Фото: Царина

Меѓународна криминална група поврзана со нелегална трговија со дрога е разбиена по истрага на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги. Пет лица се приведени, а против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, соопшти Царинската управа.

Акцијата започнала по добиена разузнавачка информација, по што мобилни тимови презеле оперативни дејствија. На граничниот премин „Дојран“, на излез од државата, бил спречен обид за нелегален транспорт на 79 килограми марихуана, која, според Царината, била наменета за турскиот пазар.

Марихуаната била запленета, а возачот на камионот, државјанин на Босна и Херцеговина, бил приведен. Одделението за истраги, во соработка со ОЈО-ГОКК, потоа започнало предистражна постапка за откривање на сите лица инволвирани во случајот.

Во текот на истрагата било утврдено дека камионот влегол во Македонија натоварен со железни профили, кои требало да бидат транспортирани до Грција.

Според Царинската управа, по претходен договор со лица од Македонија, на однапред договорена локација била извршена претовар на марихуаната во камионот. Возилото потоа било пломбирано со пломба што возачот ја имал во себе и продолжило кон Грција.

Камионот бил пресретнат од мобилните единици на Царинската управа на граничниот премин „Дојран“, каде што била откриена и запленета дрогата.

Од Царинската управа велат дека случајот е резултат на разузнавачки и оперативни дејствија, како и на предистражна постапка спроведена во соработка со надлежните институции.