внимание, но вистинската цел е да се отвори пат кон подобра иднина за децата – посочи планинарката Ѓорѓиевска.
Ф.Д.































