Не верувајте им на вонземјани

Одлучив да се одморам. Има да кренам четири раце и шест нозе во воздух и ич око нема да ми трепне. Додуша, мене едново око што го имам никогаш не ми трепка, ама така тоа тука се вели. Како и да е, уморен сум, ми треба одмор. Ден, два… цел еден викенд. Искрено, се уморив, море и ми здосади да ги малтретирам и плашам Американците. А они, пустите, што не направија за да ме уништат. Се отепаа од пукање по мене со тоа нивните смешни ракети, како што луѓето го нарекуваат своето оружје за кое мислат дека е крајно сериозно и опасно. Ама па и јас сум живо битие, сакам малку да не правам ништо.
Но не е само тоа проблемот. Деновиве не е баш паметно да си на небото над Америка, особено над Охајо, откако им експлодира воз полн опасни хемикалии. Да, да, еколошка катастрофа се случува, само што не се зборува за тоа на вести. Инаку, вести се една смешна човечка измислица што луѓето многу ја сакаат. Тоа е еден вид чудно шоу, каде што на публиката ѝ се крие вистината преку сервирање селективни или погрешни информации, во кои Русите се секогаш лоши. Мене многу повеќе ми се допаѓа едно друго шоу наречено ресторан, каде што ти сервираат храна, ама, ете, луѓето си ги сакаат вестите и консумирањето лошо зготвени информации.
Океј, значи одмор. Само каде да се одморам?
Хотел… тоа се едни интересни зданија каде што луѓето најчесто одат да се одморат или кога им е потребно некаде привремено да престојуваат. Има и некои чудни луѓе што понекогаш одат во хотел, најчесто во пар, па ја симнуваат од себе горната кожа и потоа испуштаат блесави звуци додека прават бесмислени движења во она што го нарекуваат кревет. Да, така ќе направам, ќе истерам еден викенд во хотел. Европа ми се гледа како добро место за одмор. Патем, слушнав дека тоа е еден стварно ексклузивен и луксузен хотел. Море и бесплатен, иако немам поим што значи тоа.
Покрај хотелите, луѓето имаат направено места наречени паркинзи, каде што ги оставаат своите подвижни кутии, кои во воздухот исфрлаат гадни честички.

Затоа и јас, како добар гостин, ќе ги почитувам правилата човечки и ќе го оставам моето совршено летало на нивниот паркинг покрај хотелот Европа. Така и правам. Слетувам, го спуштам подвижниот мост, излегувам надвор. Не поминав ни три метри, а кон мене трча едно човечко суштество. Господине, ми вели, мора да платите паркинг. Луѓето инаку за сенешто плаќаат. Тоа го прават со пари. Пари се една чудна измислица, со која луѓето се толку многу опседнати што честопати се убиваат поради нив. Е, ама јас немам пари. Тоа и му го кажувам на човекот.
Ама паркингот чини само 50 денари, упорен е ликов, имате бесплатен луксузен хотел преполн европски вредности и само треба да платите паркинг, а тоа е толку едноставно, како да внесете Бугари во устав.
Ништо не го разбирам. Видете господине, му велам, немам ама баш никаква намера да ставам Бугари во уста, мислам дај бидете сериозен, на толку вкусна храна вие ме терате да јадам Бугари.
Човекот ме гледа малку уплашено. Инаку, Бугари се група луѓе со чудни навики. Јас имам запознаено еден Бугарин, малиот Јан Бибијан, кој леташе низ вселената, малку се дружевме, ама кога го прашав од каде е, ми рече од планетата Земја, од една држава наречена Бугарија, ама подобро не оди таму оти ќе пробаат да те убедат дека и ти си Бугарин сосе сите твои шест нозе, четири раце и едно око што го имаш. Така ми рече малиот Јан Бибијан.
Господине, се обидувам да бидам мирен, јас пари немам, Бугари ич не сакам да ставам во уста, ама во хотелов Европа мора да влезам, оти тоа ми е единствена алтернатива, како што сум слушнал од една чудна сорта хуманоиди наречени нордистанци, иако сметам дека терминот единствена алтернатива е крајно глуп и бесмислен, ама па и самите нордистанци се такви, бесмислени.
Човекот на паркингот неколку мига размислува. Во ред, ми вели, има решение, ако немате пари, а не сакате да ги внесете Бугарите во вашиот устав, не уста, за да влезете во хотелот Европа ќе треба да ја напуштите засекогаш колумната на Русјаков.
Вонземјанинот ги спакува своите шест нозе, четири раце и едно око и влезе во бесплатниот и луксузен хотел Европа, засекогаш напуштајќи ги овие редови. И сега јас не знам што да пишувам. За реконструкција на Владата, одлуката на Стразбур или годишната програма на Министерството за култура не сакам ни да размислувам, камоли да пишувам, оти не сум па и јас дотолку мазохист. Како љубител на опијати, си реков, а да кркнам од дрогата што ја зема оној Пендиков, па да халуцинирам и јас малку стрелање Бугари на плоштади, ама сето тоа ми се гледа како бед трип. Е па, за што, по ѓаволите да пишувам? Факинг елиен, фати и се евроинтегрира, баш кога ми стана најинтересно. Значи, немојте да им верувате на вонземјани, макар и да видите како утре се гушкаат со Бајден. Жими Тим Бартон, ништо не може да им се верува!
Пишувај за еврообврзницата, милозвучно ми шепоти потсвеста.

На кого ма ти пцуеш мајка, а?
Еве го и руското влијание, ми намига, ама јок, оваа недела не им правам муабет ниту меѓу редови, оти не ми стигна неделната доза рубли и Василици прекрасни, па овие што ловат за шака долари, руски бајки во матна вода, може да здивнат. Важно ние тука во нордистанската губернија истеравме и преживеавме уште една сериозна војна. Имаше и мртви… пијани и од љубов потечени, а и нас нè отекоа колку се сакаат, ама некако и тоа го надминавме. А ха, битката за Свети Трифун или Свети Валентин и оваа година дојде како битка за или против огнови на Бадник според грегоријански или јулијански календар. Туку православниве цркви, стварно почнаа да се однесуваат како лејката и сандалата од „Животот на Брајан“. Додуша, лејката и сандалата не се однесуваа, оти беа обични реквизити, ама тоа ми е поентата, следејќи како ни ја „признаваат“ црквата, стварно ги доживувам како реквизити во нечии раце кои и не знаат баш да се крстат. Море што имиња ни налепија, очекувам веќе утре лапонската православна црква да нè признае како пингвинска црква на Нордистан. Ако, нека си играат, еве и јас ќе им додадам реплика во сценариото на комедијата што сериозно ја играат. И му се јави на Павле, на сон, човек Романец и му рече дојди во Чешка и спаси ги Словаците од Македонците.