Поклон на бугарската држава пред архитектите на холокаустот на македонските Евреи

Претседателот Румен Радев самиот се декларира како антифашист. Редно време е тој да ги посети Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и споменикот „Сила, слава и победа“ во Скопје, па конечно да се извини во име на бугарската држава за геноцидот и за неделата на бугарските окупаторски фашистички војски во Македонија за време на Втората светска војна

Кому му се поклони бугарскиот претседател во Софија, кому тој, во име на бугарската држава, му оддаде почит и што значи овој негов чин за македонско-бугарските односи? На први февруари годинава, претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, без претходна најава, го посети Паметникот на жртвите на комунизмот во Бугарија, изграден во самиот центар на Софија и сместен во паркот „Бугарија“. Датумот е пригоден затоа што Бугарија го чествува 1 февруари како Ден на жртвите на комунизмот, избран затоа што на тој ден во 1945 година новооснованиот Народниот суд ги објавува првите пресуди против регентите и политичарите од претходниот фашистички режим (чествувањето е востановено во 2011 година).
Тука немам намера да ја спорам самата потреба од воспоставување датум кога им се оддава почит на жртвите на комунизмот. Во името на црвениот бајрак, со срп и чекан, насекаде низ светот беа извршени голем број злосторства и неправди. Демократизацијата подразбира севкупно пресметување со лошите наследства на секој политички режим – историско, филозофско, правно, морално и политичко. Исто така, очигледно е дека современа Бугарија отишла многу понапред од нас во справувањето со наслагите од минатиот тоталитарен режим. Македонија досега успеа единствено да ја спроведе денационализацијата и симболично да им се извини на жртвите на „поранешниот режим“ со Декларацијата во Собранието од 2006 година. За жал, изостанува судската рехабилитација на неправедно осудените лица, компензација на жртвите и на нивните семејства за претрпените неправди, како и научната и публицистичката обработка на сиот овој период. Споменот на злосторствата мора да се одбележува и да влезе и во историските читанки, со цел никогаш повеќе да не се повторат. Кај нас, исто така, уште немаме паметници или други пригодни места каде што ќе се негува сеќавањето на жртвите и на злосторствата на комунистичкиот режим. Но тоа е наша работа и предмет на поинаква дебата…

Посетата на Радев на овој паметник не е контроверзна, туку скандалозна! Постои огромен проблем со Паметникот на жртвите на комунизмот во Бугарија, кој станува меѓудржавно прашање кога пред него ќе се поклони шефот на бугарската држава. Самото решение на ова споменично обележје личи на паметникот на виетнамската војна во Вашингтон, па на црни мермерни плочи се впишани имињата на сите личности што се сметаат за жртви на комунистичкиот режим во Бугарија. И, нормално, нема проблем со тоа што таму е изгравирано името на еден Георги Марков, едно од имињата што светската историја ги помни како маченици на еден неправеден режим, но од нејасни причини помеѓу другите имиња се наоѓаат и Богдан Филов (премиер), Петар Габровски (министер за внатрешните работи) и Александар Белев (комесар за еврејски прашања) на бугарскиот фашистички режим. Тие тројца се архитектите на холокаустот на македонските Евреи и целата приказна за нивното чудовишно недело може да се види во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, изграден во Скопје со цел вечно да се чува сеќавањето на некогашното Еврејско Маало, на многубројната скопска еврејска заедница и на монструозниот чин што ја збриша петвековната сефардска заедница во Македонија. Таа епизода е убедливо најцрното петно на заедничката историја на македонскиот и на бугарскиот народ и едно од најтешките бремиња за подобрување на македонско-бугарските односи. За жал, сè уште го чекам целокупниот список на имињата што се изгравирани на овој паметник, но, според моите софиски познаници, таму биле и најизвиканите претставници на бугарските воени и цивилни фашистички власти во Македонија, од периодот на окупацијата, кои се одговорни како инспиратори, наредбодавци и извршители на сите крвави недела на нашите простори за време на Втората светска војна. Како ќе се помируваме и како ќе градиме пријателство, кога Бугарија ги велича нашите џелати и ги жали како „жртви“ на комунистичкиот режим?

Јас сум убеден дека бугарскиот претседател Румен Радев не мислел ништо лошо кога го посетил овој паметник и дека одлуката тој да пристапи кон тој чин е донесена по долги дебати во неговиот кабинет. Но, сепак, и тој и неговите советници го зеле предвид само внатрешниот бугарски контекст во врска со нивните политички поделби, па сакале симболично да кажат дека еден „црвен“ претседател може да им оддаде почит на жртвите на „црвениот терор“. Секако, тоа е чин со длабоко политичко и историско значење за бугарската нација и своевидно затворање на бугарските поделби од втората половина на 20 век. Меѓутоа, тој гест не смеел да биде пред овој паметник и Радев никако не смеел да се поклони пред имињата на Филов, Габровски и Белев. Претседателот е отелотворување на бугарската држава и секој негов гест е чин сторен во име на Република Бугарија. Зарем бугарската држава се поклони пред архитектите на холокаустот во Македонија?
Да бидат нештата уште полоши, должно е да се напомене дека досега немало службена посета на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија од претседателот на Бугарија, никогаш не е положено цвеќе пред споменикот на холокаустот во кругот на некогашниот скопски монопол, а никогаш ниту еден бугарски претседател не собрал сили и најофицијално да ѝ се извини на македонската еврејска заедница и да побара прошка за грозоморното злосторство. Бојко Борисов дојде најблиску во 2018 година, но и тој сопре пред да го искаже формалното извинување во име на бугарската држава, симболичен чин, но толку значаен за македонско-бугарските односи.

Нормално, македонската дипломатија повторно ја нема никаде и немало никаква реакција ниту од македонската амбасада во Софија, ниту од палатата „Борис Сарафов“ во Скопје, ни нота, ни демарш, ни соопштение за печатот… ништо. Впрочем, што и да се очекува од владина врхушка што немаше проблем да се откаже од македонскиот народ во Грција и во Бугарија, да ги легитимира злосторствата против Македонците во соседството, а сето тоа во име на некаква нејасна европска иднина. Кому да му објаснуваш дека европската иднина е втемелена, меѓу другото, и во сеќавањето на холокаустот, сеќавањата за етничките чистења, прогоните, етноцидот и другите злосторства, па заедничкиот европски дом се гради со цел никогаш повеќе да не се повтори тоа.
Претседателот Румен Радев самиот се декларира како антифашист. Редно време е тој да ги посети Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и споменикот „Сила, слава и победа“ во Скопје, па конечно да се извини во име на бугарската држава за геноцидот и за неделата на бугарските окупаторски фашистички војски во Македонија за време на Втората светска војна. Ситен гест, но мошне значаен за изградба на новите поглавја од заедничката историја на македонскиот и на бугарскиот народ.

Автор:Ивица Боцевски