НМ - Илустрацијата е креирана со помош на ВИ

Балкански нордиски совет: Идеја што може да ја промени Југоисточна Европа

  • Може ли Југоисточна Европа да добие свој нордиски совет – простор во кој старите спорови ќе престанат да бидат пречка за заеднички интереси?

Постои еден европски парадокс што на Балканот особено добро се гледа. Народите можат со векови да живеат едни покрај други, да имаат испреплетени истории, но секако не „заеднички“, да имаат блиски кујни, музики, семејни врски, трговски патишта и културни влијанија, а политички да останат заробени во логиката на меѓусебното надмудрување. Затоа вреди да се постави едно можеби необично, но не и неизводливо прашање: Што ако Југоисточна Европа добие свој нордиски совет?

Која е идејата на т.н. нордиски совет?

Нашиот соговорник, висок интелектуалец, правник и аналитичар, кој повеќе децении живее во Шведска, има симпатична идеја, која ни ја претстави во нашата редакција, врз основа на неговото искуство и опсервација на заедничкото функционирање на земјите од Скандинавија.
– Нордискиот совет не е нова држава, не е нова федерација, ниту, пак, е „нова Југославија“, уште помалку е организација што би ја заменила Европската Унија, НАТО или Советот на Европа. Тоа би бил регионален сојуз на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Грција и Турција, изграден околу едноставната идеја. Имено, таму каде што можеме да направиме повеќе заедно отколку одделно, да го направиме тоа заедно. Токму тоа е една од суштините на нордиската соработка. Нордискиот совет е парламентарна, а Нордискиот совет на министри меѓувладина структура. Нивната соработка е поставена врз Хелсиншкиот договор од 1962 година и е насочена кон области во кои заедничкиот пристап носи додадена вредност. Тоа е важната лекција. А Нордијците не станале блиски затоа што ги укинале своите држави. Станале посилни затоа што научиле во одредени работи да не се однесуваат како пет, осум или повеќе одделни држави – вели тој на почеток на нашиот разговор.

Од Хелсинки до Солун, Истанбул и Љубљана

Според нашиот соговорник, нордискиот модел не настанал преку една голема историска декларација, туку тој се градел чекор по чекор.
– Заедничкиот нордиски пазар на трудот постои од 1954 година, а подоцна бил институционализиран со договор од 1982 година. Нордиската пасошка соработка започнала уште во 1950-тите, а социјалната сигурност, јазичната соработка и други практични прашања постепено биле поврзувани. Ова е можеби најинтересниот дел од приказната за Балканот, бидејќи регионот веќе има делови од таква архитектура – само што тие се расфрлани низ различни организации. Постои Советот за регионална соработка, постои ЦЕФТА, постои Берлинскиот процес, постои Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, постои Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во кој веќе членуваат и Бугарија, Грција, Романија и Турција, покрај земјите од Западен Балкан. Прашањето, значи, не е дали регионот знае да соработува. Прашањето е дали може да создаде една трајна политичка рамка во која таа соработка ќе стане нормална, секојдневна и мерлива – ја објаснува својата идеја нашиот соговорник од Шведска.

Балканот е поголем пазар одошто изгледа

Една од најсилните причини за ваква идеја е всушност економската. Поединечните држави во Југоисточна Европа, со неколку исклучоци, се релативно мали пазари.
– Токму фрагментацијата е еден од проблемите што Светската банка ги посочува за економиите на Западен Балкан, односно дека малите и раздробени пазари потешко создаваат економии од обем, потешко привлекуваат инвестиции и потешко развиваат посложени производствени синџири. Регионалната интеграција, според анализите на банката, може да ги здружи пазарите, знаењето и ресурсите. Токму тука нордискиот принцип би можел да биде применлив. Замислете регионален пазар на кој една компанија од Скопје полесно продава во Белград, Софија, Тирана, Сараево или Загреб; фирма од Солун без непотребни административни бариери работи со партнери во Скопје и Букурешт; инженер од Србија полесно наоѓа работа во Словенија; програмер од Македонија работи за компанија во Хрватска; студент од Босна студира во Бугарија; а турска компанија учествува во инфраструктурен проект што ги поврзува Црно, Егејско и Јадранско Море. Не мора сите тие земји да имаат иста валута, ист даночен систем или иста политичка структура за да ги намалат пречките меѓу себе. Прво се отстрануваат практичните бариери. Политичката блискост може да дојде како последица, а не како предуслов. За Западен Балкан веќе постои Заедничкиот регионален пазар, заснован на четирите слободи – движење на стоки, услуги, капитал и луѓе – со дополнителни области како дигитализација, инвестиции и иновации. Според Регионалниот совет за соработка, првата фаза донела раст на трговијата со стоки и услуги и значително зголемување на внатрешнорегионалната трговија.
Со други зборови, идејата не би започнала од нула – смета нашиот соговорник, кој со голема доза на оптимизам ја објаснуваше својата идеја за „Нова Македонија“.

Географијата работи во корист на идејата „нордиски консензус на балканска
почва“

– Ако постои нешто што Балканот не може да го промени, тоа е географијата. А географски, овој простор е извонредно поврзан. Јадранско, Јонско, Егејско и Црно Море го опкружуваат регионот. Дунав минува низ неговото северно и централно подрачје. Коридорите од Централна Европа кон Солун, Истанбул и Црно Море минуваат токму низ оваа зона. Европската Унија веќе го третира просторот како дел од големите европски транспортни оски. Коридорот Балтичко Море–Црно Море–Егејско Море ги поврзува Романија, Бугарија и Грција со пошироката европска мрежа, додека Дунавскиот коридор ја поврзува Централна Европа со Хрватска, Србија, Бугарија и Романија.
Во декември 2025 година Грција, Бугарија и Романија дури воспоставија посебна платформа за коридорот Црно Море–Егејско Море, со цел координација на инфраструктурата, логистиката и инвестициите. Оттука се наметнува едно практично прашање: Зошто нешто што денес го прават три држави во еден сектор не би можело утре да го прават единаесет држави во десетици сектори – прашува гласно нашиот ценет соговорник.
Тој додава дека најинтересниот аргумент за ваква заедница не е ниту историјата ниту економијата.
– Тоа е фактот дека народите на Југоисточна Европа, и покрај огромните разлики, со векови живееле во истиот цивилизациски простор каде што коегзистирале јазични и културни традиции. Особено е интересен феноменот што лингвистите го нарекуваат балкански јазичен сојуз – „Sprachbund“. Македонскиот, бугарскиот, албанскиот, грчкиот и романскиот, иако не потекнуваат од ист јазичен предок, развиле низа структурни сличности како резултат на долготраен контакт. Турскиот исто така учествувал во дел од тие процеси. Во поранешна Југославија, пак, постои дополнителна лингвистичка блискост меѓу јужнословенските јазици, иако денешните јазици се целосно легитимни и одделни национални стандарди – вели тој.

Фото: „Нова Македонија“

„Балканскиот темперамент“ е човечки ресурс

Интересно е што често во јавноста се зборува за балканскиот темперамент како да станува збор за научна категорија.
– Тоа е интересна констатација, но не се согласувам во потполност со тоа. Постојат одредени општествени обрасци што се забележуваат низ различни делови на Југоисточна Европа, како што се силни семејни врски, голема важност на личните контакти, гостопримство, социјалност, непосредна комуникација и силна локална припадност. Истражувањата за социјалниот капитал во Југоисточна Европа покажуваат дека неформалните односи и семејните и локалните мрежи имаат значајна улога во општествениот живот. Истата појава, меѓутоа, може да има и позитивна и негативна страна. Имено, довербата меѓу блиските може да биде голем ресурс, но прекумерниот партикуларизам може да ја поткопува институционалната непристрасност. Токму тука би била една од најголемите лекции од нордискиот пример. Имено, неформалната блискост не смее да ја замени институцијата, треба да ја направи институцијата почовечна и поефикасна – тврди нашиот соговорник.

Различни држави, сличен демократски јазик

Овој регион не е политички хомоген. Тоа мора да се признае уште на почетокот. Словенија, Хрватска, Грција, Бугарија и Романија се членки на Европската Унија, некои од преостанатите држави се во различни фази од европската интеграција. Политичките системи исто така се разликуваат: повеќето се парламентарни републики, Романија е полупретседателска, а Турција има претседателски систем. Но токму затоа регионалниот модел не би требало да биде замислен како нова држава со единствена влада.
– Нордискиот пример покажува дека можат да постојат различни национални системи и заеднички институции за конкретни прашања. Нордискиот совет ги поврзува парламентите, додека Нордискиот совет на министри ги поврзува владите. Затоа, според мојата сè уште кроки-замисла, балканскиот модел би можел да има:

  • совет на Југоисточна Европа – парламентарно тело;
  • совет на министри на Југоисточна Европа – меѓувладина структура;
  • постојан секретаријат;
  • секторски совети за економија, транспорт, енергетика, образование, култура, дигитализација и безбедност;
  • регионален фонд за инфраструктура;
  • програма за студентска и работничка мобилност;
  • заедничка дигитална платформа за јавни услуги;
  • механизми за решавање практични прекугранични спорови.

Не мора да постои „балкански парламент“ што би носел закони за сите. Доволно е да постои место каде што парламентите, владите и експертите редовно ќе седнуваат на иста маса пред проблемот да стане криза – анализира нашиот соговорник од Шведска.

Идејата не е против евроинтеграциите, туку кон Европа

Според соговорникот, една од најголемите заблуди би била таквиот проект да се претстави како алтернатива на Европската Унија.
– За повеќето држави од регионот, европската интеграција останува клучна рамка. Европската комисија и самата ја поддржува регионалната економска интеграција на Западен Балкан како подготовка и мост кон единствениот европски пазар. Затоа „нордискиот Балкан“ би имал смисла токму ако биде дополнување на европската интеграција, а не нејзина замена. Словенија или Хрватска не би требало да избираат меѓу Брисел и регионот. Ниту Грција, Бугарија или Романија. Ниту Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора или Босна и Херцеговина. Регионалната соработка може да биде слој помеѓу националната држава и пошироките европски институции – вели тој

Од „буре барут“ до регион што си ги користи конкурентските предности

Балканот има еден стар политички проблем. Имено, премногу често неговите соседи се доживуваат како конкуренти, а премалку како инфраструктурни, економски и човечки партнери. Но Европа денес покажува нешто спротивно. Најголемите економски и политички придобивки не доаѓаат само од големината на државата туку и од способноста да се поврзат пазарите, луѓето, капиталот, знаењето и инфраструктурата. Токму тоа е нордиската лекција.
– Да бидам попластичен во искажувањето. Нордискиот модел не бара Данецот да престане да биде Данец, Финецот Финец, Швеѓанецот Швеѓанец или Норвежанецот Норвежанец. Ниту е потребно Македонецот да престане да биде Македонец, Турчинот Турчин, Гркот Грк или Србинот Србин. Поентата е друга, Да бидеш целосно свој, а сепак да бидеш способен да правиш нешто заедно со соседот. Тоа на Скандинавциве не им падна од небо. Никој на Балканот не знае колку закрвена историја имаат Нордијците. Уште покрвава од Балканците, слободно треба да се прочита таа историја. Но, со текот на времето, тие сфатиле дека кавгите, конфликтите и омразата не водат никаде. Тие почнале да градат прагматични политики. А можеби истата политика е и најреалистична формула за Југоисточна Европа. Скандинавците почнале со политичка прагма пред 300 години, ние малку доцниме, но никогаш не е доцна – вели нашиот соговорник.
Не големо обединување. Не нова империја. Не нова федерација. Туку заедница на интереси. Заедница во која државите не мора да се согласуваат за минатото за да соработуваат за иднината. Во која железницата може да биде поважна од историскиот спор, електричната мрежа од националната реторика, студентската размена од старите граници, а заедничкиот пазар од меѓусебното сомневање. И ако Нордискиот совет е доказ дека географски блиски, но национално различни држави можат да создадат трајна политичка култура на соработка, тогаш прашањето за Балканот не е дали треба да ја копира Северна Европа. Прашањето е дали може да создаде сопствен модел – балкански по карактер, но нордиски по институционална логика. Тоа би било многу посериозен проект од уште еден самит, уште една декларација и уште една фотографија на лидери. Би било обид Југоисточна Европа конечно да ја претвори својата најголема историска слабост – фрагментацијата – во своја геополитичка и економска предност. Н.М.


Што би добил еден граѓанин?

Ајде да бидам најконкретен за тоа што го замислувам, кое ќе го наведам таксативно, притоа со чисто граѓанска ориентација, за да не бидам сфатен погрешно. Еве неколку работи за тоа каков бенефит би имале граѓаните на балканскиот совет по теркот на нордискиот.

– Помалку чекање на граница – затоа што соседството не би требало да значи бескрајно стоење во колона.

– Полесно вработување во соседните земји, со поедноставни процедури и признавање на стекнатите права.

– Признаени дипломи и полесна мобилност на студенти, професори, лекари, инженери и други професии.

– Побрзи и почести возови што повторно би го поврзале Скопје со Белград, Софија, Солун, Тирана, Сараево, Загреб и поширокиот регион.

– Подобри патишта и заедничко планирање на инфраструктурата наместо секоја држава да гради само до својата граница.

– Посигурна и поевтина енергија преку поврзани електроенергетски мрежи и заеднички регионални проекти.

– Полесно плаќање и дигитални услуги без секоја граница да биде нова административна пречка.

– Заеднички правила за дигитална идентификација, електронски потпис и јавни услуги.

– Поголем пазар за малите компании и повеќе можности за извоз без непотребни бариери.

– Студентот од Скопје би можел полесно да помине семестар во Љубљана, Загреб, Белград, Софија, Букурешт, Атина или Истанбул.

– Истото тоа би важело и за младите истражувачи, уметници и претприемачи.

– При природни катастрофи, пожар или поплава, помош од соседот би можела да пристигне побрзо и со помалку бирократија.

– Заеднички туристички производ би значел дека посетителот може да го доживее регионот како една поврзана дестинација.

А за граѓанинот најважно од сè е да има помалку граници во секојдневниот живот, без да мора да се бришат националните граници. Тоа, во суштина, би била балканската верзија на нордиската идеја: различни држави, но сè помалку пречки меѓу нив. Н.М.


Религискиот пејзаж исто така е различен, но токму затоа е потенцијално интересен

Православието е силно присутно во Македонија, Грција, Романија, Бугарија и Србија; католицизмот има силна позиција во Хрватска и Словенија; исламот е значаен во Албанија, Босна и Херцеговина, Турција и во делови од другите држави.
– Да потсетам, скоро читав дека и Истражувачкиот центар „Пју“ ја опишува Источна и Југоисточна Европа како простор во кој православието, католицизмот и исламот се испреплетуваат, односно нагласува дека не е религиски еднообразен, но „тоа може да биде слабост ако религијата се претвори во политичка граница, а може да биде и предност ако се претвори во култура на практичен плурализам! Во таков модел, Турчин, Албанец, Грк, Србин, Бошњак, Хрват, Словенец, Бугарин или Македонец не мора да се откаже од сопствениот идентитет за да стане дел од поширока регионална заедница. Напротив, заедничкиот интерес би се градел врз различноста, а не врз нејзино бришење – вели нашиот соговорник. Н.М.