Европската бирократија и подвижната цел на проширувањето
- Тринаесет земји членки на ЕУ бараат „година на консолидација“ и пауза во создавањето нови прописи, а Македонија сè уште се обидува да дознае што точно треба да исполни за да стигне до членството
Европската Унија повторно се најде пред еден парадокс што многу кажува за начинот на кој функционира нејзиниот систем. Додека Брисел постојано зборува за поедноставување на регулативата, самите земји членки предупредуваат дека европските правила се натрупуваат побрзо отколку што можат да бидат применети.
Имено, неодамна 13 членки, предводени од Австрија, побараа период во кој Европската Унија би се фокусирала на спроведување, поедноставување и преиспитување на постојните правила, наместо постојано да создава нови. Идејата е секоја нова регулатива да се мери според тоа дали навистина носи додадена вредност, дали е применлива и дали дополнително ја оптоварува европската економија.
Тоа, само по себе, не е само расправа за европската бирократија туку зад барањето за „чистење“ на законодавството се крие и многу посуштинско прашање: дали Унијата во создавањето на сè повеќе правила понекогаш заборава дека правилата треба и да се применуваат?
Кога и тие што ги носат правилата бараат време
Сето ова не може а да не го посматраме низ нашата македонска призма и барањето од страна на македонските власти за европска конзистентност на она што значи исполнување критериуми за членство.
Впрочем, ако земјите што се дел од Европската Унија, кои учествуваат во создавањето на европското законодавство, денес бараат време за да ги усогласат, применат и преиспитаат постојните правила, тогаш сосема логично се наметнува прашањето како една земја кандидат треба да се снајде во истиот лавиринт.
Она на што во повеќе наврати потсетија македонските претставници, тоа е дека земјава не бара да биде ослободена од европските стандарди бидејќи наша цел е токму преземањето и применувањето на европското законодавство, туку сака предвидливост, да знае што точно се бара од неа.
Европската Унија официјално го опишува пристапниот процес како усогласување со целокупното европско законодавство, поделено по различни области и поглавја, со постојано следење на реформите. Проблемот за кандидатот настанува тогаш кога европскиот систем во кој треба да влезе постојано се менува и се придодаваат нови барања, најчесто неповрзани со поранешните критериуми.
Дали членството станува подвижна цел?
Токму затоа за Македонија ова прашање има и многу поконкретна политичка димензија.
Земјата веќе со години слуша што треба да направи за да напредува. Во актуелната фаза, Европската Унија јасно наведува дека усвојувањето на договорените уставни измени е потребниот следен чекор за формално започнување на пристапните преговори. Но токму тука сега се отвора пошироката дилема.
Ако денес една работа е услов, а утре европските приоритети се изменат, дали кандидатот може да биде сигурен дека исполнувањето на условот навистина го носи до следната скала или преговорите се претвораат во бесконечен процес.
И тука не станува збор за тоа дали условите треба да постојат, бидејќи тие се природен дел од секој процес на пристапување, туку прашањето е дали тие услови треба да бидат јасни, мерливи и предвидливи.
Имено, едно е да му кажете на кандидатот: „Исполнете ги овие услови и ќе продолжите понатаму“, а сосема друго е кандидатот постојано да се обидува да стигне до цел што, поради промената на правилата, повторно се поместува.
Европа бара поедноставување, кандидатите бараат предвидливост
Во суштина, барањето на Австрија, Германија, Италија, Полска, Португалија, Чешка, Данска, Унгарија, Естонија, Латвија, Литванија, Словенија и Словачка може да се прочита и како признание дека европскиот регулаторен систем станал доволно сложен за самата Унија да почувствува потреба од негово преиспитување.
Во нивниот предлог се бара новите обврски да се воведуваат со поголема претпазливост, постојните правила да се проверуваат, а дуплирањето и непотребното известување да се намалат. Целта е законодавството да биде попредвидливо и поедноставно за европските компании.
Клучната дилема што се наметнува е ако тоа е добро за членките, тогаш зошто предвидливоста да не биде еднакво важна и за кандидатите?
Ова е особено важно за Македонија, која не треба само да ги менува своите закони туку и да гради институции што ќе можат да ги применуваат. За мала администрација, секоја нова европска регулатива значи нова обврска, нови процедури, нови институционални капацитети и нови трошоци.
Затоа прашањето не е дали Македонија треба да се усогласува со ЕУ, туку дали процесот на усогласување може да биде доволно предвидлив за земјата да знае каде се наоѓа.
Колку правила ѝ се потребни на Европа?
Барањето од Виена и другите европски престолнини отвора и уште едно прашање за самата иднина на Унијата. Можеби проблемот на ЕУ веќе не е само во тоа што нема доволно заеднички правила туку и во тоа што има премногу правила што треба да се усогласуваат, спроведуваат и контролираат.
Ако Унијата сака да биде поконкурентна, тогаш не е доволно постојано да носи нови стратегии, регулативи и директиви. Потребно е и постојните правила да функционираат.
Токму затоа повикот за „година на консолидација“ е значаен. Тој покажува дека некои од членките сметаат оти Европа треба да помине од логиката „што уште треба да регулираме“ кон прашањето „што од она што веќе го регулиравме навистина функционира“.
А тоа е прашање што може да има директна врска и со проширувањето, бидејќи Европа што сака да прима нови членки мора да има систем што е доволно јасен и функционален за да може новите членки да се интегрираат во него. Не е спорно усогласувањето, туку предвидливоста.
Македонија, според тоа, нема причина да бара полесен пат од другите кандидати, но има право да бара јасен пат. Не е проблемот во тоа што Брисел бара реформи, проблем би било доколку кандидатот не може однапред да знае што ќе се смета за доволно исполнета обврска.
Суштинското прашање не треба да биде дали Македонија сака услови без услови, туку дали сака правила без изненадувања и затоа европската дебата за регулаторната хиперпродукција добива дополнителна тежина.
Ако самите членки бараат пауза за да можат да ги средат прописите што веќе постојат, тогаш кандидатите имаат уште поголема причина да бараат јасна мапа на патот кон членството. Земјите кандидати сакаат да знаат не само што треба да направат денес туку и што ќе следува утре. Може да биде долг, тежок и условен процес, но мора да биде процес во кој правилата се доволно јасни за оној што трча да знае кон што трча.
И можеби токму тоа е суштината на актуелната европска дилема: ако и членките бараат време за да ги разберат, усогласат и применат сопствените правила, тогаш кандидатите со право прашуваат дали од нив се очекува само да ја достигнат Европа или постојано да ја бркаат.
































