Зошто Македонија го доби првото полувреме против енверистичките групи што подоцна ќе се обединат во ОНА (УЧК), но не успеа да ја претвори победата во траен стратегиски успех? Вечно популарната историската драма наречена воен судир помеѓу Македонија и ОНА постојано се репризира, но, изненадувачки, првиот чин никогаш не се изведува. Едно од најмалку истражените поглавја во современата македонска историја е првичниот судир помеѓу македонските безбедносни установи и групите што подоцна ќе го создадат јадрото на идната ОНА во текот на 1998 година. Чуден е молкот околу тие настани. Досегашните истражувањата на овој период се темелат целосно на јавни извори од достапниот печат на македонски и на албански јазик. Во публицистиката, мемоаристиката и историографијата не може да се најде асална референца за цитирање. Кротка е и секогаш бучната балканска чаршија за „подвизите на хероите“, „предавствата на клетите кодоши“ и „неспособноста на тогашните политичари“. Но најмногу вчудовидуваат оскудните сведоштва на главните актери на овие настани, кои секако не се поврзани со законските одредби за доверливост или обидите да се заштитат уште активни извори или оперативни акции. Токму затоа вреди да им се навратиме на настаните од 1998 година, па конечно да се отвори дебата околу овој запоставен, но значаен период од најсовремената македонска историја.
Македонија, за жал, повторно е само ситен детаљ на платното на големата историска слика од овој период на Балканот. Но, уште позначајно, земјата повторно е во расчекор помеѓу сопствените стратегиски цели и плановите на западните сојузници предводени од САД. Во 1997 година стана јасно дека Милошевиќ целосно ја потроши мировната дивиденда од Дејтонскиот договор. Американците му покажаа дека трпението за неговите домашни игранки има граници (бруталниот фалсификат на локалните избори од 1996 година и неколкумесечните протести на опозицијата и студентите), но и дека Вашингтон е сериозен дека нема да го укине еднострано воведениот „надворешен ѕид на санкциите“ сѐ додека Белград не влезе во посериозен дијалог со косовските Албанци. Некогашните енверистички групи околу Националното движење за Косово и Националното движење за ослободување на Косово тогаш се ребрендирани во „демократско“ и „ослободително“ руво. Популарната досетка од тие времиња раскажува како прославениот политички затвореник во Титова Југославија, Адем Демаќи, при неговата прва посета на демократски избраниот „некомунистички“ премиер на Албанија, Сали Бериша, влегува во неговиот кабинет како „енверист“, а излегува како „демократ“. На Косово новосоздадената УЧК станува привлечна алтернатива за сѐ погласните незадоволници од политиката на пасивен отпор на Ибрахим Ругова и Демократскиот сојуз на Косово. Споменатиот Адем Демаќи ќе им се придружи како своевиден политички гласноговорник. Но развојот на настаните доведе тие полека да се претвораат и во инструмент за дополнителен притисок од САД и од другите западни сојузници врз Слободан Милошевиќ (за време на бомбардирањето ќе прераснат и во своевидна авангарда на копнената војска на НАТО против СР Југославија). Патот од терористи до легитимни соговорници УЧК го изоде само за неколку месеци. Тоа се случи помеѓу изјавата на Ричард Гелбард во февруари 1998 година („Ние силно ги осудуваме терористичките акции на Косово. УЧК е, без никакво сомневање, терористичка група.“) до веќе легендарната фотографија на Ричард Холбрук со Хајдин Абази, алијас „командант Љуми“, во косовското село Јуник од јуни. Веројатно Американците јасно им ставаат до знаење на првенците на УЧК дека не стојат зад нивниот енверистички сон за „голема Албанија“, но во тогашната еуфорија дека најголемата светска сила стои зад нивната борба секако тие избираат да продолжат со стремежот да се постигне нивниот отсонуван национален идеал.
Исто како и на почетокот на југословенската криза, но и подоцна при борбата за признавање, македонските цели се во расчекор со стратегиските цели на САД и на ЕЕЗ, а македонското поглавје повторно е некаква непријатност за западните дипломатски напори, која се одложува за некоја неодредена иднина.
Веројатно поаѓајќи од сличните анализи, македонското крило на УЧК (тогаш збир на разнородни групи енверисти, како и активисти на НДК и НДОК) одлучува да го подготвува теренот за идниот развој на настаните, со ширење на нивните мрежи, развој на логистиката и, што е најзначајно, почнување акции за предизвикување на македонската држава, а со цел во клучниот момент да израснат како завојувана страна што го контролира теренот помеѓу Албанците во Македонија и го држи на нишан и самиот главен град на земјата. Македонските власти, пак, сакаат да ги оневозможат нивните акции, да ги растурат нивните мрежи и да го насочат политичкиот процес кон веќе етаблираните политички партии, односно владејачката ПДП и опозициската ДПА. Овие, пак, исто така се согласуваат да останат единствените политички опции за Албанците во Македонија, но истовремено се свесни за потребата од забрзување на политичките процеси за приспособување на македонскиот уставен поредок. На оваа точка, политичко решение на албанското прашање во Македонија, владата на Бранко Црвенковски има најслаб учинок, а вината тука е целосно кај стожерниот партнер СДСМ. Притоа, македонските власти се свесни дека гломазни воени акции може да доведат до непотребни цивилни жртви и да ги мобилизираат Албанците кон поддршка за македонското крило на УЧК. Тие се, исто така, свесни дека целиот Балкан е под лупата на меѓународната заедница, како и дека не смее себеси да се прикажат ни како отворен противник на косовската УЧК, но ни како директен непријател на СР Југославија. Оттука се избира војната против македонското крило на УЧК да биде во „светот на сенките“, водена од внатрешното разузнавање (директен предводник на оваа борба е тогашниот директор на УБК Зоран Верушевски), со хируршки прецизни акции на специјалните полициски сили (униформираната полиција во Македонија е под палката на Љубомир Михајловски-Џанго), а со поддршка од воените структури, особено информациите од военото разузнавање (таму една од клучните улоги игра генералот Сокол Митревски). Политичкиот дел на овој напор е во рацете на министерот за внатрешни работи Томислав Чокревски, но со поддршка од министерот за одбрана Лазар Китановски, а дипломатските иницијативи, главно насочени кон САД и кон СР Југославија, ги предводат министерот за надворешни работи Благој Ханџиски и шефот на надворешното разузнавање Владо Поповски. Стратегиската цел на македонското крило на УЧК е уште тогаш да ја преземе иницијативата, да ја дестабилизира Македонија, па да предизвика чувство за несигурност, безизлез и неповрат кај Македонците, но и поддршка кај Албанците за нивната кауза. Уделот на Албанците од Македонија во НДК и НДОК, како и подоцна во УЧК, бил отсекогаш висок, особено во раководството. Тогаш еден од клучните идеолози на некогашните енверисти, а сегашни „демократски ослободители“ е Фазли Велиу. Во негова сенка, пак, неговиот внук Али Ахмети расте во централна фигура за организација на мрежите во Македонија, логистиката за снабдување со оружје на УЧК, но и негување на врските со властите во Албанија и со странските поддржувачи на овие структури.
Македонија тогаш мора да најде пат помеѓу потребите од продолжување на соработката со главниот стратегиски сојузник (САД), одржување на добрососедските односи со властите на СР Југославија и контактите со виртуелната држава на Ибрахим Ругова, но и борбата против македонското крило на УЧК, кое започнува со акции и во Македонија. За Македонија тие беа најголема безбедносна закана, но за САД и за западните сојузници овие структури веќе станаа неопходна состојка за идното решавање на косовската криза.
Дотогаш не беше спорно дека мрежите на УЧК дејствуваат на територијата на Македонија, со препознатливи политички, организациски и пропагандни активности, но кон крајот на 1997 година земјата се соочи со првите јасни и недвосмислени знаци дека тие влегуваат во нова и далеку поопасна фаза на оружена конфронтација со македонската држава. Македонското крило на УЧК ги предизвика македонските безбедносни институции. При судскиот процес против Фазли Велиу, а и од јавно достапните безбедносни процени од тој период може да се утврди дека првите оружени акции на УЧК се случија во септември 1997 година. Како и секоја урбана герила така и УЧК го избра Гостивар, тогаш уште силно потресен град по полициската акција од летото и апсењето на Руфи Османи. Веројатно дел од политичката процена било да се изостри етничкиот јаз помеѓу Албанците и Македонците во овој град, кој е познат по историјата на етнички соживот, што е повторно преземено од учебниците на етничките урбани герили. Оваа бомбашка акција беше координирана со истовремениот напад врз Основниот суд во Тетово и еден полициски објект во Куманово. Во декември УЧК повторно се огласи со напад врз општинската зграда во Прилеп и полициската станица во Чаир. Прилеп веројатно е избран како источник за крајните граници на замислената Илирида, што е енверистичкиот пандан на Шешељевиот „Карлобаг – Карловац – Огулин – Вировитица“, а Скопје е симболот за отсонуваниот главен град на енверистичка голема Албанија, слично како што македонските националисти го нарекуваа Солун „привремено окупираниот главен град“. Веќе на почетокот на следната 1998 година повторно ќе бидат нападнати судските и полициските установи, но овој пат во Струга и во Куманово, а и Скопје ќе се најде на нишанот на УЧК. Тука се исцртуваше територијата и се додаваше притисокот врз институциите на македонската држава. УЧК започна да се јавува и со соопштенија за јавноста каде што ја преземаше одговорноста за нападите.
Одговорот на македонските власти беше исклучително воздржан, а и медиумите во земјата избраа да не влезат во сензационализам. На серијата конференции за печатот излегуваа директорот на УБК, Зоран Верушевски, и другите должносници и изнесуваа детални информации за истрагата. Во заднина, пак, координацијата на службите за безбедност ги носи кон заклучок дека не станува збор за изолирани инциденти туку за систематска акција на организирана група. За среќа, дотогашната работа на македонската полиција, војска и разузнавање овозможила тие длабоко да навлезат во мрежите на македонското крило на УЧК, да ги проучат нивните методи на дејствување и да ги разоткријат нивните текови сѐ до центрите на Косово, во Албанија и во дијаспората (главно Швајцарија).
Клучната акција на ова „прво полувреме“ ќе се случи есента 1998 година во селото Колари, кога при полициска акција ќе биде откриен огромен бункер со оружје и експлозив. Потоа ќе следуваат координирани акции на полицијата низ земјата, кога сериозно ќе биде начната мрежата на УЧК во Македонија, осакатена, но не и трајно растурена. Сите овие активности ќе имаат завршница во судскиот процес против Фазли Велиу, кој ќе биде осуден во отсуство. Политичките импликации, пак, од акцијата во Колари и последователните активности беа тоа што македонската држава ја презеде иницијативата на теренот и покажа дека може да се справи со мрежите на УЧК. Веројатно во заднина течела и интензивна дипломатска активност, но и воено-дипломатска комуникација, пред сѐ со САД, но и со СР Југославија, како и со парадржавата на Ибрахим Ругова. Интересите на сите овие актери се различни, па и спротивставени, па македонската држава играла премногу деликатна игра за да ги балансира и за да најде оптимален излез за државата.
Значењето на Колари далеку го надминуваше едноставното откривање на уште еден бункер или заплената на значајни количества оружје, што стана општо место во сите години на југословенската криза од фамозната 1981 година и преотворањето на албанското прашање во Македонија. Од перспектива на есента 1998 година изгледаше дека државата ја има иницијативата, дека најопасните структури се разоткриени и дека нивното понатамошно разбивање е само прашање на време.
Најважната лекција од 1998 година не беше дека Македонија може да ги порази овие структури, туку дека нивното разбивање мора да биде долгорочен и сеопфатен процес. Акцијата во Колари и последователните полициски операции покажаа дека државата располага со способни безбедносни институции, разузнавачки капацитети и дипломатска умешност да се справи со ваков предизвик. Токму затоа, вистинскиот предизвик по таа победа требаше да биде зачувување на безбедносната иницијатива, понатамошно продирање во мрежите на УЧК, одржување на професионалните капацитети на службите и продолжување на дипломатската активност кон Вашингтон, Белград и косовските Албанци. Со други зборови, лекцијата од 1998 година не беше дека битката е завршена, туку дека таа штотуку започнува. Македонија го доби првото полувреме, но притоа не успеа добиената предност да ја претвори во трајна стратегиска позиција.
Така што, првото полувреме навистина го доби Македонија. Мрежите на УЧК беа разоткриени, безбедносните служби ја имаа иницијативата, а државата покажа дека располага со капацитет да се справи со заканата. Но токму во моментот кога требаше да следува долгорочна консолидација на успехот, геополитичката ситуација околу земјата почна забрзано да се влошува. Косовската криза влегуваше во нова фаза, интересите на големите сили стануваа сѐ покомплексни, а изборите од 1998 година ќе предизвикаат сериозни потреси во безбедносниот и политичкиот систем на Македонија. Лекцијата од Колари требаше да биде јасна: борбата против овие структури мора да продолжи, безбедносните служби да ги задржат иницијативата и професионалните капацитети, а дипломатската активност уште поинтензивно да ги брани македонските интереси пред Вашингтон, Белград и косовските Албанци. Наместо крај на кризата, 1998 година се покажа како само увертира во драматичните настани што ќе следуваат. А како Македонија од позиција на држава што го добива првото полувреме ќе влезе во клучната 2001 година е тема на следното продолжение.
































