Предновогодишни предвидувања

Цела недела отсутност од дневнополитички будалаштини во Нордистан. И глупостите околу него, простор што некои го нарекуваат свет. Отсуство со дух, ум и тело. Работев нешто креативно и напорно. Напорната креативност ме опушта. Бев поштеден од сите апсурди на битисувањето. Одредено време. Во еден миг мора да се вратиш во стварноста. А секојдневјето е глутница хиени. Сака да те парчоса. Уште се кикоти подмолно. Среќа што имам акумулирано смисла за хумор, па нема да дозволам суровата реалност да ми ја смрзне циничната насмевка.
Франција се соочува со тешки цивилизациски проблеми. Сопругата на Макрон била машко. Да полудиш од возбуда. Некој тоа го објави во Франција. Сега сопругата на Макрон тужи. Ова ме збуни. Чекај малку, па нели Европа живее модерни времиња? Нели секој маж може да стане жена и обратно? Нели секој може да биде и маж и жена истовремено, зависи како се чувствува. Еве, сопругот на Ана Брнабиќ е жена. Или Ана е сопругот, не знам точно. Ама па никој не прави од тоа драма на „заостанатиов“ Балкан, за каков го сметаат „модерните“ Европејци. А кај нив, проблем. Дали Макроница е транџа? Не сфатив баш околу што е дилемава, оти видов само наслови, ама не нурнав толку длабоко во оваа огромна цивилизациска мистерија. Па, еве, сега се чудам дали првава дама сменила пол пред да се запознае со Ману или откако им започнала брачната приказна.
Мене веднаш ми паѓа на ум креативен заплет. Не само сопругата на Макрон туку и тој сменил пол. Макрон некогаш бил жена. Го запознал човекот на својот живот. Станале љубовници, потоа сопружници. Ама како што вообичаено бидува, брачната љубов западнала во криза. И наместо да се фатат за традиционални алатки за спасување на бракот како мали неверства, свинг-дружби, пронаоѓање трет, заеднички љубовник, тие дошле до генијално решение. Двајцата менуваат пол. Сега тој е жена, а таа маж. Ги менуваат брачните улоги, па секој од нив може да почувствува како му било на другиот. Одлична идеја. Вистинска прогресивна мелодрама.
Само ти заебавај се, Русјаков! Околу нас се случуваат сериозни потреси, а ти си играш играчки со петпарачки скандали.

Не е така. И јас сум сериозно загрижен за планетарните потреси.
Идниот Џејмс Бонд најверојатно ќе биде црнкиња. Сериозен сум. Да не ви правам спојлери, гледајте го новиот Бонд-филм и сами ќе сфатите. Јас веќе не се шокирам, откако терминатор стана феминистка. Чекам да видам кога Бетмен и Супермен ќе излезат од плакар. Или што ако Лоис Лејн одлучи да смени пол? Како тоа ќе го прифати Кларк Кент? Ќе се вакцинира ли Тарзан? Африка е полна вируси. И зошто, по ѓаволите, кралот на џунглата сè уште е белец? До кога со тој проклет расизам? Уште ли треба да ги трпиме шовинизмот и мачоизмот на Конан? Ќе собере ли храброст светот да признае дека црвената Соња е Афроамериканка, лезба и блондинка? И конечно, кога авенџерси ќе ја спасат планетата од злото наречено Русија?
Светот прави ревизија на годината. И јас правам исто. Многу оригинална година истеравме. Се сеќавам на лани ова време. Сите си посакаа 2020 година да не се повтори. Полни надеж, очекуваа 2021-та да биде подобра. И би така, 2021 година подобро се повтори отколку што оптимистите очекуваа. Постави предизвик пред следната 2022 година. Да ви откријам тајна, 2022 ќе се повтори уште подобро. Како во светот, така и во Нордистан.
Пандемијата ќе продолжи. СЗО, фармацијата и владите ќе измислат четврта доза вакцина. Невакцинираните конечно ќе бидат одвоени во гета и логори како фашисти што сакаат да извршат геноцид врз вакцинираното население. Злобниците ќе речат дека нема логика, оти, нели, ако вакцината штити, тогаш не може невакцинираните да се опасност за вакцинираните. Е може. Оти невакцинираните не ги заразуваат вакцинираните само со вирусот од кој ги штити вакцината, туку и со постојано повторување на правото на избор. Затоа ќе се променат правилата околу тоа право на избор. Ако ти имаш право на избор да не се вакцинираш, јас имам право на сила да те вакцинирам. Тоа е исто како со правото на мислење. Откако прогресивните го воведоа мотото имаш право на мое мислење, светот стана поубаво место за живеење.
Откако послушните граѓани примат четврта доза вакцина, а непослушните завршат во гета и логори, вирусот нема да исчезне, туку одново ќе мутира кај вакцинираните, само овој пат за тоа ќе биде виновна Русија.

Затоа што Путин нема да ја нападне Украина, но длабоко во себе го посакува тоа. А кога нешто посакуваш длабоко во себе, тоа природно мутира како вирус и тука мора превентивно да се прими петта доза вакцина, која нема сосема да те спаси од нова мутација, ама секако ќе те освести од каде доаѓа опасноста. Па, така, најпаметно е САД, ЕУ и НАТО да ја нападнат Русија и да ја спасат планетата од пандемијата, економската и енергетската криза. Знам дека сето ова ви звучи налудничаво, ама тоа е затоа што верувате во теории на заговор, а не во наука и мејнстрим-медиуми. Да негувавте западни вредности, ќе ви беше јасна равенката што гласи: ако Германија се откаже од руски гас, зашто Русија е зло, и потоа, среде зима, западне во тешка енергетска криза, тогаш виновен е Путин, кој сака да ја нападне Украина додека во затвор го држи слободоумниот расист Навални, а го крие терористот Сноуден, со што кај некои граѓани поттикнува непослушност и тие одбиваат да се вакцинираат, па така шират вирус кај оние што се заштитени од него со вакцина.

Немам многу простор во колумнава да кажам што го очекува Нордистан во следната година. Но тоа не е тешко да се предвиди. Нордистан сигурно ќе добие датум од ЕУ, ако не во јануари, април или декември, тогаш секако во 2023 година, што сепак е следната година. Затоа е глупо да се размислува за предвремени избори, кога на локалните се виде какво е расположението кај слободоумното прогресивно граѓанство. Како гласа непрогресивното зло не треба да се брои. Со такви треба да се занимаваат независното обвинителство и судство на власта. Економска криза нема да има, затоа што сме членка на НАТО, а за тоа е доказ фактот дека во село Ранковце пожарната доби телефон, па селаните веќе нема да трчаат за да пријават пожар и во секое време ќе можат да му се јават на Столтенберг ако Нордистан биде загрозен од Русија, која се бори да не добиеме датум од ЕУ. На Путин нема да му успее тоа, затоа што сопругата на Кастриот слушна дека Макрон ќе ни даде датум. Само да заврши човекот со дилемата дали жена му е транџа или тоа е масло на руската пропаганда, која сака да ги збуни половите на планетата за да им го подметне на Европејците, Северен тек како Јужен Пол.